СДСМ: Не е точно дека случајот Македонска банка е застарен!

by Фокус

Не е точно дека има застареност на случајот Македонска банка, изјави Петре Шилегов, портпарол на СДСМ, откако јавниот обвинител Марко Зврлевски преку соопштение се огласи дека настапила застареност на кривичното гонење, затоа што минале повеќе од 10 години без ниту едно процесно дејство.

Никола Груевски, според аудио снимката, договорил 1.500.000 евра во кеш. Во тој период, кога според аудио разговорот е договорена реализацијата на ратите, направени се измени во Кривичниот законик со коишто е продолжено застарувањето на дело, од 10 на 20 години, за случај во којшто е предвидена затворска казна од 4 до 15 години. Исто така, Груевски со непријавување на примените 1.500.000 евра во кеш изгбегнал плаќање данок. Со образложението дека трансформацијата на капиталот на Македонска банка завршила во јануари 2004-та година, обвинителството се впуштило во истрага. Затоа е нелогично отфрлувањето на пријавата од страна на обвинителот Зврлевски“, рече Шилегов.

Според СДСМ, одлуката на јавниот обвинител Марко Зврлевски е скандалозна и срамна и е доказ дека во Македонија нема држава, туку сѐ е партија.

Марко Зврлевски, Државен јавен обвинител

Марко Зврлевски, Државен јавен обвинител

„Јавниот обвинител Зврлевски го оправдува противзаконското посредување при примање на милионскиот поткуп со застареност. Со тоа Зврлевски призна дека има кривично дело во случајот Македонска банка. Уште поважно, Зврлевски не негира дека постои кривично дело даночно затајување од 225.000 евра направено од страна на Никола Груевски. Обвинителот ја отфрлува пријавата со оправдување дека немал докази за тоа дело“, вели Шилегов.

Според него, Зврлевски бил законски обврзан да ги сослуша и Никола Груевски, и учесниците во телефонскиот разговор со кои тој го договара 1.500.000 милионскиот кеш, како и подносителите на кривичната пријава.

„За целата јавност, од вчера, Никола Груевски е амнестирано, аболирано и помилувано лице“, велат од СДСМ.

Опозицијата го повикува Груевски да одговори дали е негов гласот на аудио снимката и дали тој ја договорил продажбата на Македонска банка. СДСМ го повикува и обвинителот Зврлевски на телевизиска дебата, на којашто тој со кој било од обвинителството ќе ги соочи аргументите со правниот тим на СДСМ кој ја поднесе кривичната пријава за случајот Македонска банка.

„Така јавноста нека суди има или нема кривично дело“, вели Шилегов.

Поврзани новости