Се комплетира документацијата за екстрадиција на Грујевски и Бошковски

by fokus

Во Кривичниот суд веќе неколку дена се прибираат документите потребни за екстрадиција на бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски, па како што појаснуваат оттаму, откако ќе бидат комплетирани ќе бидат испратени до Министерството за правда.

Оттаму додаваат дека при комплетирањето на документите воопшто не е пречка тоа што обвинителните акти за „Таргет“и „Тврдина“, во кои се обвинети Грујевски и Бошковски, се уште не се оценети.

Случајот „Тврдина 2“, во кој исто така е обвинет Груејевски, веќе е во судска постапка, односно судот одлучи да му суди во отсуство.

Откако документите ќе стигнат во Министерството за правда, ќе мора да се преведат, и потоа ќе бидат испратени во Грција. Грчките власти анализирајќи ги ќе одлучат дали има основ за да ги екстрадираат бегалците.

Како и да е, процесот за екстрадиција нема да може да започне се до 1 декември, за кога е закажано новото рочиште на кое треба да им се суди на двајцата македонски државјани за лажните бугарски пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром.

Во просек постапките за екстрадиција траат од три до шест месеци, а за тоа време бегалците се наоѓаат во екстрадиционен притвор.

Сепак праксата покажува дека ваквите постапки може да траат и многу подолго, како во случајот со екстрадиција на бегалецот Сулејман Османи кој беше упасен во Косово откако избега по нападот во Гошинце. Процедурата за негова екстрадиција траеше цела година.

В.В.

 

Поврзани новости