Се одржа Фестивал на храна во Америка: Јасмина Мукаетова готвеше волонтерски за иселениците

by Fokus

За време на викендот во Тотова, Њу Џерси, САД, под покровителство на МПЦ Свети Никола се одржа осмиот традиционален Фестивал на храна – Food fest, каде нашинците кои живеат во Америка ги презентираа Македонските кулинарски специјалитети.

Скарата, сармите, баклавите, торти, зелници, разни колачи, Македонска музика и пијалоци својствени за нашиот крај, привлекле голем број на посетители, не само од Македонија, туку и од други земји, поради популарноста што ја стекнал фестивалот изминативе години. Се продавале и сувенири, со наши обележја.

,,Датумот на одржувањето на фестивалот не е секогаш ист, но се одржува секогаш околу 8-ми септември, денот на осамостојувањето на Македонија. Два дена дружба, веселби, заборавање на сите проблеми, и што е најважно, овде не се зборува за политика. Сите заедно се забавуваме и уживаме во вкусната храна, без оглед на тоа од која партија сме’’ – раскажуваат нашинци кои секоја година биле редовни на фестивалот.

Додаваат дека ова е начин да и се помогне на црквата, и многу од присутните оставале и свои донации. Фестивалот на храна, Новогодишната прослава, Божиќ, Стара Нова година и Тиквешка Вечер биле манифестациите во Њу Џерси, каде се собирале најмногу приходи за црквата секоја година. Секој што имал слободно време, волонтерски помагал во приготвувањето и служењето на храната и во другите активности околу организацијата.

Помеѓу волонтерите, годинава била и Јасмина Мукаетова, фолк пејачката која во ек на својата популарност се пресели во Америка и ја прекина музичката кариера. Таа веќе долги години живее во Њу Џерси со сопругот, кој по потекло е од Кавадарци, и со синовите кои ги роди во Америка.

,,Ова ви е како Македонија во мало, потсетување на животот што го имавме во нашата татковина. Убав повод да се собереме, но и да и помогнеме во исто време на црквата. Да се навратиме на старите времиња, да ги пееме нашите изворни песни, да уживаме во прекрасната храна што ја готвеле нашите мајки и баби во минатото. Драго ни е што на фестивалот има и гости од други националности, на кои со гордост им презентиравме дел од нашата култура’’ – ни раскажаа наши иселеници од Тиквешијата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости