Ризов не се кае за стариот, но нема да го тетовира новиот лидер: Груевски замина, тетоважите останаа!

by fokus

Мирче Ризов, големиот обожавател на Никола Груевски, кој во чест на својот политички идол пред околу пет години направи тетоважи со неговото име, презиме и лик, вели дека денес, кога Груевски не е повеќе лидер на ВМРО ДПМНЕ, воопшто не се кае поради тетоважите кои ќе ги носи на себе до крајот на животот.

Напротив, вели дека до смрт останува верен на ВМРО и како тетоважите никогаш нема да ги отстрани, ниту пак да зажали што ги направил, без разлика што ќе се случува со Никола и дали ќе остане на политичката сцена.

-За мене, лик на дваесеттиот век е Тодор Александров, додека пак на дваесет и привиот век, тоа е дефинитивно Никола Груевски. Тој е за мене еден, родољубив македонец, кој го давал и ќе го дава животот за слободата и независна Македонија! Тетоважите остануваат, нема да одам на ласерско отстранување во никој случај! Имам и нова тетоважа, во чест на Тодор Александров, а член сум и на МПЗ Тодор Александров. Одам редовно на панихида на сите војводи, патриотизмот ми е во срцето. И дома ми е се уредено во тој патриотски стил со слики од војводата. Сакам да кажам дека не го правам ова за престиж, туку се доаѓа од срце, од љубов кон Македонија – раскажува неготинчанецот за „Фокус“.

Околу тоа што ВМРО ДПМНЕ има нов лидер, вели дека тоа воопшто не му пречи, и како Христијан Мицкоски го гледа како некој од рангот на Христо Татарчев. Сепак, решил да не прави тетоважи со неговиот лик, име и презиме.

-До бескрај го почитувам Мицкоски! Тој е правиот лидер, со кого ВМРО одново ќе се роди. Тој е од рангот на Христо Татарчев! Но и покрај тоа, решив да не го тетовирам – вели Ризов.

Минатата година тој се најде во центарот на вниманието на јавноста, кога за читателите на ,,Фокус’’ ги покажа тетоважите. Тогаш ни раскажа дека првата тетоважа на која пишува ВМРО ја направил во 1998 година, веднаш до срцето. Потоа, пред околу пет години ги направил и тетоважите во чест на Груевски. Уште тогаш ни потенцираше дека тоа го прави од љубов, а не поради било каква корист или награда.

Вики Клинчарова

Поврзани новости