Седумина од терористите во Диво Насеље осудени на доживотен затвор, 13 на 40 години и четворица ослободени од вина

by Fokus

На казна доживотен затвор се осудени седумина обвинети за терористичкиот напад во кумановско Диво Насеље, а 13 обвинети добија казна од 40 години затвор.

На казна затвор од 20 години пак се осудени петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години.

Четворица од обвинетите, пак добија и ослободителна пресуда бидејќи како што истакна судијката, обвинителството не доставило доволно докази. Ова е одлуката која денеска судијката Верка Петровска ја соопшти за обвинетите во случајот Диво Насеље, во кој беа убиени осум припадници на МВР.

Пресудата во судница ја слушнаа само тројца од обвинетите, а останатите беа отстранети по наредба на судијката, бидејќи уште на почетокот станаа од своите столчиња, почнаа да зборуваат и да пеат. Еден од обвинетите во знак на револт беше соблечен гол до појас и полицајците го покрија со ќебе, а останатите во еден глас ја пееја албанската химна и извикуваа УЧК, УЧК, како и ветување си е ветување,

Поради настанатата тензична атмосфера во судницата, судијката даде наредба да се отстранат. Пред да излезат, еден од обвинетите извика:

– Ние не сме терористи, ние сме УЧК. Терористите го нападнаа парламентот, пратениците се тие, вие не нападнавте нас – рече еден од обвинетите.

Во моментот пред судот се присутни дел од роднините на обвинетите, кај кои видно е разочаувањето откако ја слушнаа пресудата. Радост имаше само кај четири семејства чии што блиски добија ослободителни пресуди.

Покрај досудените казни, обвинетите добија задолжување од судот да ги надоместат трошоците за судската постапка, односно за нивниот спровод од затворите до судот, кои се во износ од околу 13 милиони денари.

В.В.

Поврзани новости