Режимот на Груевски е мешавина од системите на владеење на Путин, Чавез и Берлускони!

Текстов е објавен во неделникот Фокус на 10-ти септември 2010-та година, цела година откако тој замина од вицепремиерското место во владата на Груевски.

Разговарала
Јадранка КОСТОВА

 

Политикологот Ивица Боцевски е речиси постојано присутен во јавноста, но, секогаш во различна функција. Некогашниот блогер и колумнист во владата на СДСМ беше шеф на кабинет на вицепремиерот. За време на Преродбата стана владин портпарол, а потоа и вицепремиер за евроинтеграции. Само после една година поднесе писмена оставка, која секој си ја толкуваше на свој начин. Тоа беше повод за интервју со Боцевски, денес веќе предавач во приватната гимназија Нова.
Сепак, и после една година од неговото демисионирање од владата на Груевски, Боцевски за својот екс-шеф говори повеќе од научно-теоретски аспект. Актуелниот режим го дефинира како нов тип на авторитарно владеење, во кое наоѓа сличности со Путин и Чавез. Многу посочен е во описот на сдсмовците и Црвенковски. Кога зборува, пак, за неговиот пријател Ѓорге Иванов, се чувствува разочараност поради тоа што Претседателот се однесува спротивно на ставовите што ги промовирал како професор. Најоскудни одговори нашиот соговорник даваше на темата за корупцијата и преродбата.
Во секој случај, Боцевски типува на избори дури во 2012 година, убеден дека за побрзо евроинтегрирање на Македонија неопходно е оваа власт да падне!

ФОКУС Кусото соопштение на Вашата оставка од вицепремиерското место не кажуваше многу, па моравме да го дешифрираме. Зошто избегавте од Владата?

БОЦЕВСКИ Суштинска причина за мојата оставка беше политичкото разидување со премиерот Никола Груевски, со начинот на кој се водеше политиката, особено по изборите 2008 година. Кога тие разлики станаа непремостливи и несогледливи, не ми преостана ништо друго, освен да заминам од тој тим, затоа што веќе не можев пред себе и пред јавноста да ги бранам владините политики.

ФОКУС Можете ли барем сега да бидете поконкретен?

БОЦЕВСКИ Груевски ја доби довербата на граѓаните во 2006-та поради потребата за еден конечен демократски пробив во Македонија, целосна професионализација, како и забрзан чекор кон евроинтеграциите. Наместо тоа, ни се случи една репродукција на стариот систем со нови актери и лидер. Да бидам уште поконкретен, најголемиот проблем на Никола Груевски во моментов е што се повеќе наликува на Бранко Црвенковски.

ФОКУС Зарем во првите две години од мандатот на Груевски не ги регистриравте овие симптоми?

БОЦЕВСКИ До изборите 2008, Владата го немаше ова мнозинство. Тој баланс сепак предизвикуваше поинаков начин на водење на политиката.

ФОКУС Во што беше поинаква таа политика?!

БОЦЕВСКИ Во однос на оние феномени што претходно ги кажав, а каде што гледаме допирни точки со политиката што се водеше во мандатот на Црвенковски 1994-1998 година. Мандатот што го доби Груевски во 2008-та, не беше за да се направи вмровска револуција, туку беше мандат за демократска преобразба!

 

ЕВРОПСКАТА АГЕНДА НЕ ИМ Е ПРИОРИТЕТ

ФОКУС Дали евроинтеграциите се воопшто на агендата на Груевски?

БОЦЕВСКИ Не сакам да влегувам во хорот на Касандри, кои тврдат дека не постојат евроинтеграциите во агендата на оваа влада. Постојат, но, не се од врвен приоритет.

ФОКУС Што им е врвен приоритет?

БОЦЕВСКИ Очигледно дека тоа е вложувањето во политичката репродукција на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија.

ФОКУС Дури и оставките на оние што имаа по неколку функции, беа дадени по налог на партијата, а не заради интервенцијата на антикорупциската комисија?

БОЦЕВСКИ Тоа ме фрапираше како феномен. Забележувам дека постои една политичка генерација, приближно на моја возраст, која делува како да не е социјализирана низ македонскиот систем, која како да ги преспала сите оние дебати од почетокот на 90-тите години. Тие не ја разбираат функцијата на тие независни тела како комисијата за антикорупција, комисија за јавен интегритет и слично. Напротив, се е врзано како во кошница околу партиската матица. Фрапантно е што млади луѓе се однесуваат на таков начин. Демек, одлуките на едно тело како антикорупциската комисија се секундарни, во однос на одлуките на партијата!? По се изгледа, бидејќи е лоцирана на истото место, владата по инерција се однесува како некогашниот Це-Ка на СКМ, каде што мораа да поминат и да добијат виза сите одлуки во државата!
bocevski CMYK
ФОКУС Тоа е и системот на вредности – партискиот војник добива се!

БОЦЕВСКИ За жал, мнозинството во Македонија ова не го гледа како проблем, туку гледа како да најде приклучок на тој систем.

ФОКУС Интересно е дека цело време ја апострофирате партизацијата, но, не ја споменувате корупцијата како проблематичен сегмент на оваа власт? Сте се прашале, ли, од каде се силните милиони на ВМРО-ДПМНЕ за изборите? Партијата се најде дури и на списокот на најголеми огласувачи. Дали сте се посомневале дека тука има бајаги црни пари?

БОЦЕВСКИ Очигледно е дека имаме сериозен проблем со финансирањето на политичките партии во сите досегашни изборни циклуси. Партиите одбиваат да бидат транспарентни…

ФОКУС Ве прашав конкретно за ВМРО-ДПМНЕ додека Вие бевте дел од владиниот тим. Еве, директно прашање: Дали дониравте 1.000 евра за изборната кампања на Вашиот пријател Ѓорге Иванов, бидејќи така беше наведено во извештајот?

БОЦЕВСКИ Точно е дека дадов 1.000 евра за неговата кампања.

ФОКУС Самиот понудивте пари или партијата Ви сугерираше?

БОЦЕВСКИ Најнапред сакам да разјаснам некои работи врзани со Ѓорге Иванов, кои гледам дека цело време ми висат на глава. Тука има две теми. Прво, дали сум близок со Иванов? Да, јас го сметам Иванов за пријател. Меѓу другото, бев и негов демонстратор на политичките студии на Правниот факултет. Втората дилема, дали претседателската кандидатура на Иванов има врска со мене и мојот ангажман? Не! Кога беше објавена неговата кандидатура, се разбира дека тој ја доби мојата поддршка, како што би ја добил и секој мој близок пријател.

ФОКУС Па, зарем сите Ваши пријатели се како создадени да бидат претседатели на Република Македонија?

БОЦЕВСКИ Самиот начин на кој Ѓорге Иванов се претставуваше себеси пред македонската јавност, но, и како одличен професор на студиите, ми даваше добра причина да го подржам.

ФОКУС Чиј предлог, тогаш, беше Иванов за Претседател?

БОЦЕВСКИ Не знам и не ме интересира. Јас го запознав како експерт за цивилното општество, како теоретичар на мултиетничката демократија, како одличен познавач за тоа што е добро и пожелно за едно демократско општество!

 

ИВАНОВ ТРЕБА ДА СИ ГИ ПРЕПРОЧИТА СВОИТЕ КНИГИ

ФОКУС Дали одличниот теоретичар се покажа како добар практичар?

БОЦЕВСКИ Јас се надевам дека Иванов мошне скоро ќе си ги препрочита своите книги за цивилното општество и за мултиетничка демократија, но, и Уставот на Република Македонија, па, конечно ќе го видиме како една еманципирана политичка фигура која ќе ги прави оние работи во кои верува, и заради кои ја доби и мојата поддршка, но, и поддршката на многумина кои не се врзани за ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС Не сте задоволен од Претседателот?

БОЦЕВСКИ Иванов се однесува премногу пасивно, па, претседателството како функција бледнее со неговиот избор за Претседател.

ФОКУС Ви пречи неговата сервилност кон Груевски?

БОЦЕВСКИ Ми пречи фактот што претседателската функција, која има силна морална тежина, не ја користи за да ги промовира оние цели што ги пропагираше како професор. Ни на сон не би помислил дека авторот на книгата за цивилно општество ќе го потпише овој срамен закон за антидискриминација!

ФОКУС Дури и Борис Трајковски, кој самиот претходно се декларираше како партиски војник, потоа се оттргна од Георгиевски.

БОЦЕВСКИ Јас се надевав дека тоа ќе се случи и со Иванов во односите со Груевски. Впрочем, самиот тој има напишано многу работи за овие теми и проблеми, па, редно е да се потсети на нив.

ФОКУС Контактирате со пријателот Иванов? Разговаравте ли со него лани за Вашата оставка?

БОЦЕВСКИ Не, немаме комуникација. Тој е претседател на државата и кога ќе почувствува дека му е потребен пријателски муабет, може да се јави.

ФОКУС Му се јавивте, ли, кога ги дониравте тие 1.000 евра за неговата кампања? Не ми одговоривте дали самиот се сетивте или партијата го бараше тоа од вас?

БОЦЕВСКИ Видете, не оди тоа така. Нема врска партијата…

ФОКУС Сакате да кажете дека наеднаш секој што има врска со ВМРО самоиницијативно, сите онака спонтано доаѓаат до идејата да лупнат по неколку илјади евра за избори?! Смешни се тие списоци…

БОЦЕВСКИ Секој дава онолку колку што ќе процени дека може да даде!

ФОКУС Владата даваше десетици милиони евра за рекламирање на владините проекти, понекогаш и небулозни, барем според моите аршини. И овде немаше транспарентност колку и како, по кои криетриуми се делеа овие рекламни кампањи на одредени пи-ар агенции, ама и на кои медиуми. Зарем не Ви пречеше таквиот стил на однесување со народните пари?

БОЦЕВСКИ Тука имаме две теми поврзани со владините реклами. Првата е што тоа воопшто не е регулирано. Во другите земји постои законска обврска за електронските медиуми, на секој час, на пример, да одделат две-три минути за јавните огласувања, што секогаш се однесуваат на кампањи од општо добро.

ФОКУС Прашањето ми беше за чудните критериуми по кои се делеа овие реклами, односно пари. Всушност, се купуваше подршката од медиумите? Оние кои ги величаат владините политики, добиваа куп вакви реклами, а никогаш не добивме одговор колку и зошто во тие медиуми? Сметате дека ваквата политика е во ред?!

БОЦЕВСКИ Не, не сметам дека тоа е во ред, но, како што веќе реков, сметам дека треба да се регулира…

ФОКУС Имаме едно чудо регулирани области, па, властите повторно си буткаат по свое, постојано извртувајки ја смислата на законите?

БОЦЕВСКИ Е, па, тоа е проблемот, како и општата политичка култура. Треба оваа област да се регулира и да се внесе во една правна рамка. А, браната на таа рамка понатаму е активната граѓанска јавност!

 

ДЕМОКРАТСКА Е САМО ФАСАДАТА НА РЕЖИМОТ НА ГРУЕВСКИ

ФОКУС Како би го опишале режимот на Груевски, со оглед на тоа што оној на Црвенковски го дефиниравте како султанизам?

БОЦЕВСКИ Ова е друг тип на авторитарно владеење. Ова дури сега почнува да се опишува во теоријата. Имено, покрај тоа што демократските политичари ги користат модерните техники за промоција на своите цели, и оние од друг ков, недемократските политичари ги користат истите техники. Овој нов тип на владеење, во вид на задржување на демократската структура, но нејзино исполнување со недемократски елементи, во моментов се опишува со повеќе актери што сега се присутни на светската политичка сцена. Во најбенигната варијанта тоа е Силвио Берлускони, а во многу помалигна варијанта тоа се Хуго Чавез и Владимир Путин.

ФОКУС Во што е сличноста на Груевски со Берлускони?

БОЦЕВСКИ Сличноста е пред се во делот со медиумската контрола.

ФОКУС Но, италијанскиот премиер е сопственик на повеќе медиуми!

БОЦЕВСКИ Без разлика. Сличноста е во злоупотребата на државната функција за користење на јавните средства што им стојат на располагање, ако сакате и со кампањите кои ги имавме во изобилство. Потоа и во злоупотребата на државните медиуми. Блискоста може да се најде и во партизацијата за која веќе зборувавме. Од друга страна, да нагласам дека политиката на Груевски е сепак активистичка политика, дека станува збор за еден многу поактивен режим од оној што го имавме претходно, пред неговото доаѓање на власт. Груевски има посебни политики за секоја целна група- лекари, земјоделци, пензионери, стечајци… но, истовремено и една лабава идеолошка платформа!

ФОКУС Дали режимот на Груевски е поблизок до оној на Путин?

БОЦЕВСКИ Сличностите се повеќе или помалку во сличниот институционален развој. Секое посткомунистичко општество остава зад себе можности за пробив на авторитарно-популистичко или недемократско владеење. Тоа зависи од многу фактори. Но, сличностите ги гледам во барањето за враќање на старата слава на Русија. Како што некои сеуште се овде се одушевени од старата слава на бивша Југославија, така некои се фасцинираат од антиката. Сличноста на Груевски со Путин е апсолутно и според партизацијата и односот кон медиумите. Еве уште една работа која е евидентна: И во Македонија се оневозможува да се појави и формулира алтернатива, и во општествена и во бизнис смисла. И тука се гледаат сличностите!

ФОКУС Груевски со Чавез го поврзува популизмот?

БОЦЕВСКИ Точно, но и односот кон медиумите. Сте слушнале ли за емисијата Ало, президенте? Секоја недела во 10 часот во Венецуела, Чавез има своја ТВ емисија. Пред извесно време предизвика меѓународен инцидент, затоа што среде емисијата доби информација од министерот за одбрана дека Колумбија прави некоја акција на границата. Тогаш Чавез, пред целиот ТВ аудиториум, во текот на емисијата нареди да се испрати цела дивизија на границата со Колумбија, со што го возбуди Вашингтон. Гледаме дека овие медиумски техники се користат и тука. Се на се, станува збор за задржување на демократската фасада, но, за типична авторитарна матрица на владеење, инструментално користена за репродукција на партијата!

 

СЕП СЕ МАРГИНАЛИЗИРА СО ВАСКО НАУМОВСКИ

ФОКУС Со еден лидер кој е микс на стиловите на владеење на Берлускони, Чавез и Путин, што може лично да стори еден министер за евроинтеграции? Како ја оценувате работата на Вашиот наследник, Васко Наумовски?

БОЦЕВСКИ Мислам дека не е многу пристојно да се критикуваат наследниците. Секој оној што бил во чевлите на некој вицепремиер не е соодветно да го критикува следниот. Меѓутоа, мене ми пречат две работи. Прво, тоа што Секретаријатот за европски прашања (СЕП) веќе не може да се препознае, пред се, кадровски – во делот на вработувањата и критериумите за нови вработувања. Драстично е изменета состојбата со влез на нови кадри без никаков критериум.

ФОКУС Веројатно има критериум – партиската припадност и подобност?

БОЦЕВСКИ Точно, но, така Секретаријатот бледее. Тој имаше една нагласена улога во владеењето, а сега гледаме дека се маргинализира, односно, дека министерствата и други тела се многу побитни во евроинтеграциите, додека Секретаријатот лебди во некој меѓупростор. Тоа е резултат на она што веќе го реков, дека евроинтеграциите не се дневен приоритет на оваа владеачка гарнитура.

ФОКУС Значи, сепак, Радмила Шеќеринска направила солидна кадровска база во СЕП?

БОЦЕВСКИ Шеќеринска како вицепремиер ја има воспоставено актуелната структурата на СЕП. Мојата филозофија на владеење, кога јас бев на таа функција, беше дека ние треба да градиме на темелите што ги оставиле тие пред нас.

ФОКУС Дали Вие лично имавте притисоци да вработувате партиски кадри?

БОЦЕВСКИ Притисоци или сугестии, како сакате наречете ги, секогаш има, без разлика која партиска структура е на власт. Дали ќе има или ќе нема партиски вработувања, пред се зависи од активноста и цврстината на човекот кој раководи со тој ресор.

ФОКУС Ивица Боцевски важеше за дете израснато под капата на СДСМ, па, немаше ништо чудно што станавте шеф на кабинет на вицепремиерот Минчо Јорданов, во владата на Бучковски. Но, Вашето назначување за портпарол на владата на Груевски беше изненадување, поради што од сдсмовските кругови добивте етикета – јаничар. И, тоа не е се, сега сте во ЛДП. Но, каде се чувствувавте поприродно: Во екипата на Бучковски или кај Груевски?

БОЦЕВСКИ Во владата на Бучковски немав политичка функција, за разлика од мојот ангажман во владата на Груевски. А, веќе реков дека моите мотиви да влезам во таа влада беа очекувањата дека конечно ќе се насочи сета енергија на демократска преобразба на општеството…

ФОКУС Зошто го избегнувате одговорот? Вие сте пред се политиколог и не верувам дека не сте ги регистрирале сите моменти.

БОЦЕВСКИ Не сум го разгледувал тоа на таков начин. Секоја влада го отсликува начинот на работа на партијата и на лидерот.

ФОКУС Добро, де, каде имаше подемократски амбиент?

БОЦЕВСКИ Немало драстични разлики во демократскиот амбиент, повеќе имало разлики во поглед на ефикасноста и хиерархичноста. Во овој дел, владата на ДПМНЕ е сигурно многу подисциплинирана. Од друга страна, за разлика од Бучковски, кој мораше да се бори со неформалниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски во тоа време претседател на државата, кај Груевски е лоцирана сета фактичка моќ!

 

СДСМ Е ТАЛОГОТ НА НЕКОГАШНИОТ СКМ

ФОКУС Рековте дека како шеф на кабинет на вицепремиерот не сте имале моќ. Сепак, за шефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протогер, се плетат приказни дека е моќна фигура. Или, тој е само феномен во политиката?

БОЦЕВСКИ Мартин Протогер е срамежлив за јавни настапи, а тоа создава една аура на недопирливост, на не знам каква моќ. Тој едноставно е шеф на кабинет. Тоа е неговата функција.

ФОКУС Заборавате дека е и генерален секретар на партијата?

БОЦЕВСКИ Слушнав доста анегдотални приказни, за некакви смс пораки…

ФОКУС Па, и Вие, Боцевски, додека бевте во оваа влада, а и извеснен период после тоа, функциониравте главно преку смс пораките!

БОЦЕВСКИ Добро, смс постои како средство за комуникација. Но, секој што е во владиниот тим има начин да ги искаже своите ставови и да влијае во политиката. Не ми се коментираат чаршиски приказни. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ функционира како една хиерархиски цврсто организирана партија. Но, секој во зависност од тоа колку е способен, има начин и простор да си ги каже своите ставови. А, крајната одлука е секако на оној што ја носи одговорноста, на премиерот.

ФОКУС Па, не сте биле на партиски состанок за да знаете?!

БОЦЕВСКИ Говорам за владата на Груевски во која бев јас министер.

ФОКУС Ви било дозволено да искажете и поинакво мислење?

БОЦЕВСКИ Апсолутно!

ФОКУС Супер, дали мислите дека СДСМ со Бранко Црвенковски може да го победи Никола Груевски?

БОЦЕВСКИ Не, јас сметам дека попрво Груевски ќе се победи самиот себеси, отколку што Црвенковски ќе го победи Груевски. Жално е што СДСМ однадвор има еден сјај на модерност и елитизам, а всушност станува збор за талогот на некогашниот СКМ. Тоа е партија на комунистички апаратчици. И, за жал, дури и најмодерниот лидер што таму ќе се претстави, по една година почнува да личи на Црвенковски. Со ваков начин на размислување, оваа партија не може да произведе некаква поинаква матрица на однесување. И, она што е најжално е дека вака целиот простор му е препуштен на ВМРО-ДПМНЕ. А, знаете дека без баланс, и најдоблесниот човек ќе попушти, а камоли пак луѓето што сега се на најодговорни позиции.

ФОКУС Бевте на почетокот активно вклучен во составувањето на законот за лустрација, се до моментот кога станавте портпарол на владата. Поточно, застапувавте став дека прочистувањето од кодошите на тајните служби е неопходен услов за развој на демократските процеси. Дали сега, кога го имаме законот, верувате дека лустрацијата ќе ја бидне?

БОЦЕВСКИ Лустрацијата потфрли само заради еден основен фактор. Дефинитивно, ниту кај ВМРО-ДПМНЕ, ниту кај СДСМ нема реална волја за вистинска лустрација, туку постои волја да се инструментализира тој процес за да се оцрни политичкиот противник.

ФОКУС Кој е стожерот на отпорот во ВМРО-ДПМНЕ?

БОЦЕВСКИ Мислам дека стожерот на отпорот кај обете партии е оној дел што чувствува дека е загрозен од самата лустрација. Не само оние што соработувале со структурите на овие служби, туку и оние што се навикнати на тој начин на владеење. Но, пред се, најголемиот отпор ќе го најдете во разузнавачките структури поврзани и со едната и со другата партија.

ФОКУС Дали Сашо Мијалков е главниот противник? Колку е тој моќен?

БОЦЕВСКИ Мислам дека и тука повторно имаме еден вид мистификација околу една личност, повторно како резултат на ограничениот пристап на Сашо Мијалков до општата јавност. Што се однесува до отпорот, тој природно доаѓа од тие и таквите структури. А, Сашо Мијалков е онолку моќен, колку што му дозволува Никола Груевски!

ФОКУС А, му дозволува бајаги?!

БОЦЕВСКИ Не можам да дадам таква оценка, затоа што во мојот сегмент на работата не сум се сретнал ниту еднаш со Сашо Мијалков!

 

ЗА ИЗБОРИ ЌЕ ПОЧЕКАМЕ ДО 2012-ТА

ФОКУС Создаде, ли, ВМРО-ДПМНЕ во иминативе четири години своја олигархија или буржоазија?

БОЦЕВСКИ Тешко е да се одговори на ова прашање. Ние прво направивме лоша приватизација, која создаде социјални разлики што создадоа дополнителни проблеми. Од друга страна, не се создадоа доволно успешни претприемачи, кои ќе бидат, ако не повеќе, барем во некоја втора лига во регионот. Никој од големите имиња од бизнис секторот во Македонија, не игра никаква улога ниту на север од Куманово. Тоа е резултат на моделот што се избра во македонската приватизација.

ФОКУС За партијата на Груевски беше прашањето. Дали создаде своја бизнис елита, олигархија, буржоазија, како сакате крстете ја?

БОЦЕВСКИ Ќе мора да почекаме да ги видиме резултатите од ова владеење. Очигледно е дека се случува нешто на тој план, меѓутоа сеуште ги немам лоцирано нивните главни знаменосци.

ФОКУС Евроинтеграциите зависат од тоа дали ќе се постигне компромис за името со Грција. Верувате ли дека тоа ќе се случи до крајот на годината?

БОЦЕВСКИ Доколку Република Македонија навистина се приближува кон компромис , ќе има одредени знаци. Треба претходно да се исцица овој отров што постои во јавноста за името и оваа прекумерна доза на нагласен квазипатриотизам со кој се храни јавноста и кој дури станува здодевен веќе. Првиот сигнал дека има приближување ќе биде кога ќе омекнат овие ставови, односно, кога ќе почнат да се презентират прифатливи варијанти за Република Македонија.

ФОКУС Што подразбирате под прифатливи варијанти?

БОЦЕВСКИ Она за што имаме консензус, делот што е отворен за преговори, а не за оние кои ни го оспоруваат идентитетот. Но, тоа во овој момент не го гледам. Мислам дека е невозможно до крајот на годината и да се постигне компромис и да се спроведе референдум и да се направи позначаен исчекор во овој процес!

ФОКУС Дали воопшто Груевци се подготвени за компромис?

БОЦЕВСКИ Во моментот се наоѓаат во еден ќорсокак, покрај тоа што постои и неснаоѓање, неумеење, незнаење. Постои и еден вид изгубеност како да се продолжи понатаму. Заради тоа, гледаме дека процесот се движи во сите правци, од тужби пред Меѓународниот суд за правда, па се до некакви небулози. Од друга страна, и внатре се нема храброст да се дефинира македонската политика, затоа што секој е исплашен како ќе реагира другиот. Тоа не става во пат-позиција. Жалосно е што не се случува посериозен исчекор. За да се случи тоа, сметам дека мора да има промена на власта!

ФОКУС Верувате дека ќе има предвремени избори?

БОЦЕВСКИ Измеѓу неизвесни избори со едно надразнето јавно мислење што може да зоврие на чуден начин и уште две години власт во кои ќе се тераат владините проекти, не сметам дека Груевски ќе избере неизвесност. Оттаму, мислам дека за избори ќе почекаме до 2012 година.

ФОКУС Од лево на десно, на крајот завршивте во центар. Тоа што сега сте дел од ЛДП, дали значи дека верувате дека е созреан моментот да се урне црно-белиот свет, во кој наизменично се менуваат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ?

БОЦЕВСКИ ЛДП во моментов се подготвува да си го окупира теренот што природно и припаѓа, односно, да го опфати граѓанскиот сегмент во РМ и да го претстави во националниот парламент, како и потребите за демократизација на целото општество и слобода за функционирање на претприемачите. На крајот на краиштата, јас често велам дека во Македонија тешко е да се земе бремето на пристојноста во националната политика. Тоа бреме долго време го носеше мојот професор Ѓорѓи Марјановиќ. И за мене беше врвна привилегија што заедно со професорот влеговме во ЦО на ЛДП.

ФОКУС Но, како ќе се изборите за позначајно место на политичката сцена, кога имам вопечаток дека се однесувате премногу салонски, затворено?

БОЦЕВСКИ Критично е, според мене, не само да се формулира оваа наша политика, туку и да се биде многу поагресивен во јавните настапи и во односите со медиумите, во презентирањето на таа наша политика. Тука ЛДП има свои предизвици!