Си беше еден празник…

by lali

JaniЕден ден, откако Никола се разбуди и виде дека на празникот што го воведе партијата за која гласаше во последните четири години, конечно, има сонце, бргу отрча кај своите деца Александар и Олимпија. Го тргна отчетот со кој имаа заспиено и викна: „Ајде, одиме во парк!“.

За разлика од порано, со насмевка го зеде и кучето. „Па, празник е“- помисли. И за да не губат време дома со појадок, реши за празникот „денот голем“ да ги почести со симит-погачи. Тамам да купи од маалската пекарница, кога ете ти го однатре се појави Пешевски во зелена маичка како дели флаери за здрава храна. Ги искара дека не внимаваат на својата линија и дека ова е само опомена од Владата. Никола и децата само се насмевнаа, не сонувајќи како ќе помине празникот. Набрзина ги изедоа симитките и тргнаа во парк.

Тој трчкаше, Александар на велосипед, а Олимпија со ролерки се бркаше со кучето.

Сакаше да ужива во денот и ја испрати Олимпија по кутија цигари, па Александар го зеде кучето со него покрај велосипедот. Тишината од паркот ја проби еден свиреж. Подзастанаа, свирежот се повтори. Се завртеа, свирежот доаѓаше од еден полицаец, следен од неколку негови колеги.

Откако Никола се заврте околу себе, сфати дека свирката беше упатена кон него. „Господине!“- отсечно почна полицаецот, „Честит празник, но морам да Ве казнам, и тоа: 50 евра за возење куче за синџир со велосипед. Ти, мали, колку години имаш?“ – продолжи полицаецот да ја разбива тишината во паркот. „Деееевееет, чичко полицаец. Девет?“ – Уште 50 евра зашто немаш шлем. Александар се обиде да објасни дека победил на натпреварот во вештини со велосипед, дека ова е парк, но полицаецот немаше време. Додека ги допишуваше казните, полицаецот погледна како Олимпија се враќа со цигари, ама поради ископаниот тротоар со месеци, забележа дека истиот го заобиколува преку коловозот. Полицаецот повторно грмна – 30 евра за возење на ролерки по коловоз. Никола се обиде да разговара, но знаеше дека во партијата го учеа да молчи и да трпи, власта секогаш е во право, зар не.

Не сакаше ова да му го расипе празникот. Арно ама, додека уште собираше сила да се соземе, заѕвони мобилниот. Се јави неговата сопруга Владанка, дома протекло парното. За да ќари во време, ги натовари велосипедот, кучето и двете деца во такси и извика: „Побрзо брат, дома имам поплава“.

И само што таксистот заврти на раскрсницата, од грмушка излетаа еден куп полицајци, а зад нив неколку камери и позната фаца облечена во жолта ролка со флаери в рака. Никола не успеа ни да ја отвори устата и да каже дека во неговиот стан се случува Титаник, кога ете му казна од 50 евра што како совозач нема врзано појас. Иако бргу ја плати казната, не можеа да тргнат веднаш, неколку полицајци го испрашуваа англиски возачот на таксито.

Некако стигнаа до дома, ги испрати децата горе, а Владанка од паника наместо кај Никола, ко за беља клучевите од автомобилот ги фрли врз скелето со кое се гради барокната фасада. Некако се дограби до клучевите и тргна со кола по мајсторот за парно. Го знаеше од избори, тој за разлика од Никола, сѐ уште чекаше да влезе во администрација, иако беше комшија на Трајко.

Се чудеше како победува градоначалникот од нивната партија, а до комшијата на Трајко се стигнува по каллива улица. Го зеде мајсторот и го замоли да се врзе зашто уште на предната страна стоеше флаерот на Гоца. Тргнаа по Партизанска, пцуејќи го таканаречениот „Зелен бран“ на Коце и одеднаш, пак куп полицајци. „Среќа“ – помисли Никола – нема камери, погледна дека се врзани и бргу го отвори прозорецот. Додека едниот полицаец се приближуваше, ги слушна другите двајца: „Ајде уште овој и тамам имаме 20 за денес“.

Додека сфати за што се работи, слушна: „Имате кал на гумите, господине, а тоа е 100 евра“. Сакаше да се расправа, но немаше сила, а покрај тоа неговиот мобилен упорно се тресеше од повиците на жена му Владанка. Плати и тргна накај својот Титаник.

Мајсторот бргу се зафати со затворање на вентилот и негова замена со нов. Додека Никола немо гледаше во таванот, чекајќи Владанка да го донесе пивото за него и мајсторот, некој заѕвони на вратата. Помисли доаѓа некој комшија на помош, но на врата Миле со жолта маица, неколку камермани и некои луѓе. Не е кампања, што бара Миле? Луѓето зад Миле се претставија дека се инспектори и прашаа дали се роднини со мајсторот. Откако Никола одговори негативно, отворија еден тефтер и по подолго пишување поделија две казни, од 1.500 евра за мајсторот и 1.000 евра за домаќинот. Мајсторот немал лиценца.

Откако неканетите гости заминаа, го поттргна пивото, веќе не можеше ниту да зборува, ниту да голта. Се заврте немо накај Александар и Олимпија, во заднина Хорхе зборуваше за демократијата, добрата бизнис-клима и перспективите на младите.

Гледаше немо, а во главата се обидуваше да ги собере еврата со кои го прослави празникот на неговата партија. 1.350-1.380 евра, а требаше да биде празник. За еден ден треба да исплати пет и кусур месечни плати.

Иако не го ни пипна пивото, од немоќ потона во длабок сон, веруваше дека утрото ќе биде попаметно од ноќта и ова ќе биде само една невкусна шега од неговите колеги. Затоа следното утро, уште недозавршен алармот, побрза на работа. Во неговата канцеларија секогаш имаше метеж, имаше три бироа и седум столчиња. Осмиот што стоеше, беше од друга партија.

Тамам почна да им раскажува што му се случи претходниот ден, влезе неговиот шеф. Шефот во кеса носеше три шишиња и со висок тон се обрати: „Никола, слушам завчера си добил шише виски како подарок? Ајде, давај го тоа веднаш, морам согласно уредбата на Владата да одам на пазар да ги продавам“.

Никола го подаде шишето, ги погледна колегите и се фати за мобилниот. Со треперлив глас кажа:

„Владанка спреми ги пасошите, тргаме веднаш, ќе се обидам да ги спасам нашите деца!“.

Поврзани новости