Само 16.000 фалсификувани гласа прават разлика од 12 пратеници!

Текстот е објавен на 18.03.2016 година, во неделникот „Фокус“ во бројот 1067.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Сомнителниот и проблематизиран избирачки список е основа на тезите и тврдењата дека безмалку сите изборни циклуси се спроведувал систематски изборен фалсификат, брутален или суптилен, сеедно. Обвинувањата на опозицијата, поткрепени и со извештаи на меѓународни и домашни организации кои го набљудуваат изборниот процес, дека власта на дело спроведува софистициран изборен криминал, бездруго лежат токму во хаотичниот список, каде веќе очигледно е дека постојат непостоечки адреси, умрени и иселени лица, како и фиктивни гласачи увезени од странство.

Настрана класичниот изборен поткуп и притисокот за изборни цели, како и можноста за контролирање на гласачите, како при надзор на гласањето на болните и неписмените граѓани, сето тоа претставува одлична можност за изборни злоупотреби. Иако владеачките партии ги отфрлуваат обвинувањата на опозиционерите дека ги крадат изборите, релатизивирајќи ги состојбите дека победа си е победа, особено кога е извојувана со 100 или 200 илјади гласови разлика, како што беше случај на последните локални и парламентарни избори, сепак, фактите говорат оти оваа теорија нема цврсти темели.

Всушност, дали и во која мера е правен изборен криминал преку незаконско печатење лични карти, двојно, тројно гласање за други луѓе и слично, ќе стане појасно по процесуирањето на предметот за изборни нерегуларности што го отвори Специјалното јавно обивнителство, од каде сметаат дека врхушката во власта организирала злосторничко здружение за да ги задржи позициите преку изборна измама. Се разбира, тоа важи под претпоставка дека судот ќе одлучува независно и објективно за обвиненијата.

Но, она што треба да се знае е дека за победа, и тоа не само на локалните избори, каде со мнозински изборен модел победникот се одлучувал и со десетина гласови, особено во помалите општни, туку и на парламентарните избори, не се потребни стотици илјади, условно кажано украдени гласа. Туку, имајќи го предвид пропорционалниот изборен модел со 6 изборни единици, во комбинација со Донтовата формула за конвертирање на гласовите во пратенички мандати, произлегува дека доволни се само дваесетина илјади гласови за да се направи разлика од десетина пратеници, кои најчесто се тасот на вагата кој го одлучува мандатарот на новата влада.

ОСВОЕНИТЕ ГЛАСОВИ И ПРАТЕНИЧКИТЕ МАНДАТИ

Според многу елементи и аспекти, клучни избори за политичкиот живот на Никола Груевски се оние во 2011 година, кои се оддржаа во исклучително специфични услови и околности и во сосема поинаков амбиент во споредба со денес. Така, опозицијата тогаш предводена од СДСМ на чело со Бранко Црвенковски беше во подем, ВМРО-ДПМНЕ дополнително се соочуваше со силна внатрешна конкуренција во десницата од страна на Љубчо Георгиевски и Љубе Бошкоски. Згора на се, постоеше и медиумска рамнотежа со А1 телевизијата, наспроти денешната ситуација на фаворизирање на власта и демонизирање на опозицијата, особено од мејнстрим медиумите.

Како и да е, на тие избори опозициските партии заедно освоија поголем број гласови од владејачката коалиција „За подобра Македонија“, но, поради расцепканоста на опозицијата и поделеноста на нивните гласови тие практично добија помалку пратенички мандати. Поточно, ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери освоија 438.138 гласови, кои им донесоа 53 пратеници (без дополнителните тројца од дијаспората), додека сојузот на социјалдемократите освои 368.496 гласови, што им донесе 42 пратенички мандати. Но, без пратенички места останаа опозициските ВМРО-Народна партија на Георгиевски, Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски, Либерално демократската партија и Достоинство на генералот Стојанче Ангелов кои вкупно имаа над 70.000 гласови. Иста беше ситуацијата и во албанскиот кампус, каде опозициските ДПА, НДП и Нова демократија освоија вкупно 116.269 гласови и 10 пратеници, или 5 помалку од ДУИ, која освои 115.092 гласови.

Лошиот распоред во изборните единици не им донесе пратенички места на помалите партииод македонскиот опозициски блок. Така, ако речиси 30.000 гласови на „народњаците“ на Георгиевски не беа доволни за ниту еден пратеник, тогаш исто толку гласови на НДП на Руфи Османи значеа двајца пратеници, бидејќи гласовите беа концентрирани главно во една изборна единица. Во тој контекст, ДПА на Мендух Тачи, пак, пак освои двојно повеќе гласови од Османи, но не освои двојно, туку дури четири пати повеќе пратеници.

Сето тоа води кон груб заклучок дека ако 20-30.000 гласови за мала партија може да не значат ништо, бидејќи може буквално да пропаднат во вода, ако се знае дека, зависно од излезноста на избори, во просек се потребни нешто над 7.000 гласа во една изборна единица за освојување пратеник, тогаш овие гласови може да бидат вистинско богатство доколку се слеат на контото на една од четирите големи политички партии и нивните предизборни коалиции. Токму овие гласови може да им го надополнат кусокот што им фали до плус еден пратеник во секоја изборна единица.

ЕДЕН ПРАТЕНИК МИНУС ЗА СЕБЕ, ЕДЕН ПЛУС ЗА ПРОТИВНИКОТ

Како, впрочем, се пресметуваат гласовите во пратенички мандати? Тоа се прави преку таканаречената Донтова формула, чија најспефицична карактеристика е определувањето кому ќе му припадне последниот, во македонскиот случај – дваесеттиот пратеник во секоја изборна единица. Така, секој резултат на партиите, односно коалициите се дели со 1, 2, 3 и се така со сите броеви до 20, па секоја партија добива 20 количници, од кои 20-те најголеми се трансформираат во пратенички мандати. Затоа, може да се случи некој субјект да освои и гласови, ама не и пратенички мандат, од проста причина што нивниот прв кандидат на листата не е меѓу дваесетте количници на сите учесници на изборите.

Имајќи ги предвид резултатите од парламентарните избори во 2011 година, „Фокус“ направи анализа, која покажува дека доколку владеачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ освоиле само 16.876 гласови помалку во споредба со опозициските СДСМ, ДПА и Нова демократија, тогаш ќе освоеле 6 пратеници помалку. Односно, овие пратенички мандати би отишле во рацете на тогашната и се уште актуелната опозиција, што прави разлика од вкупно 12 пратенички мандати, а не само шест. Или, во таков случај ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на изборите во 2011 година би имале 47 мандати (без трите од дијаспората) а СДСМ и коалицијата 48! Меѓутоа, потребниот дефицит на гласови варира од една до друга изборна единица, така што некаде станува збор за неколку стотини, а некаде за неколку илјади гласови.

Патем, во оваа симулација клучно е последното пратеничко место. Инаку, во првата, втората, третата и четвртата изборна единица 20-тото пратеничко место го освоило ВМРО-ДПМНЕ, а во петтата и шестата изборна единица тоа отишло кај ДУИ, додека во сите случаи 21-от количник им припаѓа на опозициските СДСМ, ДПА и НД. Тоа значи дека петнаесетина илјади гласови помалку за власта можеле да однесат по еден пратеник од секоја изборна единица кај опозицијата. Во другите изборни циклуси горе-долу, потребен е истиот број на гласови, но таму во некои изборни единици последниот 20-ти пратеник го освоила и опозицијата.

Нејсе, во однос на споменатите избори пред 5 години во првата изборна единица ВМРО-ДПМНЕ ќе загубел еден пратеник на сметка на СДСМ ако освоел 4.673 гласа помалку. Понатаму, во втората изборна единица ДПМНЕ ќе бил минус еден пратеник во корист на Нова Демократија, ако останел покус за само 336 гласа. Во третата и во четвртата изборна единица, пак, вмровците ќе останеле без еден пратеник, т.е. СДСМ би освоил еден пратеник повеќе ако ДПМНЕ добила 4.631 глас помалку, односно 4.450 гласа. И на крајот, во петтата и во шестата изборна единица ДУИ би освоила еден пратеник помалку, кој би отишол кај СДСМ и ДПА за помалку од 551, односно 2.235 гласови.

СОВРШЕНИ ИЗБОРИ ИЛИ СОВРШЕН ФАЛСИФИКАТ

Оттука јасно произлегува дека Нова демократија за влакно можела да освои пратеник на парламентарните избори во 2011 на грбот на ВМРО-ДПМНЕ во втората изборна единица. Овде, најголемата владејачка партија освоила вкупно 66.450 гласови и 9 пратеници, а НД 7.346 гласови. Последниот дваесетти количник на ДПМНЕ (изборниот резултат со деленик 20) изнесува 7.383, што значи дека за само 336 гласа помалку за владејачката коалиција, партијата НД ќе влезела во парламентот. Треба да се знае дека до таков заклучок се доаѓа кога разликата помеѓу 20-тиот и 21-от количник ќе се помножи со пратеничкото место што, хипотетички земено, партијата требало да го загуби (разликата 37,3, помножена со 9 дава резултат од 336).

За втор пример ќе ја земеме петтата изборна единица, каде висел вториот пратеник на ДУИ. Тука, партијата на Али Ахмети освоила 14.992 гласови, па резултатот со деленик 2, кој изнесува 7.496, беше доволен за 20-тиот пратенички мандат. Од друга страна, СДСМ освои 64.984 гласови, кои им донесоа 8 пратенички мандати, но доколку „интегративците“ освоеле 551 гласа помалку, тие ќе го освоеле и 9-тиот пратенички мандат, пресметано по истиот принцип како претходно. Исто така, социјалдемократите ќе го освоеле деветтиот пратеник и доколку албанската владеачка партија останела на истиот број гласови, ама опозициионерите добиле плус 2.480 гласа, бидејќи во ваква ситуација разликата се множи со пратеничкото место кое би го освоиле (разликата од 275,5 помножено со 9 дава токму 2.480).

Зошто е ова битно? Со оглед дека на изборите пред 5 години разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ беше 11, а вкупната разлика меѓу власта е опозицијата 16 пратеници, тогаш и минимален изборен фалсификат, изборна корупција или приситок сериозно можеле да влијаат врз конечниот исход. Ако, згора на тоа, се знае и дека ВМРО-ДПМНЕ со мал број гласови ги добиваше и тројцата пратеници од дијаспората, за кои пред 5 години гласаа само 7.213 македонски државјани, што е еднакво на бројот на потребни гласови за еден пратеник во земјава, тогаш 20-30.000 евентуално украдени гласови биле повеќе од доволни за изборна победа.

Сето тоа треба да покаже дека не мора да се купат или украдат стотици илјади гласови за да се фалсификуваат избори, туку само со дваесетина илјади гласови може драстично да се влијае врз изборниот резултат и да се одлучи победникот на изборите. Врз основа на тоа, кога се говори за фер и демократски избори треба да се мисли на совршени избори, бидејќи само со мал изборен инжинеринг, со дваесетина илјади гласови, може да се направи совршен изборен фалсификат.