Шиповиќ и во СДСМ потврдил дека „преминува“ кај ВМРО

by Фокус

Претседавачот на советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ, кој вчера одржал средби со советничката група и со раководството на СДСМ, потврдил дека ќе ги поддржи нивните детални урбанистички планови на утрешната седница на советот, рече денеска сдсмовскиот портпарол Петре Шилегов.

– Потврди дека е под невидени притисоци – исткана Шилегов.

Станува збор за ДУП-овите Тасино Чешмиче 1, Мал Ринг и Капиштец-Водно, чие утрешно изгласување, според градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, значи дека бизнис интересите на власта се ставаат пред безбедноста на граѓаните.

– Ако оваа драматична слика од паднатиот потпорен ѕид не загрижува никого и не размислуваат дека доколку ова се случеше преку ден, овде ќе имаше жртви, и тие ќе беа нечии деца и внуци, тогаш е јасно кои се вистинските мотиви ВМРО –ДПМНЕ да предлага ДУП со хотел од 10 спрата – изјави Жерновски од локацијата каде пред некое време се урна потпорен ѕид.

Тој додаде оти на таа локација прво се предвидувал објект од еден спрат, додека една година подоцна се предвидувале 4 ката, за сега да се предложува десекатен хотел.

-Во 2009-та година, кога бил предвиден само 1 спрат, ИЗИС констатирал дека параметрите на земјиштето го немаат потребниот фактор на стабилност, па ако за еден спрат експертите се загрижени за безбедноста и стабилноста на земјиштето, тие што утре имаат намера да гласаат за овој ДУП, нека сфатат што ќе значи изградба на десеткатница – истакна градоначалникот на Центар.

Досега, опозициските партнери имаа мнозинство во советот за глас еден повеќе, кој беше анулиран со апсењето на Шиповиќ, кој доколку утре покаже дека преминува на спротивната страна, автоматски значи прераспределба на силите во советот во корист на централната власт.

Поврзани новости