Росана Јанков: Секоја жена има нешто што ја отсликува нејзината женственост

Убава, насмеана и амбициозна. Силна како поддршка на сопругот, нежна како мајка на убавата Лара. Летото е времето од годината, кое некако најмногу ѝ годи. Сака патувања, но и пешачење. Љубопитна, постојано насочена кон правдата, како и секој астролошки припадник на Скорпиите. Таа е дел од тимот на АМСМ и нашето друштво во Скопје Сити Мол денеска

ФОКУС: Десет години сте дел од екипата на АМСМ. Што беше пресудно на Вашата одлука да се приклучите на овој тим?

ЈАНКОВ: Уште од мојата 16-годишна  возраст работев како новинар во „Ѕвон“, потоа како дел од тимот на утринската на МТВ и заминав во Канада, каде што за првпат слушнав за комуникациските науки и за односите со јавност.

Моето образование го продолжив во таа насока, но паралелно работев и на документарни филмови за наши успешни Македонци од американскиот континент, како Еди Јовановски – хокеар, Ден Јанчевски – хокеар, Јован Кировски – фудбалер во Лос Анџелес Галакси и Сашко Кировски – тренер на Мерлан Универзитетот во Вашингтон Д.Ц. Мојата визија беше Америка, новинарство, односи со јавност, но љубовта беше пресудна да останам во Македонија.

Кога завршив факултет и со оглед на фактот дека млада се омажив, а мојот сопруг (Коки – од дуото Дуле и Коки) беа кралеви на живите свирки, беше природно да се насочам и да работам тука.

Генералниот секретар на АМСМ е визионер, човек кој на младите што сакаат да направат нешто во животот им дава шанса, човекот кој ми даде можност неговата доверба да ја оправдам и да ја докажам како професионалец. Од тогаш до денес поминаа 10 години (на 15 ноември). Слободно можам да кажам дека мојот генерален секретар е пример за човек што умее да препознае квалитет, професионалност, пожртвуваност кај вработените, а за мене е чест да бидам дел од АМСМ, престижна институција, која неодамна го потврди 70-годишното постоење и е лидер во автомобилскиот сообраќај.

ФОКУС: Каков возач е Росана?

ЈАНКОВ: Би се дефинирала како внимателна и како возач кој ги почитува сообраќајните правила и прописи. Личната култура е еден од клучните параметри и е одраз, како на културата на живеење, така и во сообраќајот…

ФОКУС: Дали жените се еднакво добри во автомобилите, како и посилниот пол? Умеат ли да бидат доволно вешти, но и внимателни во исто време?

ЈАНКОВ: Не милувам да ги делам професиите или  вештините на машки и на женски. Современата жена е рамо до рамо со мажот од секој аспект.

ФОКУС: Велосипед или автомобил, кој е вашиот избор?

ЈАНКОВ: Одење пеш… Уживам да пешачам и секогаш кога времето ми дозволува обврските ги извршувам пешачејќи.

ФОКУС: Работите мошне интересна професија. Во светот, една од клучните за успех на компаниите. Кај нас релативно нова. Често и погрешно сфатена. Па, токму поради тоа, ајде да се обидеме со ваша помош да дефинираме што сѐ треба да поседува еден успешен портпарол од вештини?

ЈАНКОВ: За односите со јавноста се вели дека претставуваат вештина и наука од која зависи успехот на една организација. Преку односите со јавноста, секоја организација ја известува пошироката општествена заедница (членовите, клиентите, власта, медиумите, граѓаните, меѓународната јавност) за своите намери, дела и ставови, со што се овозможува создавање и одржување позитивен имиџ. Значи, имиџот како претстава за некој субјект (човек, организација, фирма, институција) е составен дел од постоењето и дејствувањето.

Претставата за фирмите во светот на бизнисот се гради долгорочно, таа се вреднува исто како и бонитетот во материјално-финансиска смисла, како и квалитетот на производите и услугите. Ако ѝ се верува на една народна поговорка, која гласи: „Лицето го продава срцето“, чија порака во целиот систем на модерно работење е издигната речиси на ниво на законитост, тогаш е повеќе од оправдано и логично стопанските/економските субјекти да се борат за својот имиџ во јавноста, за тоа како таа јавност ги поима, ги прифаќа и како го гради ставот кон нив.

Социолошките, пазарните и комуникациските истражувања немилосрдно говорат дека една фирма може да има успех во своето работење/стопанисување, само доколку нејзината дејност и функции се познати, признати и прифатени од пазарот (во најширока смисла на значење на тој поим) и со позитивна претстава/имиџ во јавноста, во општеството.

Градењето на имиџот подразбира системски и систематизирани напори и пристап. И позитивниот и негативниот имиџ се променлива состојба, менлива и минлива категорија. Оттаму, и потребата и дневно и долгорочно, добриот имиџ да се одржува, да се храни, да се подобрува, да се развива… Градењето на имиџот е непрекината задача, континуирана активност.

Тој процес треба да се прифаќа како создавање моментна слика за себе пред јавноста (пред луѓето кои имаат активен однос кон случувањата околу нив и пошироко), но уште повеќе и како поттик за нов, посодржаен, повпечатлив и поубав имиџ.

И фирмите што работеле, вложувале, се грижеле за својот имиџ и тие кои на тоа прашање му посветиле помалку знаење, време и пари, сите имаат потреба од промислување, проектирање и реализација на нов систем, нов бран, кој ќе биде скициран, разработен и приспособен за идното време.

Системот на односи со јавноста се покажува како соодветен за воспоставување, одржување и развивање позитивен имиџ во јавноста на економските субјекти. Стопанството има причини (интереси, потреби, желби) да ѝ се обраќа на јавноста; во општеството да ги претстави, да ги презентира своите функции, да ги брани своите потреби. Тоа не се активности директно поврзани со профитот, со пропагандата и со продажбата, ама на крајот сѐ се сведува на создавање услови за поефектно и поефективно работење, за поголеми походи и за отворање перспективи.

Голем дел од односите со јавноста се реализираат преку мас-медиумите, односно преку: печатот, радиото, телевизијата, социјалните медиуми, а значаен е и делот што се остварува низ други форми, институции и манифестации.

 

Убавата Росана неодамна стана заштитно лице на модниот бренд „Бела“. Токму во нивните простории во Скопје Сити Мол ја истраживме приказната за оваа интересна соработка, но малку ѕирнавме и во нејзиното лично портфолио. Нејзиниот моден стил е мошне интересен. Зборуваме малку и за професијата, која во светот е професија што ќе го одбележи 21 век и ќе го дефинира успехот на компаниите. Кај нас е во зародиш.

ФОКУС: Од неодамна сте дел од убавата приказна на брендот „Бела“. Бренд кој е и ваш избор? Чија беше иницијативата за оваа убава модна приказна?

ЈАНКОВ: Тимот на „Бела“ ме контактираше и така почна приказната. Многу ги почитувам своите колеги и колешки и се консултирав со нив и сите заедно заклучивме дека би било одлично да го носам брендот на „Бела“. Еве, сега сум со „Бела“, им благодарам што ми ја олеснија работата…

ФОКУС: Своето образование го градевте во САД и во Канада. Што од лекциите кои ги совладавте таму, успеавте да примените во Македонија?

ЈАНКОВ: Јас со гордост можам да кажам дека сум меѓу првите 3 генерации што дипломираа на Штуловиот универзитет – Тетово, а постдипломските студии ги завршив на Институтот за социолошко-правни истражувања – на Катедрата за комуникологија. Во Канада и во Америка имав можност да научам многу и искрено јас сум од луѓето кои го сакаат американскиот ПР. Најважната лекција во животот ми беше дека дипломата е виза, но секојдневното искуство е круцијално во општественото живеење и секако од тие фактори зависи како ќе се градите.

Млада девојка, која на 17 години има можност да биде дел од светската елита (акцент ставам на искуството во Лос Анџелес – Галакси) е нешто кое може само да се доживее. Научив да бидам професионална, да го почитувам туѓото време, да инвестирам во себе, а најважната лекција ми беше дека секој може да научи и да чита за еден месец, а цел живот учи да молчи.

ФОКУС: Која ПР личност сакате да ја следите внимателно? Кого го сметате за гуру во оваа професија?

ЈАНКОВ: Искрено мојата перцепција не е таква. Јас гледам низ професионалниот фокус и секогаш се трудам да бидам добронамерна и критички настроена, со единствена цел, сите ние што ја работиме оваа професија да си помагаме и заедно да градиме професионализам. Јас сакам да им помагаме и да им дадеме од своето знаење и на идните генерации и сметам дека најубаво чувство е кога ќе кажеш добар збор или добро-намерен…

ФОКУС: Имаме ли добри портпароли во Македонија?

ЈАНКОВ: Сметам дека е неблагодарно да давам критики за моите колеги. Ги поздравувам и им посакувам посветеност и успех на сите колеги…

ФОКУС: Своевремено имавте можност да соработувате со хокеарот Еди Јовановски, еден од врвните во Канадската лига. Која беше визијата на таа интересна соработка?

ЈАНКОВ: Искрено, во таа фаза од мојот живот, кога мислев дека ќе се изградам како новинар – фокусот ми беше насочен кон документарните филмови. Научив многу од МРТВ, многу им благодарам на сите кои несебично ме учеа и ми ги пренесоа нивните знаења. Еди Јовановски е наш семеен пријател, кој во тоа време кога беше во центарот на вниманието во светот,  прифати да  направам интервју за него и за неговиот приватен живот, да се запознаам со сѐ што е врзано за него и навистина беше привилегија. Со сите тие ликови до ден денес комуницираме и сме семејни пријатели. Тоа беа моите почетоци, едно големо искуство, така што  денес одлично се снаоѓам пред камера и ја разбирам новинарската комуникација, која е честа и речиси секојдневна.

Од „Бела“, нашата прошетка ја продолживме во Скопје Сити Мол, внимателно разгледувајќи го сето она што оваа екипа го подготвува во понудата за безгрижен летен одмор. Да, и Росана ќе патува со своето семејство на одмор.

ФОКУС: Музичарот Коки Јанков е вашиот брачен другар. Како ќе ни ја опишете вашата љубовна приказна?

ЈАНКОВ: Со еден збор интересна, предизвик… Коки е човекот кој ме „порасна“, кој ме научи многу во животот, искреноста и професионалноста велеше не се залудни, времето ќе ти покаже. Јас сум оган, Коки е вода. Тој е прекрасен татко, сопруг, пријател, од оваа дистанца можам само да кажам дека нашата љубовна приказна почна спонтано и ја градиме со години. Се разбираме со поглед, а довербата, почитувањето, заемното учење и толеранцијата заедно нѐ научија дека може да помине и да се надмине сѐ. Љубовта е таа што нѐ движи!

ФОКУС: Каква музика слуша Росана? Дали сопругот знае да ве „погоди со песна“?

ЈАНКОВ: Слушам сѐ, од класика до народно. Од Коки научив за квалитетен звук. Неговите песни се полни со емоции и секогаш допираат длабоко во мене. Покрај Коки ја засакав и класичната музика пренесена преку звукот на виолината и ќе бидам многу среќна ако Лара го наследи татко ѝ.

ФОКУС: Често патувате. Патувате и сама, но и со семејството, пријателите и со колегите. Кое патување го паметите како посебно?

ЈАНКОВ: Kога сме кај патувањата, можам да кажам дека во младоста, често патував со авион на долги дестинации, тој тип патувања имаа своја вредност и убавина. Откако станав мајка и сопруга патуваме повторно, некогаш сами со Коки, почесто цело семејство. Секако имам и службени патувања, првото ми беше во Швајцарија, кое сѐ уште го паметам. Едноставно сакам да патувам, но најубави патувања ми се семејните.

ФОКУС: Росана и Коки се родители на убавата Лара. Кои се нештата на кои сакате да ја научите вашата ќерка?

ЈАНКОВ: Лара е прекрасна ќерка. Умна, кротка, мирна, послушна. Со Коки ја воспитуваме да биде добар човек, да дава без да очекува да ѝ вратат, да почитува, да го вреднува тоа што го има и да биде борец. Јас секогаш ја советувам да работи на себе, да учи, да има знаење, да не се откажува, бидејќи животот носи многу пречки со кои во иднина ќе треба да се избори.

ФОКУС: Попустлива или строга мајка?

ЈАНКОВ: И двете.

Скорпиите велат дека се љубопитни. Сакаат да ги држат конците во свои раце. Додека уживавме во убавото кафе во Скопје Сити Мол разговараме и на оваа тема. Да, Росана астролошки припаѓа на семејството на Скорпиите.

ФОКУС: Родените во знакот на Скорпиите ги карактеризираат како љубопитни, вешти да ја препознаат разликата меѓу доброто и лошото. Имаат силно изразено чувство за правда. Сакаат да ги држат конците во свои раце. Дали нешто од ова препознавате кај себе, како астролошки припадник на овој знак?

ЈАНКОВ: Се согласувам… Често се пронаоѓам во карактеристики кои ги одликуваат Скорпиите. Сѐ е на чисто, кога сакаме даваме сѐ, кога не, бегајте од нас. А и не ги забораваме лошите постапки на другите.

ФОКУС: Сакате ли шопинг?

ЈАНКОВ: Зар има жена што не го сака тоа? Јас уживам.

ФОКУС: Што најчесто сакате да купувате?

ЈАНКОВ: Сѐ што ќе ми фати око на прва го купувам.

ФОКУС: За крај, што најчесто практикувате како  дама во својот моден опис?

ЈАНКОВ: За мене најважно е жената да е чиста, да има средена коса, лак на ноктите и карминче. Независно дали работам дома, дали спортувам, дали одам на некоја манифестација или на дружба со пријателите, да бидам соодветно облечена, елегантна и педантна. Би им порачала на жените: „Бидете свои, секоја жена има нешто што ја отсликува нејзината женственост… разбудете ја дамата во вас!

Во Скопје Сити Мол го најдовме сето она што ѝ беше потребно на Росана за убав и безгрижен одмор со семејството. Тоа ѝ го посакавме, закажувајќи нова средба на истото место, наскоро.