СДСМ не дозволи кршење на собранискиот Деловник, топката е кај ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во следните денови ќе им даде шанса на партиите да се договорат за Законот за јазици. Доколку не се разреши настанатата ситуација, Џафери ќе пресече како би се одблокирала работата на Собранието. ДУИ од една страна и понатаму инсистира Законот за употреба на јазици да се изгласа пред да се премине на другите точки, а ВМРО-ДПМНЕ не отстапуваат од друга страна и немаат намера да ги повлечат илјадниците амандмани.

По вчерашните настани во Собранието, кои се одвиваа зад затворени врати, денеска молк од партиите. Ниту една од парламентарните партии не излезе со објаснување зошто по неколку одложувања вчерашната седница не се одржа воопшто. Пратениците од парламентарното мнозинство велат дека владејачката коалиција не е загрозена, иако вчера имало сериозни несогласувања.

Според извори од Собранието кај пратеничката група на СДСМ и коалицијата има различни мислења по однос на предлозите Законот да се гласа без да се отвори амандманска расправа. Сепак, повеќето пратениците се против овој предлог, затоа што на тој начин би се прекршил Деловникот.

Во интерес на тоа, велат, треба да се даде шанса на дијалогот.

-Деловникот е јасен и мора да има дијалог со ВМРО-ДПМНЕ по однос на тоа – брифираат извори од владејачката коалиција.

Тие негираат дека се против Законот откако Џафери изјави дека Законот не поминал на вчерашната седница затоа што дел од пратениците на СДСМ одбиле да го поддржат.

-Како пратеници во таа коалиција го поддржуваме Законот. Не е точно дека нема да го гласаме, ќе го гласаме, но сакаме да видиме дали постои можност да се договориме – велат од пратеничката група на СДСМ.

Оваа недела Собранието ќе мирува за да се смират страстите. Следната недела ќе се прават нови напори за партиите да дојдат до заедничко решение. Можна е и интервенција од меѓународниот фактор, за проблемот да се отклони како би продолжила расправата за пакетот реформски закони.

Вчерашната ситуација во Собранието уште еднаш покажа дека владее поделеност во редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа пратеничка група е поделена на тврдо крило, чија идеја беше поднесување на илјадници амандмани, и меко крило од поддржувачи на новиот партиски лидер, кое е поконструктивно и отворено за разговори. Од нивното усогласување ќе зависи дали и како ќе се одблокира собраниската расправа.

-Се очекуваше дека Џафери ќе го прекрши Деловникот со тоа што ќе стави Законот на гласање без амандманска расправа. Преовлада разумот со што се покажа дека во СДСМ има разумни луѓе што не се подготвени да дозволат вакво однесување – велат извори од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

На координациите изминативе денови, брифираат од Собранието, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ имала двајца претставници, новиот координатор, Драган Данев, и стариот Илија Димовски.

Се чини дека од овие причини ВМРО-ДПМНЕ нема намера да предизвикува инциденти во Собранието доколку Џафери реши да и стави крај на блокадата на свој начин. Поради тоа и постои надеж дека ќе преовлада флексибилноста во редовите на ВМРО-ДПМНЕ и дека партиите ќе се договорат како би продолжила имплементацијата на реформите.

Маја Васева

Поврзани новости