Русковска: Чавков се уште не е повикан на распит

by fokus

Митко Чавков се уште не добил покана од Обвинителството за организиран криминал да даде исказ за „крвавиот четврток“ што се случи на 27 април во Собранието. На прашањето на „Фокус“ испратено до обвинителката Вилма Русковска, таа одговори дека Чавков, кој за време на насилството во Собранието беше директор на Бирото за јавна безбедност и шеф на оперативниот штаб, се уште не дал исказ.

За разлика од Чавков, тогашниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу, се појавил во обвинителството.

-За 27 април сите оштетени се сослушани, а и сведоци, вклучувајќи го и Агим Нухиу, Чавков не, беше одговорот што го добивме од обвинителката Русковска.

На прашањето на „Фокус“ дали Чавков воопшто е повикан на распит, обвинителката ни одговори кусо – „Не во оваа фаза“.

Токму Нухиу на одговорност го прозва Чавков, бидејќи со часови не можел да стапи во контакт со него, иако тој претходно го известил министерот дека во однос на безбедноста во Собранието, Оперативниот штаб ги има работите под контрола.

Досега подебелиот крај за овој случај го извлекоа вработени во МВР, односно 11 од нив добија откази.

Најголемиот дел од отпуштените се вработени во Шестата управа на МВР за обезбедување на важни личности и објекти, и против нив била покрената постапка откако се видело на снимките дека не преземаат ништо додека пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски ги отвораат собраниските врати за да влезат демонстрантите. Меѓу оние кои добиле откази е и поранешниот шеф на внатрешното обезбедување на Собранието и поранешен шеф на обезбедувањето на тогашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски. Припадниците на обезбедувањето тврделе дека немале никаква законска можност да интервенираат против пратеници

Министерот Оливер Спасовски неодамна на брифинг со новинарите кажа дека суспендирани се 42 полицајци, а дисциплински постапки се водат против 70.

В.В.

Поврзани новости