СДСМ: Груевски, криминалното владеење сака да го оправда со измислени заговори

by Fokus

По говорот на екс премиерот Никола Груевски на 25-годишнината од УМС на ВМРО-ДПМНЕ со експресна реакција се јавија од опозицискиот СДСМ.

Од таму велат дека Груевски е последниот што треба да зборува за вработување и инвестиции, бидејќи невработеноста кај младите изнесува над 50 отсто, а ветените 8 милијарди евра странски инвестиции никогаш не се реализираа.

-Долгиот и здодевен говор на Груевски е пример што зборуваат изгубени политичари на коишто времето им поминало а ги чека соочување со правдата и казната од граѓаните.Човекот кој ја втурна Македонија во длабока политичка, економска и државна криза, ги потценува граѓаните до тој степен што своето криминално владеење и начин на работа сака да го оправда со измислени заговори – се наведува во реакцијата на СДСМ.

Според нив, со денешните сценарија за „напади со специјални средства“ Груевски покажал дека тој стои зад срамното обраќање на лицето Ѓорге Иванов пред два дена.

– Граѓаните знаат, криминалната структура на власт е најсериозната опасност за Македонија и најголемата опструкција за нејзината иднина! Нападите врз Специјално јавно обвинителство го потврдуваат стравот кај Груевски од враќањето на правдата и докажува дека тој стои зад сите хајки против оваа независна институција.

Но правда ќе има. Младите се на нозе. Македонија се крена. Го живее оваа земја раѓањето на новото сонце на слободата и вистинската моќ на граѓанскиот активизам. Македонија бара демократски промени на фер избори и тие ќе се случат.
626.312 граѓани ја напуштиле Македонија, пред се млади, образовани луѓе. Тоа се 626.312 тешки човечки судбини коишто најсилно говорат за последиците од погрешните, криминални политики – пишува понатаму во партиската реакција.

Од таму додаваат дека младинската невработеност изнесува над 50 проценти,  студентскиот стандард е многу низок, а студентите буквално преживуваат во ужасно лошите услови во студентските домови. За 10 години не е изграден ниту еден студетски дом.

– Како синоним за корупција, криминално владеење и промашени економски политики Никола Груевски е последниот што може да зборува за вработувања и инвестиции. Граѓаните ги паметат 8-те милијарди евра странски инвестиции коишто ги вети Груевски а никогаш не се реализираа. Паметат за лагите на Груевски и за италијанската Орланди, турски Шишеџам, Хајер и Трувју, индиската Мадерсон, француската Монтипе, израелската Газит Глоуб… коишто никогаш не се реализираа – додаваат од СДСМ.

Поврзани новости