СДСМ бара новинарите да се вклучат во преговорите, ДПМНЕ сака да остане истиот формат

by Фокус

Се уште нема договор меѓу партиите околу Законот за медиуми, иако рокот за овој дел според Договорот од Пржино истече во петокот. И додека траат преговорите, продолжуваат препукувањата на релација ВМРО-ДПМНЕ – СДСМ за тоа кој повеќе се залага за демократизација на медиумскиот простор.

Претставникот на СДСМ во преговорите за медиумите, Роберт Поповски, денеска изјави дека СДСМ предложила во овие преговори да бидат вклучени и новинарите, кои тоа го бараа.

-Во насока да ја расчистиме оваа вулгарна кампања што ја води ВМРО-ДПМНЕ пласирајќи шпекулации и полувистини, во име на преговарачкиот тим на СДСМ укажувам дека предлогот медиумите и еснафот да бидат дел од преговорите ќе го ставам на изјаснување на другите учесници во преговорите, рече Поповски.

За овој предлог на СДСМ согласност дала само ДПА, додека според учесници во преговорите, ДПМНЕ сакала да се задржи досегашниот формат. Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, во изјавата за медиумите не кажа точно дали тие би поддржале вклучување на новинарите во преговорите или не , но обвини дека СДСМ е дволична и едно зборува на затворените средби, а друго пред јавноста.

-Апсолутно не прифаќаме ниту еден предлог од која било партија за државата да има можност за регулација и цензура, за пристрасноста и објективноста за медиумите, тоа е минимална работа која демократските држави ги разликува од државите каде што има диктатура. Мене ми е многу жал што еве цела една хајка и битка на СДСМ од 6-7 години се изложија со еден ваков срам и се изложија на еден ваков срам со нивниот пристап и нивните барања за партизација на Агенција и МРТВ и за воведување можност агенцијата да казнува со огромни казни, со забрана за вршење дејност на правните лица и тоа врз база на оценка на квалитативни вредности во новинарството, рече Димовски.

Токму поради тоа што не се вклучени во преговорите за медиумите, минатата недела новинарските здруженија протестираа пред Клубот на пратеници и најавија дека ќе ги блокираат и изборите во април. Новинарите истакнаа дека политичките партии кои се вклучени во преговорите имаат должност да и објаснат на јавноста, какви решенија договараат за медиумите.

Посредникот во преговорите пак, Питер Ванхојте, за вечерва закажа брифинг со новинарите на кој ќе го објасни и образложи предлог-решението што се однеува за медиумите.

Поврзани новости