„Ровер“ му суди на Ристиќ по пижами

by fokus

Во брзањето што поскоро да го заврши процесот „Ровер“, судот го донесе обвинетиот Ивица Ристиќ во судница директно од болница. Тој во пижами му образложи на судот дека здравствената состојба не му дозволува да го следи судењето и затоа побара одложување. Судот не се согласува толку лесно да го презакаже судењето и повика итна помош да го прегледа Ристиќ и да утврди дали е во можност да го следи процесот или ќе мора да биде пренесен назад во болница. Иако судот покажа медицинска белешка дека Ристиќ е во ред, сепак утринава неговата состојба се променила и тој не се чувствува добро.

Во моментов има пауза на судскиот процес во очекување на итната помош. Инаку, на дневен ред е испрашување на последниот сведок. Судот инсистира да го заврши судењето што побрзо, па макар обвинетите да се во пижами, затоа што се соочува со можноста некои од обвинетите да излезат од притвор.

„Фокус“ веќе објави дека на 12-ти октомври истекуваат двете години притвор за Зоран Трајковски Филмот и за уште неколкумина обвинети од покренување на обвинителниот акт. После тоа судот ќе нема право да ги држи зад решетки.

Но со оглед дека Ристиќ има влошено здравје, а 12-ти е за неколку дена тешко дека судот ќе може да го финализира процесот. Инаку, ова е ново првостепено судење откако апелациониот суд ја укина пресудата и го врати предметот на повторено судење. Во „Ровер“ беше осуден и екс- министерот Бошкоски на 12 години затвор за помагање во ликвидацијата на Марјан Тушевски и Киро Јанев.

Поврзани новости