АРХИВА Сатирата ја изгуби смислата во Грујово доба!

Текстот е објавен на четврти јули 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 978

Изгледа Груевски ќе владее сѐ додека не ја прошпарта целата Земјина топка. Не знам уште колку држави му останаа за визита од агендата наречена „роуд-шоу“, ама не е за потценување ниту екипажот што го придружува. Еве уште една идеја што не би ме шокирало ако стане стварност. Редно е државата да купи еден брод ала „Галеб“ со кој другарот Тито одеше по два месеца на крстосување низ Неврзаните земји. Зошто да се плаќаат авионски билети, па скапи хотели, кога еден суперлуксузен брод ќе заврши работа. Ем два месеца ќе бидеме раат!

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

Четврток 26/6/2014
„КОЈ САКА ДА БИДЕ ПРЕРОДБЕНИК“

Барем трипати на ден, небаре на антибиотик сум на 8 часа, добивам напад од навредите за умот со кои нѐ бомбардира владејачкиот естаблишмент. На моменти дури сум убедена дека се мајтапат со нас, неинфицираните од портокаловиот вирус. И овие 7 дена се посветив да откријам што ги шашардисува луѓево за олку да забегаат. Оние де, кои паѓаат „милом или силом“ во транс од „остварувањата“!

Итроманите од дпмневската групировка сплескаа, нели, над 400 страници изборна програма. Заборавив со колку проекти се беа накитиле, ама ќе да се илјадници. А ептен сум љубопитна колку од тие 400 илјади гласачи ја имаат исчитано и наизуст го знаат книгиштево. Толстој може вода да им носи. Јас, пак, сум на мисла дека најголем ќар имал тој што го печател ова „Свето писмо“!

Ме мачи и дилемата: дали  од штабот ќе ги испитуваат гласачите какви проекти на која страница се ветуваат. Да се провери колку научиле. Ич нема да ми биде „сапрајс“ доколку смислат некаков квиз кој, нормално, ќе се реализира на јавниот партиски сервис. Учесниците на квизот ќе треба да одговорат на 10 прашања од изборната програма „Проверено“. Квизот би го крстила „Кој сака да биде Преродбеник“, инспирирана од „Кој сака да биде милионер“. И така, нели, меѓу преродбеник и милионер нема голема разлика.

На пример, влечеш од барабанот прво прашање: Под кој реден број и на која страница е проектот „нема погрешна врата“!? Точниот одговор е: „нема погрешна врата“ е 83. проект на 112 страница. Проверено, и добиваш награда, на пример, бесплатно возење во автобусите на ЈСП цел месец.

Тој што ќе даде точни одговори на 9 прашања добива вработување, а генијалецот што прецизно ќе ги отпее сите десет одговори, пак, добива раководна функција… на државна сметка, се разбира. Ма, нема погрешна дпмневска врата. Чукни на која било вмровска порта, ти се отвора државното чекмеџе!

И знаете што е најсмешно!? Секогаш кога као се исмејувам со преродбеничките трендови, по извесно време тоа станува реалност. Проверено! Сатирата ја изгуби смислата во Грујово доба!

Петок  27/6/2014
СЛЕПИОТ ВОДАЧ

Ме јаде јанѕа дали измените на Уставот беа ветени во „Проверено“!? Или, тие му доаѓаат нешто како гратис за рајата. Да, тие имаат нанижано девет победи во низа, ама, сепак, не ми е јасно дали оние што ги гласале, автоматски поддржале и двојно зголемување на цената на некои проекти!? Дале ли бланко амин и за сите анекси на договорите!? Ако не егзистираше на нашава планета СДСМ, ќе ги загрижеше ли барем за стотинка од секунда возљубениците на Груевски зошто некои „проектчиња“ се тројно поскапи од нормалното!? Логични ли им се приоритетите, за тоа ли гласале, да се арчат народни пари за галии во непловен Вардар иако на прв поголем дожд ќе се удават низ градските улици!? Да, ќе цркнам да дознам за сите ли вакви настраности немаат гајле!

Една од трите инспиративни навреди денеска всушност ми беше големата мудролија на скопскиот градоначалник Коце Трајановски што ја скоцка за Панорамското тркало, тешко цирка 15,5 милиони евра. Нѐ утеши дека трошоците за овој проект немало да бидат на Градот, туку на Владата! Небаре Владата се полни со пари од граѓаните на Мадагаскар!? И скопјани помалку ќе ги боли, штом тркалото ќе го плаќаат ем со нивни, ем со парите на сите жители на државата. На некој од Кривогаштани, кој чека цела деценија да се доизгради фекална канализациска мрежа, веројатно панорамското тркало ќе му ја анестезира маката со отпадните води. Ма и да нѐ удават гомната, Тркалото во Скопје нека се врти!!!

Кога ќе чујам дека нешто им е скапо, а не штедат на материјал за вртелешки, повторно се далдисувам од поддржувачите!

За пилиштарите од ДПМНЕ и разбирам дека се како киборзи. Што ќе се рече – аминуваат. Иако, од друга страна, од младите се очекува бунтовност. Но, нели, преродба е, па важат некакви чудесни закони.

Ама на оние со бели коси им се чудам што сѐ голтаат за да бидат од  тимот што победува. Или, можеби, тие по навика од стариот режим се научени да го следат Водачот… Како оној на Радоје Домановиќ. Го имаме и Говорникот, во кого се кријат сите оние пропагандисти, кои постојано го убедуваат народот дека е многу мудар бидејќи само молчи и слепо го следи својот Водач, кој на крајот од овој сатиричен расказ се открива дека е слеп, а дека од „ветената земја“ нема ништо!

Нашата сатирична приказна уште нема крај!

Сабота  28/6/2014
ГРУПНО РАЗМИСЛУВАЊЕ

Сепак, најдов и научно објаснување за партиските војници, ама и оние што се одѕиваат на поимот интелектуалци иако не се баш мислечки сој. Не размислуваат со своја глава, туку, како што велеа некогаш, одат во Штабот по свое мислење. Е науката вели дека желбата да се биде прифатен во група, да не речам стадо, обично ја победува желбата да се биде во право или поривот за вистината. Станува збор за феноменот „групно размислување“!

Имено, во 50-тите години на минатиот век, американскиот психолог Соломон Еш ја истражувал моќта на конформитетот, промислувал за групите и лидерството. Како просечни граѓани поради конформизот што ги совладува следат секакви водачи. Еш собрал седум актери и само еден вистински случаен испитаник. На пример, им покажува два листа – на едниот е нацртана само една линија, а на вториот има три со различна должина. „Тешкото“ прашање е да одговорат која од трите линии е еднаква цртата на првиот лист хартија.

И приоритет добиваат „лажњаците“, кои сите по ред даваат погрешен одговор. Кога доаѓа редот на вистинскиот испитаник, забележливо било дека се двоуми. Не му е лесно. Внатре му се одвива судир меѓу желбата да биде дел од групата – мнозинска нели, или изборот – да верува на своите очи.

Е внимавајте – експериментот покажал дека дури 75 отсто од овие испитаници подлегнале на групното размислување. Тоа се конформистите! Ако се наддаде некаков материјален интерес за ваквата мисловна операција, којзнае за уште колку би скокнал процентот.

Претпоставувам дека оние 25 отсто што не го следеле систематското групно „лудило“ во експериментот на Еш, се гордееле со себе! Но, ова малцинство во нашиве услови веќе се чувствува лудо… и незаборавно! Оти, иако групното размислување е глупо размислување,  бајаги е исплатливо!

П.С. Квиз прашање: Што било одлучувачко за Марко Зврлевски и обвинителската компанија да го затворат досието „Македонска банка“ со среќен крај за премиерот? Желбата за вистината или припадноста кон групата!?

Недела  29/6/2014
ОГЛАС ЗА (ПАРТИСКИ) ИНТЕРЕС!!!

Деновиве имавме уште еден новитет од портокаловата продукција.

„Ова е само оглас за интерес, ова не е оглас за вработување“ , објасни Коце Трајановски.

Преведено по нашки, демек има оглас за 58 функции, ама само колку скопскиот градоначалник, да не речам сосе партијата на власт, да направеле база на податоци на можни кадри кои во иднина би ги ангажирале. Ќе појасни уште дека можеби не би ги ангажирале на тие функции за кои аплицираат, туку може и на други.

Изгледа дека им треба нов контингент партиско членство. Солидна база на податоци е кога знаеш кој сѐ има амбиции да биде на функција! Се сеќавам кога се збогатија со неколку десетици нови членови од една друга база на податоци – тазе дипломирани студенти. Дури и со слика и зборови ги прикажуваа преку платени огласи низ подобниот печат. Обидот на нас „неподобните“ да побараме неколку одговори од студентиве со просек ем со вмровска книшка, заврши просечно… како кога поставуваме прашања до Центарот за комуникации. Нѐ одбија! Со тоа положија уште еден испит со висока оценка, оној приемниот партиски!

Понеделник  30/6/2014
УСТАВЕН „НАРОДЕН“ БИЗНИС

Со промена на името на Централната банка ќе се менувал и изгледот на парите. Наместо називот „Народна банка“ ќе стоело „Банка на Република Македонија“, како што предвидува еден од осумте уставни амандмани што ги најави Владата. Според објаснувањето на гувернерот Димитар Богов, процесот на замена ќе се одвивал етапно. На новите банкноти ќе било новото име на банката.

Ете, гледате дека и во уставен амандман, со кој само се брише зборчето „Народна“, лежи некаков бизнис. Ќе се печатат нови пари, а некој ќе се опари од тоа.

Патем, деновиве потпретседателот на Аргентина, Амадо Буду е обвинет за корупција. Осомничен е дека во 2010 година кога бил министер за економија ја помагал една „фантомска“ компанија да купи печатница, која потоа склучила договори со државата, меѓу кои и печатење на аргентинските пезоси.

Се разбира, нашите власти се имуни на корупција… И судски тапии некои имаат за оваа нивна доблест. Го спомнав аргентинскиот случај со печатење пари колку да се види колку има расипани политичари низ светот, за разлика од нашите – чисти, ѓоа бебенце!

Вторник 1/7/2014
ВРЕМЕ Е ЗА „ГАЛЕБ“!?

Изгледа Груевски ќе владее сѐ додека не ја прошпарта целата Земјина топка. Не знам уште колку држави му останаа за визита од агендата наречена „роуд-шоу“, ама не е за потценување ниту екипажот што го придружува.

Љубопитна сум дали сме во суфицит или дефицит со странските инвестиции!? Да се собере на една страна колку народни пари се потрошени за плаќање неколку министри, па дузина економски промотори, плус платени огласи низ светскиот печат сосе роуд шоута, наспроти сите странски инвестиции за овие години. Ова чисто информативно, оти, нели, народот ги гласал деветпати во низа!

Еве уште една идеја, што не би ме шокирало ако стане стварност. Како што, демек, штедаџиски градат скапи згради за некои институции со адутот – да не плаќаме кирии, сугерирам дека е редно државата да купи еден брод ала „Галеб“ со кој другарот Тито одеше по два месеца на крстосување низ Неврзаните земји.

Зошто да се плаќаат авионски билети, па скапи хотели, кога еден суперлуксузен брод ќе заврши работа. Ем два месеца ќе бидеме раат, ние што не подлегнуваме на „групно размислување“! Плус, ќе има потреба за вработување на бродот уште цел еден контингент, кој носи нови гласови!

Среда  2/7/2014
ВЛЕЧУГИ И ЦИЦАЧИ!

И во Центарот за комуникации се чувствува освежување. Се освежија со нови етикети, иако стилот – на прашања и реакции да удрат ad hominem, по лошиот гласник – останува да го краси и натаму овој стратешки стожер на владејачката структура.

Еве, од денешното нивно соопштение како контра на извештајот на Транспарентност Македонија разбравме дека имаат сенс да детектираат во кој непријател чучи влечуга. И не сал они, туку и народот барабар со нив. Небаре во „Проверено“ имаат таков проект, па автоматски со гласот за ДПМНЕ, поддржувачите се стекнуваат со лиценца за откривање влечуги од луѓе.

„ВМРО-ДПМНЕ и народот одамна ги имаат препознаено ваквите влечуги и не ги перцепираат нивните порции полни со ветер и магла“,ќе срочат во едукативен стил од Центарот, конкретно лоцирајќи го Сашо Орданоски  како примерок од новата сорта предавници-отсек влечуги.

Искрено, не можам да разберам како од деветмина членови на Управниот одбор на Транспарентност го избраа Орданоски! Само тој е препознаен како влечуга или останатите осуммина ги чуваат за следниот извештај, да ги делкаат еден по еден.

Сепак, од сортата влечуги барем камелеоните се одамна преминати во нивните редови. Или, камелеоните се нивен имиџ. Плус, денес доминираат цицачите во Македонија. Оние, де, што го исцицаа буџетот!