Сите креваат раменици за незаконската изборна единица

by fokus

Политичките партии се согласни дека условите за демократски избори се исполнети и дека на 11 декември ќе има фер политички натпревар. Сепак, главните преговарачи во предизборниот процес, свесно изоставија една клучна точка, која според голем дел од експертската јавност, може да да ја доведе во прашање легитимноста на изборите.

Најспомнуваната шеста изборна единица предизборно остана нерешена. На последната собраниска седница, предлогот за изнаоѓање решение за вишокот гласачи во “шестката” беше отфрлен од пратениците и не се најде на дневен ред.

По распуштањето на Собранието, спикерот Трајко Вељановски вели дека за овој проблем решение треба да се бара кај Државната изборна комисија.

Од ДИК пак, останува на својот став, дека немаат никаква надлежност за решавање на проблемот во шестата изборна единица. Сепак, Комисијата уште пред два месеци го предупреди Собранието и министерството за правда дека шестата изборна единица е незаконска, но никој не презеде ништо.

За претседателот на опозициската СДСМ Зоран Заев вината за незаконската „шестка” е во рацете на власта. Кратко по распуштањето на Собранието Заев рече дека ниту една од владејачките партии не сакала да разговара за нееднаквоста на изборните единици, па се си остана како што беше.

Лидерот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи и покрај тоа што во неколку наврати инсистираше на решавање на проблемот во шестата изборна единица,  се откажа од инсистирањата.

ДПА пак единствено веќе најавија дека нема да ги признаат резултатите од изборите доколку забележат дека не се решени отворените прашања за изборните единици

Дека решение за незонската „шестка” треба да се најде пред изборите, недвосмислено порача и еврокомесарот Јоханес Хан на неговата последна средба со политичките партии.

Поврзани новости