Штипски универзитет: Професорите да прекинат со штрајкот со глад, постапката ќе се повтори

by Фокус

По 11-дневен штрајк на тројцата професори Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски, бидејќи како што велат, незаконски се избркани од работа, конечно преку соопштение се огласија од  штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“.

Од таму потврдија дека го добиле решението од страна на Државниот просветен инспекторат, изготвено по направениот инспекциски надзор и ќе постапат по него кон средината на август.

– По однос на решението е веќе постапено, односно рецензентските комисии ќе изготват нови извештаи согласно забелешките од Државниот просветен инспекторат, кои ги очекуваме кон средината на месец август 2014 година, врз основа на кои ќе се формализира процедурата. Истовремено, апелираме до тројцата наши професори, доколку нивните намери се навистина искрени, во насока на задоволување на правдата, да се воздржат од понатамошно штрајкување и притисоци врз надлежните институции со цел процедурата да продолжи да се спроведува во услови коишто ќе дозволат задоволување на интересите на сите засегнати страни – се наведува во соопштението од Универзитетот.

Тројцата универзитетски професори велат дека и понатаму продолжуваат со штрајкот со глад.

Поврзани новости