Кристијан Габроски за поништените одлуки за субвенции: Оштетен сум, кај нас се ценат повеќе Аца Лукас и Северина

by Fokus

Кристијан Габроски, кој е еден од авторите на кои државата требаше да им исплати субвенции за композиции, во склоп на законот за поддршка на домашната музика, реагира по повод повлекувањето на одлуката, за која денес Министерството за кулутура ја информираше јавноста.

Габроски, кој е автор на 11 песни кои на последниот конкурс беа избрани за субвенционирање, во телефонски разговор ни кажа дека се чувствува оштетен поради одлуката на Министерството за култура и како истото министерство го смета за најголем проблем во целата ситуација.

-Јас сум оштетен од страна на тоа што изгубив време, труд и пари. Работев од седум часот наутро до единаесет часот навечер, творев, вложував. Подготвував документации, губев време. Од министерството можеле по секој квартал, доколку имало проблем или пак планирале некои измени, да не известат нам, авторите, па ние истите песни ќе сме ги промовирале самите и не би чекале ништо. Се најдов на мета на напади, а и самите тие кои ме напаѓаат не знаат точно поради што. Бидејќи лага е дека сме добиле толку пари, значи не сме добиле ништо за песните од 2016 година до сега, односно за се што сме сработиле за седум квартали. Сите тие суми кои што се објавија не се точни, бидејќи не се тоа износите кои ние ги добиваме чисти. Мора да платиме данок, да платиме за видео и аудио снимање, пратечки вокали, гитаристи и друго – реагира Габроски, за кого одредени медиуми известија дека за 11 песни ќе добие 36 илјади евра.

Тој додава дека во минатото му се случувало да биде субвенционирана само една негова песна, многу пати се случувало да бидат одбиени и повеќе негови композиции, и додава дека според закон, тој како автор не е ограничен со колку песни ќе конкурира.

-Јас имам дарба да творам, и тоа го правам. Работам по повеќе од десет часа дневно. Ако имало било каков проблем, министерството требало да не информира на време. Требало да се стопира целиот проект со време! Не се работи за пари, ако не треба да ги добиеме, не мора, но штетата ни е направена најмногу со изгубеното време и труд. Исто така, сите тие цифри, сите бројки за кои се пишуваше оркестрирано овие денови се лага. Нема што да се гледа во туѓиот џеб, но треба да се провери пред да се пишува било што. Ние, авторите, не по наша вина овие денови сме напаѓани како криминалци, ни се случува блам, а не сме ние тие кои го донеле овој закон – категоричен е Габроски.

Околу тоа кои песни од наградените со државни пари во изминативе четири години станале хитови и се вртат во етерот, тој вели дека кај нас колку и да се трудат авторите на домашна музика, Аца Лукас и Северина се тие кои што го добиваат целото внимание на јавноста и за жал, тоа е нешто на кое што може сосема малку да се влијае.

Кристијан, со кого што разговаравме телефонски на темава, вели дека има уште многу што да каже и појасни околу целата ситуација и фама која што е актуелна деновиве по повод субвенциите, но бидејќи бил надвор од земјава, вети дека во поопширно интервју во тек на наредната недела ќе ги соопшти сите детали.

Вики Клинчарова

Поврзани новости