Шопска свадба без младенци во недела: Дискриминирачки услови за зетот и невестата – помлади од 35 години и да им биде прв брак!

by Fokus

Во недела, на 24 – ти септември, на локалитетот Камени кукли, во селото Куклица, Кратовско, ќе се одржи третата по ред традиционална Шопска свадба.

Организатор на манифестацијата е здружението ,,Етно ризница’’ од Куманово, а во првите две години настанот се одвиваше со цела свадбена церемонија, со младенци кои се венчаваа во традиционални носии од Североисточниот крај, возобновувајќи ги старите обичаи, пред илјадници гости.

Минатата година младенци беа Даниела Ангеловска од Кратово и Александар Петров од Неготино, своевремено рап музичар, кој настапуваше под уметничкото име Вукац.
Но, оваа година, Шопска свадба ќе се одржи без младенци, бидејќи ниту еден пар не се пријавил.

Драган Митевски Јаким, кој е дел од организацијата, вели дека нејзината цел е да се зачува историското и културно наследство, традицијата и обичаите, и доближување до помладите генерации.

,,Настанот го организираме по трет пат, со цел да стане традиција. За жал, оваа година немаме пријавени младенци’’ – ни изјави тој.

Она што е посебно интересно, околу условите за пријавување на младенците, е тоа што тие не смеат да бидат постари од 35 години, и ова мора да им биде прв брак.
На нашата констатација дека сепак, условите се дискриминирачки, Митевски вели дека нема проблем во иднина да се корегираат.

Лани на традиционалната свадба имало околу 2.000 гости. Невестата пристигнала на коњ, а тазе бричениот зет ја побарал за сопруга од нејзината мајка. Потоа, како дел од обичаите, зетот го кителе со пари. Гостин на минатогодишната манифестација бил и Јацек Мултановски, амбасадор од Полската амбасада, кој бил и кум на младите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости