СДСМ: Директорот на Комуналец во Паланка потрошил 250 000 денари по кафани

by fokus

Социјалдемократскиот сојуз денеска обвини дека директорот на ЈП „Комуналец” од Крива Паланка, Томе Тодоровски се расфрлал со парите од јавното претпријатие.

Борјанчо Мицевски од СДСМ Крива Паланка на денешната прес-конференција покажа фактури според кои, како што тврди, директорот од почетокот на годината до сега, потрошил 250 илјади денари само по кафани.

-Погледнете ги овие фактури. Тие се доказ како директорот на ЈП Комуналец од Крива Паланка, Томе Тодоровски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, се расфрлал со парите на граѓаните. Со пари од јавното претпријатие директорот купил фен, пегла за коса, мемори дипломат душеци со вредност од 600 евра. Правел гозби по ресторани и кафеани. Како што покажува овој документ, само во првите 6 месеци од оваа година, Тодоровски потрошил скоро 250 илјади денари по кафеани и ресторани. И тоа не само во Македонија, туку и во странство. Со парите на граѓаните Тодоровски си плаќал сметки во угостителски објекти во Скопје, Куманово, Свети Николе, Пробиштип, Виница, Прилеп, во соседна Србија во Врање, Белград, Врњачка Бања, Предејане, но и во Бугарија, Австрија, Германија и секаде каде што ќе стасал. Прашањето е, со кои економски активности ќе ги оправда овие трошоци – рече Мицевски.

Тој додаде и дека членовите на Управниот и Надзорниот одбор на ЈП „Комуналец“ не презеле ништо за „расипничкото работење” на директорот Тодоровски.

Поврзани новости