СДСМ: За десет месеци 115 лекари ќе заминат за странство, а за три години заминале 606 лекари

by Фокус

Дури 115 лекари за неполни десет месеци побарале од Лекарската комора потврда за заминување во странство, додека за последните три ипол вкупно 606 искусни лекари, информираат од опозицискиот СДСМ.

– Станува алармантна состојбата со недостиг на стручни и искусни лекари во земјава. Очигледна е паниката на власта којашто повеќе не е во можност да ја покрива реалноста. Дека им се случува лекарски егзодус, поради мизерните плати што им ги даваат на лекарите, поради потценувачкиот однос кон луѓето кои се грижат за најсветото нешто, здравјето на граѓаните. Тодоров распиша оглас за вработување лекари специјалисти од Србија. За да ги убеди, министерот за здравство, покрај плата, на српските лекари им најави дека државава ќе им го покрива и сместувањето во Македонија – истакна Ален Георгијев, пратеник од Штип.

Според него, власта на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието изгласала измени на Законот за здравствена заштита со коишто на здравствените работници им овозможува доброволно да го продолжат работниот однос до 65 години жени и до 67 години мажи.

– Затоа што до 2019-та година според најавите во јавноста, уште 1.279 стручни лекари, специјалисти и универзитетски професори треба да заминат во пензија! Фрчат специјалисти од САД, Германија, Италија и Англија, за да обучуваат лекари во нашата земја и да ги прават тешките операции. Зашто клиниките се окупирани од партиски кадри, без соодветен работен стаж, некои од нив без соодветна едукација, без искуство. Ќе треба да поминат години да се постигне искуството и стручноста на специјалистите кои ја напуштаат земјава. Политиките на власта на Никола Груевски на партизација на здравството го земаат својот данок. Тоа е, за жал здравјето на нас граѓаните – тврди Георгијев.

СДСМ повикува власта веднаш да престане да глуми усовршување на здравството, Тодоров и Груевски треба веднаш да го признаат проблемот со одливот на стручна лекарска работна сила во странство и да преземат мерки за негово решавање.

 

Поврзани новости