Синот на Неделкова бил ангажиран во СЈО, па затоа била изземена од два предмета?

by fokus

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, неодамна ја изземал судијката Лидија Неделкова од два предмети кои пристигнале од Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Од Врховниот суд ја потврдуваат информацијата, а како што дознаваме неофицијално, причина за изземањето било тоа што нејзиниот син наводно бил ангажиран во СЈО.

Судијката Неделкова вели дека таа не била информирана за изземањето.

-Прв пат слушам дека сум изземена од постапување по некој предмет, а впрочем од 30 март годинава и физички ми се земени сите кривични предмети, особено оние на СЈО и претходно. Каква и одлука да е донесена, јас прво треба да знам, а во секој случај истата е незаконита, од едноставна законска причина што не можам да бидам изземена во предмети во кои не постапувам и од спинувана причина. А, никако не може да се донесе одлука за „општо“ и однапред изземање на судија, изјави судијката Неделкова, за „Фокус“.

Од СЈО добивме одговор дека синот на Неделкова не е вработен во ова обвинителство, без да коментираат дали на било каков друг начин бил ангажиран.

Неделкова, пред неполн месец, беше тргната и од Кривичниот совет на Врховниот суд, откако се изјасни дека Републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски не може да поднесе Барање за заштита на законитоста за притворот на бизнисменот Сеад Кочан, бидејќи предметот е во надлежност на СЈО. Со измени на годишниот распоред, направени од претседателот Вангеловски, таа од Кривичниот оддел, беше распоредена во Одделот за судска пракса.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости