СДСМ: Заврши времето кога студентите чекаа за стипендии, додека функционерите на ДПМНЕ трошеа стотици илјади евра во луксузни ресторани

by Fokus

Започна решавањето на напластените проблеми што на граѓаните им ги создадоа и оставија од ВМРО – ДПМНЕ. Граѓаните ги чувствуваат придобивките уште во првите неколку дена од работата на новата Влада, тврдат од владејачката партија.

– Навремено се исплатени пензиите, исплатени се задоцнетите субвенции и стипендии, отворени се портите на Владата за сите граѓани, транспарентно и отчетно се води Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев. Ќе има и зголемување на минималната плата на 12.000 денари до крајот на буџетската година, како и финансиска помош и поддршка за развој на домашните фирми и одговорно менаџирање со ресурсите на земјата што ќе придонесе кон севкупен раст на економијата – се наведува во партиското соопштение од СДСМ.

Од таму истакнуваат дека со тоа започнува новата перспективна иднина за граѓаните и државата.

„Заврши времето кога студентите ги чекаа своите пари за стипендии што им следуваат по закон, додека функционерите од редовите на ВМРО – ДПМНЕ трошеа по стотици илјади евра за скапи ручеци по лускузни ресторани. ВМРО – ДПМНЕ е партијата која под водство на Никола Груевски втурна над 500.000 граѓани да живеат во сиромаштија додека тие ги полнеа своите џебови со украдените пари од граѓаните. Заврши времето на антиреформската фамилија на Груевски која се коцкаше со парите и иднината на граѓаните. Ќе има одговорност за сите злоупотреби на парите на граѓаните и оттаму е нервозата во ВМРО – ДПМНЕ“, порача СДСМ.

Поврзани новости