Сител е пример за новинарство по нарачка

by Фокус

Текстот е објавен на 15-ти јули 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 837. Откако сите релевантни меѓународни организации кои ја оценуваат слободата на медиумите, веќе регистрираа дека критичарите на власта на Груевски поминуваат лошо. Надолниот тренд во новинарската сфера е официјално регистриран и од Брисел и од Вашингтон. За жал, тоа не делува „педагошки“ на тимот стациониран на Илинденска б.б.!

Владините „реформско-преродбенички“ потези на своја кожа ги почувствува и Ерван Фуере, екс-амбасадорот на ЕУ во Македонија. Откако на Сител, телевизијата на коалицискиот партнер на Груевски, кон крајот на февруари 2011, пред завршувањето на неговиот дипломатски мандат во Скопје, ќе биде објавен прилог за дострелите на амбасадорувањето на Фуере, тој се обидел да демантира дел од наводите. Се обратил до Здружението на новинарите на Македонија, но, не му е јасно зошто тоа не создало никаков ефект, т.е. гласност!

Дипломатски чекајќи го крајот на изборите во 2011, за неговата реакција да не добие политичка димензија, Фуере на 15 јуни испратил писмо и до Билјана Петковска, директорката на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Дополнително, во дописот нагласил: „Слободно споделете го со медиумите“.

Со оглед на тоа што реакцијата на екс-амбасадорот на прилогот на Сител, ниту после толку време не успеа да пробие во јавноста, во согласност со Фуере, Фокус го објавува неговото писмо до МИМ.

 

Пишувал
Ерван ФУЕРЕ

Почитувани пријатели,

Дозволете ми да ви го испратам ова писмо како скромен придонес кон вашите напори во промовирањето на медиумските стандарди, со надеж дека ќе ви биде корисен материјал за курсевите што ги нудите. Произлегува од прилогот објавен на Сител Телевизија, по повод моето заминување од Македонија, после завршувањето на мојот мандат кон крајот на февруари. Прилогот претставува еден суров пример, кој извршниот  уредник на Њујорк Тајмс, Бил Келер, би го дефинирал како „новинарство по нарачка“!

Проблемите со кои се соочуваат медиумите и професијата новинарство во Македонија се добро познати. Речиси сите медиумски куќи се погодени. Во последниот Извештај за напредокот на Европската комисија, меѓу другото, се наведува: „Сериозно загрижува заплашувањето на новинарите, кои се соочуваат со политички притисок и закани“!

Одделни новинари се соочени со толку многу притисоци што многумина од нив прибегнуваат кон сопствено цензурирање или го напуштаат напорот да бидат објективни. Практиката, јавно да се именуваат одделни новинари или специфични медиумски куќи како т.н. непријатели на државата, само затоа што објавуваат критички извештаи или написи за Владата, претставува само една од многуте практики кои преовладуваат во земјата, практики што би се очекувале од еден авторитарен режим, но сигурно не и од една земја кандидат. Во тој контекст, уште полоша е ситуацијата со медиумите во Турција!

Кога за време на мојот мандат зборував против ваквите и останатите притисоци со кои се соочуваат медиумите (како и граѓанското општество) во Македонија, јас бев строго критикуван од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Но, јас не говорев така, само затоа што чувствував дека тоа е моја должност, туку затоа што верував дека тоа е исправно. Владата се обиде да сугерира, дека јас го изразувам моето лично видување, иако се што кажав беше содржано и во Извештајот за напредокот од Европската комисија.

ЗОШТО НЕ РЕАГИРАШЕ ЗНМ?

Останувам уверен, дека одговорноста на претставникот на ЕУ е да говори за ваквите прашања, особено ако Владата не покажува никаква подготвеност да направи нешто, и покрај препораките содржани во Извештајот. Каква е воопшто целта да се има Извештај за направениот напредок, ако изостанува негово почитување во практиката? Токму тоа се случи со препораката од Извештајот, за зајакнување на политичкиот дијалог. Доколку премиерот постапеше по оваа препорака, политичката клима ќе беше многу помалку конфронтирачка, отколку што беше во последните шест месеци.

Неуспехот на земјите-кандидати, да постапуваат според ЕУ препораките, беше едно од прашањата покренати на неодамнешната Конференција за слободата на изразување и медиумите, организирана од Европската комисија, на која учествуваа неколку стотици искусни и почитувани новинари и претставници на медиумите од балканскиот регион плус Турција.

Едногласен е повикот на Конференцијата до ЕУ, таа да биде погласна во нејзините осуди на акциите од страна на владите што ја поткопуваат независноста на медиумите, и, исто така, да обезбеди суштинско применување на препораките од Извештајот за напредокот. Почитувањето на независноста на медиумите од страна на владите, треба да биде внимателно мониторирано, а нејзиното спроведување да се оценува врз основа на суштинската имплементација на законодавството (како што е правото на пристап до информации).

Во еден неодамна публикуван есеј во Њујорк Тајмс, извршниот уредник, Бил Келер, изнесе дел од главните принципи, кои, како што самиот изјави, го издвојува Њујорк Тајмс од „новинарите што пишуваат по нарачка на десницата и левицата“.

Првиот принцип, кој тој го споменува, е важноста од верификација на фактите, т.е. потребата од давање приоритет на точноста, наместо на брзината или сензационалноста.

Второ, тој нагласува дека е потребно да се биде во право, но тоа не е и доволно. Тоа, пак, значи дека треба да се тежнее кон објективноста, т.е. да не се навлегува во приказната со претходно неосновано мислење: „Ние не манипулираме и не криеме факти, само за да ја унапредиме агендата“.

Келер подвлече дека „нашата мисија не е да го кажеме она што го мислиме ние или она што треба да го мислите вие… туку на најдобар можен начин да обезбедиме основа за читателот да донесе сопствена одлука“!

Токму тука е притисокот врз новинарите, кој се случува со сегашната Влада во Македонија, каде што новинарите во многу случаи се присилуваат да го напуштат напорот да бидат објективни, за отворено да заземат страна и вестите да ги претстават на соодветен начин.

Третиот принцип, кој го подвлекува Келер, гласи – Јавно да се признае кога ќе се направат грешки или кога фактите се погрешно претставени, и да се направи исправка. Јавното признавање на грешката е сигурен знак за добро и чесно новинарство. (Има и забавен агол, како што нагласи Келер, после една неодамна објавена исправка на текст: „Во еден минатонеделен напис во Тајмс Магазин за Ивана Трамп и нејзините потрошувачки навики, погрешно била напишана количината на градниците што таа ги купила. Наместо две дузини црни, две дузини крем боја и две дузини бели, напишано било по цели 2.000 од секоја боја“).

За жал, спомнатиот прилог од почетокот на ова писмо, заради кое сакам да ви свртам внимание, претставува пример, како еден македонски медиум, во овој случај Сител Телевизија, не исполнува ниту еден од овие принципи. Прилогот беше доставен и до Здружението на новинари. Но, не знам поради која причина, Здружението беше немоќно да делува!

СИТЕЛОВЦИ ПРЕМНОГУ ЈА ЧИТАЛЕ АГАТА КРИСТИ

Ќе се обидам да илустрирам, како прилогот на Сител не ги исполнува ниту најосновните стандарди на објективно известување според образложението на Бил Келер. Ова ќе го направам само со неколку примери врз основа на текстот на овој прилог (неофицијален превод на англиски, оргиналната верзија беше повеќе пати емитувана на попладневните и вечерните вести на Сител на 26 февруари). Се разбира, однапред се извинувам за моите анегдотски коментари.

Прв пасус: „Неговата лево-ориентирана политика“.

Очигледно, ваквото етикетирање е намерно, за да се вклопи во приказната и да го остави гледачот во илузија за природата на личноста, која е предмет на прилогот.

Втор пасус: „Ниту еден ЕУ дипломат не беше толку присутен во јавноста, но, прашањето е, дали ваквото присуство одговара на еден амбасадор, и до која мера тоа ги надминува ограничувањата на дипломатското однесување, така создавајќи впечаток дека се меша во внатрешните работи на Македонија“.

Тука има безброј имплицитни обвинувања. Меѓу нив, дека сум ги претставувал моите сопствени ставови, а не на ЕУ; дека сум делувал вон моите овластувања. Во прилогот целосно се игнорира фактот, дека ЕУ и САД се гаранти на Охридскиот рамковен договор, и како такви имаат законска обврска за негово исполнување. Како што земјата напредува кон следната фаза во процесот на ЕУ пристапување, така улогата на претставникот на ЕУ нужно ќе станува уште повеќе „вмешувачка“ во внатрешните работи на земјата.

Седмиот пасус: „Додека тој беше првиот за учествување на разни натпревари во правење пити, фестивали на пиво, возење велосипед, не беше тука три дена после предавањето на Извештајот на ЕК, каде што македонскиот јазик беше избришан и заменет со фразата – „државен јазик“. Првиот пат одби да се извини, а потоа, под притисок од Брисел, следуваше половично-извинување“.

Сител, како ТВ станица која тврди дека промовира почит кон македонските културни вредности, треба да биде среќна што странските дипломати имаат интерес за локалните традиции, кои, меѓу другото, вклучуваат и земање часови по македонско оро – успешна иницијатива на словенечкиот амбасадор во која јас учествував со големо задоволство (што ми овозможи со задоволство да играм на македонските традиционални свадби – најдоброто танцување што сум го видел во светот), или да учам македонски јазик (за жал, не толку успешно).

Сугестијата, дека исчезнав на три дена во најважниот период, ја надминува имагинацијата на еден ЕУ претставник. Можеби во Сител прочитале премногу книги од Агата Кристи (нејзиното необјасниво исчезнување од десет дена во далечната 1926 година, еве, до ден-денешен останува мистерија). За жал, во мојот случај не беше толку романтично. Имено, јас бев, и тоа како присутен во јавноста. Од моментот на претставувањето на Извештајот за напредокот кај Премиерот во 17.30 часот на 9 ноември, па се до крајот на деновите што следеа, низ гостувања во медиумите, состаноци со бизнис елитата, граѓанското општество, државните институции, и периодичното претрчување до Рамстор, за да се снабдам со вино и банани.

ЕВРОПСКИ ПАРИ ДОБИ И КАНАЛ 5

Што се однесува, пак, до „притисокот од Брисел“ и моето „половично извинување“ факт е дека не сум добил никакви инструкции од Брисел за ова прашање. Тие беа исто толку изненадени, колку и сите ние во Скопје, дека владата и нејзината партија ќе се фокусираат исклучиво на ова прашање, иако и претходните Извештаи за напредокот ги содржеа истите референци. Јас најискрено верував дека се работи за недоразбирање, т.е. дека немаше скриен мотив. После се, дадов двосмислено извинување. Тоа може лесно да се провери во записникот на Собранието.

Потоа, верувале или не, Мартин Протогер, шеф на кабинетот на премиерот, се јави во мојата канцеларија за да инсистира, лично јас да го примам вицепремиерот Наумовски со копија од Извештајот за напредокот што ја имав дадено на Премиерот, за така – пред камери, со пенкало в рака, да ги изменам зборовите во Извештајот – за да биде „македонски јазик“, наместо постојниот текст. Ова барање на Протогер доволно зборува за недостигот од разбирање на оваа Влада за функционирањето ЕУ, дека Извештајот се драфтира и финализира во Брисел, а не во Скопје. Едноставно, ние сме куририте до даденото место.

Деветтиот пасус: „Тој беше остар во неговите повици до ДПА да се вратат во Собранието, но беше многу помек во однос на бојкотот на СДСМ“.

Доколку Сител се потрудеше да ги провери моите изјави, дадени во медиумите за собраниските бојкоти од било која партија, лесно ќе се увереше во апсолутната конзистентност на тие изјави. Но, повторно велам – Доколку го направеа, тогаш тоа немаше да се вклопи во „новинарските извештаи по нарачка“!

Десетти-дванаесетти пасус: „Фуере обожуваше да зборува за независноста на медиумите и нивната еднаквост, но никогаш не одговори, зошто делегацијата на ЕК во Македонија на која беше шеф, поддржува само две ТВ станици со 400.000 евра, неговите омилени А1 и Алсат“.

„Европскиот амбасадор ги критикуваше наводните напади врз граѓанското општество, но во пракса со европски пари на неговата делегација во износ од 1,5 милиони евра, од кои половина од вкупната сума беше наменета за граѓанското општество, ги поддржа Сорос на Владо Милчин, или организации поврзани со него“.

„Останатите невладини организации кажуваат дека делегацијата најчесто склучува договори со само две или три организации за договори од милион евра… Има случаи каде што тендерите за исти проекти се објавени двапати, без јавен повик дека договорот пропаднал првиот пат“.

Постапките за тендери за фондови на ЕУ подлежат на ригорозни мерки надгледувани од внатрешни и надворешни ревизори. Доказот дека не постои фаворизирање се покажува со големиот број на корисници (Канал 5, инаку, исто така има добиено финансиски средства од ЕУ). Особено, голем број на граѓански организации од целата земја имаат добиено финансиски средства по горенаведените тендерски постапки.

Примерот што Сител го избра во својот прилог (Фондацијата Сорос отворено општество, која доби нешто помалку од еден милион евра), беше всушност дел од еден поширок проект во Балканскиот регион за промовирање на меѓуетничка толеранција на локално ниво, според буџет одреден во Брисел, без интервенција од страна на нашата делегација. Посочената сума е само дел од средствата резервирани за граѓанското општество во земјата.

ЛАЖНО ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА РЕАЛНОСТА

Сите овие информации се јавни и лесно достапни, за да може секој чесен професионален новинар да ги провери. Патем, од спомнатиот проект, корист имаа илјадници млади луѓе во 26 општини низ Македонија, и тој доби многу позитивни коментари. Но, се разбира, Сител одбра да ги игнорира овие „детали“ бидејќи тие не би се вклопиле во нарацијата на прилогот и субјективната импресија што требаше да се пренесе на слушателите.

Следниот пасус: „Фуере имаше најголем судир со владата на Груевски  околу усвојувањето на законот за анти-дискриминација. Јавноста ќе се сеќава дека во тоа време Фуере силно ги промовираше правата на хомосексуалците и ја обвини владата дека не им дава доволна поддршка, заборавајќи дека и во ЕУ има земји како Полска и Литванија, кои имаат уште построги закони од нашите“.

Сител очигледно го игнорира фактот, дека во дебатата околу законот за анти-дискриминација, лично комесарот Филе на 31 март 2010 година му имаше напишано писмо на Премиерот, охрабрувајќи го да овозможи усвојување на законот во целосна согласност со ЕУ законодавството. Ова писмо беше подоцна и објавено, поради почетниот неуспех на владата да го признае неговото постоење. Добро е познато дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ се обиде лажно да ја претстави дебатата за законот, со цел фокусот да биде исклучиво на сексуалната ориентација. Дури и сугерираше, дека ЕУ се обидува да наметне „бракови од ист пол“. Повторно навредливо и лажно претставување на реалноста!

Последен пасус: „Никој во Македонија нема да успее да го фати бурето на Охридскиот рибарски фестивал толку многу пати како Фуере. Тој во Македонија ќе биде запаметен најмногу заради тоа“.

Јас целосно уживав во секоја прилика да им се придружам на рибарите кои пливаа како дел од Водици, и бев почестен да бидам дел од една таква голема традиција. Зошто никој од владата не се приклучи, ако толку се љубоморни… Дури можеа и да го освојат бурето!

Навистина се извинувам за должината на ова писмо. Сепак, се надевам дека ќе биде корисно за работата на Институтот. Слободно споделете го со медиумите. Можеби и на Здружението на новинари ќе им биде интересно да го имаат.

Ја користам оваа прилика, уште еднаш да се заблагодарам за привилегијата што повеќе пати ми ја дадовте, да го посетам Институтот и да зборувам со студентите. Убеден сум дека Институтот ќе продолжи да игра витална улога во негувањето и подобрувањето на независноста на медиумите, како и во промовирањето на највисоките медиумски стандарди, кои новинарите треба да ги следат.

Со почит, 
Ерван ФУЕРЕ

Поврзани новости