АРХИВА Само Хорхе е капитална инвестиција на Сорос

Текстот е објавен на 19 септември 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 989

Нашата толпа медиумски драскачи, деновиве удри хорски тажаленки, демек, колку само проекти од капитално значење можеле да се изградат со парите што Сорос ги вложил во Македонија за слобода на медиуми. Сепак, соросовата фондација има барем една капитална инвестиција – Ѓорге Иванов. Човекот си бил член на Управниот одбор, па троа капела паричка. Толпата новинарски драскачи нека истражи колку зел, а потоа нека ги претвори доларите во капитални објекти. А да беше фондацијата Сорос како АЕК, според нивниот есап барем, ќе изградеше дури 92 панорамски тркала низ државава за 22 години!

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

Четврток, 11/09/2014
ТОЛПА МЕДИУМСКИ ДРАСКАЧИ

Читајќи ги мемоарите на Шарл де Гол, открив еден прекрасен опис, кој е ептен адекватен на денешницава што ја креира преродбеничкиот корпус. Опишувајќи ги погромите што ги правел режимот на Петен кон француските граѓани со поинаков светоглед, францускиот генерал ја скенира и улогата што ја имале режимските новинари, стимулирајќи и поддржувајќи ги ваквите смртоносни хајки. Се разбира, тие само сладострасно ги извршувале наредбите од врвот. Оваа групировка, Де Гол ја нарекува „толпата новинарски драскачи“.

Е нашата толпа медиумски драскачи, деновиве уште еднаш силно се зададе кон „раскринкување“ на соросовата фондација. Онака групно во толпа, со безмалку исти наслови, обнародија дека од 1992 до денес биле изарчени 92 милиони евра! Во толпа се разиграа Нетпрес, Прес 24, Пулс 24, Денешен, Лидер, Курир, Република сосе ТВ-пакет аранжманот на Сител и Канал 5.

И се наежив и троа се разнежнив од тажаленките, демек, колку само проекти од капитално значење можеле со тие пари да се изградат! Ама и се израдував што срцкиве драскачки конечно „укапирале“ дека капитални проекти се градење автопатишта, училишта и инвестиции во енергетските потенцијали. Во таа графа не ги вклопија разни лаѓи, вртелешки и слични капиталци од Грујово доба. Што е прогрес! А не ме изненадува што толку се сакалдисаа што Сорос троши свои пари за „душмански“ намени, како слобода на медиуми. За еден драскач ова зборче нема значење.

Со вакви педантни математички вештини, ем завидни познавања на сите Грујови инвестиции, ги замолувам, како што се грижат за туѓи пари, да сторат троа напор и да пресметаат. На пример, од парите што ги добиваат од владините реклами, од НАРОДНИТЕ ПАРИ, колку капитални проекти сме пропуштиле. Еве, да земам компаративно на соросовите, парите што на ДПМНЕ ги даваат Сител и Канал 5 како донација за избори, колку автопатишта ќе изграделе.

Се разбира, целта на овие дрндупки е да нѐ дефокусираат од сулудиот арч на буџетските денари. И како што и предвидував, следуваше втор дел, хорско пеење со гуслачка поддршка – демек, оние што земале пари од Сорос веќе 5 дена ја игнорираат темата. Аууу, тие би да ни диктираат теми!? Нека наредат и кого да спружиме на насловна!?

Сепак, мислам дека соросовата фондација има барем една капитална инвестиција – Ѓорге Иванов. Човекот си бил член на Управниот одбор, па троа капела паричка. Толпата новинарски драскачи нека истражи колку зел, а потоа нека ги претвори доларите во капитални објекти.

Барем да беше фондацијата Сорос како АЕК, барем според нивниот есап, ќе изградеше дури 92 панорамски тркала низ државава за 22 години! Каква национална штета!!!

Петок, 12/09/2014
ТОП ГЕРМАНСКА ИНВЕСТИЦИЈА

Конзервативецот Конрад Аденауер, канцелар на Германија од 1949 до 1963 година, германската јавност во 2003 година го избра за „Најголем Германец на сите времиња“. Му се восхитуваат дека воспоставил стабилна демократија во поразената Хитлерова Германија, трајно помирување со Франција, генерално преориентирање кон Западот. Демохристијаните од ЦДУ имаат и фондација што го носи неговото име, која од 2000 година има канцеларија во Скопје. И инвестираше бајаги во дпмневците на Груевски.

Со оглед на тоа што Фондацијата има декларативни барем заложби за демократија, владеење на право и човекови права, се прашувам: дали оваа фондација смета дека препороденото ДПМНЕ, според резултатите, им е од калибарот капитални инвестиции!? Драскаџиите нека пресметаат колку „Конрад Аденауер“ вложила во ДПМНЕ, а можела да нѐ усреќи со капитални проекти. Ако не знаат, нека прашаат во стожерот!

Сабота, 13/09/2014
И ОБСЕ ПАМЕТНО ИНВЕСТИРА!?

Како совесен возач кој се грижи за безбедноста во сообраќајот, од дечките на Јанкулоска добив приврзоче, на едната страна симболот МВР, на другата брендот на ОБСЕ. И троа се збунив! Владината кампања за безбедност во сообраќајот, согласно непишаниот закон, нели, нема да ја има на страниците на „Фокус“. Знаете, нашите читатели имаат безбедносна култура, тие си врзуваат појаси и такви мити работи. Што и јас го докажав на дело.  И добив награда- привезоче.

Арно ама, ми остана енигмата за ОБСЕ, кој ми го краси приврзокот за клучеви, во тандем со МВР-то!? Зашто, нели, креваа глас за селективноста на владините реклами! И потоа ќе нѐ жалат што рекламерството има чудни критериуми!?

Недела, 14/09/2014
НАЈДОБРА АМЕРИКАНСКА ИНВЕСТИЦИЈА

Славица Арсова, ем уредник во ТВ Сител, ем главен уредник на порталот Прес 24, ем води емисија на ултра провладинито радио Слободна Македонија, ја прогласувам за најдобрата американска инвестиција во медиумската македонска сцена. Ем ја финансираа на обука во САД околу 9 месеци, ем ја помогнаа финансиски за порталот. Гледајќи ја на интервјуто на Сител вестите со премиерот Груевски, поднаучив и јас малку од американските „инвестициски“ искуства.

Ете, Арсова не најде простор на вестите за штрајкот на СОНК, ама си го праша премиерот за веста што не е вест. Ем го здрма со прашање од калибарот на тешка артилерија, во стилот: како се решивте на кампањата за безбедноста во сообраќајот!? Се стаписав што ли ќе одговори премиерот!

Алал да им е инвестицијата на Американциве!

Понеделник, 15/09/2014
АЕРОДРОМСКА ПАТРИОТИЧЕСКА ИНВЕСТИЦИЈА

Децата од училиштата во Општина Аеродром, секој понеделник ќе ја пејат македонската химна. Ете како се инвестира во патриотизам, и тоа беспари. Ме трогна дека сите анкетирани родители беа восхитени од аеродромскиот општински декрет – децата да си ја знаат химната.

Како малку забегана, влезена во патриотски филм, имам амандмани. Еднаш неделно е малку. Да се донесе закон по скратена постапка, каде што сите семејства точно во 7 часот наутро, секој ден, ќе мора семејно да ја испеат химната. Пред ручек, пак, да го пејат ама и да го изиграат „Пајдушкото“ – ем ги јакне семејните конекции, ем е забавно. Пред спиење, законот да одреди во колку часот – на пример 22.30, да биде обавезателна семејната пејачко-играчка сеанса со „Тешкото“. Оти не ни е лесно… а за лесен сон!

Вторник, 16/09/2014
ИМА РАЗЛИКА

Владејачката партија континуирано инвестира во експертски кадар. Тамам еден контингент ќе заврши работа одреден временски период во одбрана на ликот и делата на пастирот и неговите политики, кога, беља работа, ќе ги испратат сургун – низ амбасадите наши по светот.

Но, друго ми беше поентата. Го следев Владо Поповски во расправата во МАНУ за уставните амандмани, ем на Нова ТВ за Ќосето и други споменични сеанси и ликови од историјата. И професорот искажа и поинакви ставови од партијата чии бои ги брани во советот на град Скопје. Се присетив и на Бранислав Саркањац, исто така советник во Градот, ама за разлика од Поповски секогаш десничарски настроен, кој, пак, и не се сеќавам да го имало во јавноста. Овие двајца не ја преминуваат црвената линија, после која стануваш циркузант-експертутка.

Е сега, ставете ги Поповски и Саркањац  наспроти Каракамишева и Боцевски! Има разлика, и тоа драстична! Ама кои мислите дека се поисплатлива партиска инвестиција!?

Среда, 17/09/2014
ДРАСКАЧКИ ИНВЕСТИЦИСКИ СОН

Согласно традициите, кога груевци ќе наумат нешто, првин оставаат теренот да го изораат новинарските драскачи. Откако ќе го препарираат јавното мислење за злото што ја уништува Македонија, потоа следуваат законски или владини мерки по скратена постапка. А веќе неколку години соросовата фондација и Владе Милчин им се ноќен кошмар. И што е заднината на драскачкиот инвестициски сон. Ги наредија медиумите што добиле грантови од клетата соросова фондација. Редоследот беше следен: Плус инфо, Либертас, Бриф, А1 он, Телма, Слободен печат и неделникот Фокус.

Значи, да не бил Сорос, ќе ги немало тие медиуми. А замислете колку ќе беше убава живејачката на оваа античка почва да ги нема овие медиумски мрсници! „Остварувајте“- Ви се може… А што после!?