СДСМ ќе биде неутрална во битката меѓу Села и Мерко во Струга

by Фокус

СДСМ нема да заземе страна во вториот круг на локалните избори во Струга, каде ќе се судрат кандидатите за градоначалници на владините коалициски партнери Алијансата за Албанците и ДУИ – Зијадин Села и Рамиз Мерко, велат за Фокус високи партиски извори од СДСМ.

Во првиот изборен круг, најмногу гласови во Струга освои лидерот на Алијансата за Албанците, Села, за кого гласаа 9.289 граѓани, додека неговиот противкандидат од ДУИ, Мерко, заврши на втората позиција со 7.916 гласа.

За разлика од многу други општини со доминантно албанско населние, каде СДСМ не истакна свои туку ги поддржа кандидатите за градоначалници на ДУИ, партијата во Струга го кандидираше Васил Ашталкоски, кој освои високи 7.140 гласови.

Со оглед дека располага со значителен квантум на гласови, најголемата владејачка партија практично може да го реши победникот во Струга, но од таму велат дека нема да ги насочуваат гласачите кон ниту еден од двајцата кандидати, туку ќе остават самите слободно да одлучат кому да му ја дадат поддршката.

Впрочем, СДСМ не сака да се меша во оваа битка, бидејќи станува збор за општина која е од исклучително значење еден од нивните постизборни коалициски партнери – Алијансата за Албанците, која во Струга го вложува кредибилитетот на партискиот лидер.

Инаку, Села не кандидираше кандидат за градоначалник во Кичево, каде го поддржа Фатмир Дехари од ДУИ, со очекување дека ДУИ ќе му возврати со поддршка во Струга, која не се случи бидејќи, како изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, партијата одлучила да ги измери силите со Алијансата во Струга.

Во вториот круг, Села влегува со предност од 1.382 гласа пред Мерко од првиот круг, а воедно може да смета и на поддршката од БЕСА, чиј кандидат Лавдрим Елмази освои над 1.000 гласа.

В.С.

Поврзани новости