Решена мистеријата за наградната игра на ,,Витаминка“: Цел месец со соседите и пријателите јадевме Стоби Флипс!

by fokus

 Големата наградна игра ,,Стобиранка“, што ја организира ,,Витаминка“ Прилеп, се најде во центарот на вниманието откако едно исто семејство беше извлечено дури десет пати и освои вредни награди.

Милан Талески, неговата сопруга и ќерка добија еден телевизор, два таблети, еден смартфон, три пара слушалки, еден ранец и два пакети производи. Токму нивното презиме, имињата и истата адреса обајвени во известувањето за добитниците, беа главна причина да почне лавина од коментари по социјалните мрежи околу тоа дали е играта регуларна, дали се работи за местенка, чиста случајност или голема и неверојатна среќа.

thumbnail_vitaminka1

Талески ја бомбардирале „Витаминка“

Семејството Талески по добивањето на наградите, во разговор со претставници од ,,Витаминка“ раскажале дека испратиле дури 640 пликоа, со по пет празни ќесички од смоки и слични Стоби производи. Таткото Милан работел како дистрибутер на плински боци, мајката во ресторан, а ќерката учела во средно медицинско училиште.
Тие купиле голем број на производи од ,,Витаминка“ со цел да добијат некоја од поголемите награди, меѓу кои што имаше и автомобил и скутер, а бидејќи не можеле да изедат самите се што купиле, производите ги подарувале на соседи, пријатели и блиски луѓе. За да можат да учествуваат со 640 пликоа, Талески купиле дури 3.200 производи на ,,Витаминка“.

За разлика од фамилијата Талески, добитникот на главната награда, автомобил Тојота Јарис, Џетан Цапа од Дебар, испратил само четири пликоа. Тој има 22 години и работи во компанија за осигурување, а минатата година доживеал сообраќајна незгода, поради која што останал без автомобил. Од ,,Витаминка“ велат дека бил пресреќен поради освоениот автомобил. Скутерот го добила девојка од Скопје, чија мајка ги испратила пликоата во нејзино име, а вкупно испратила 12.

Нема простор за какви било пропусти

Извлекувањето на наградите се одвиваше пред шестчлена комисија и се емитуваше на Јутјуб каналот на ,,Витаминка“. Тие ни потврдија дека пристигнале повеќе од 70.000 пликоа. Освен извлекувањето кое што дигна голема ,,прашина“ во јавноста, предвидени се уште две, и тоа на 27 октомври и на 25 декември. Сите неизвлечени пликови од претходните извлекувања учествуваат во секое наредно.

„Витаминка како сериозна компанија ги зеде предвид сите коментари на ФБ кои се однесуваат на наградната игра Стобиранка. Направена е дополнителна проверка на сите добитници и сакаме да ве информираме дека нема ниту една нерегуларност ниту пак злоупотреба на механизмите на наградната игра. Наградите беа извлечени по случаен избор и транспарентно во пренос во живо, пред повеќечлена комисија. „Витаминка“ која е компанија со традиција од 60 години во никој случај нема да дозволи да се случи каков било пропуст што ќе ја доведе во прашање нејзината репутација, а особено поради одговорноста која ја имаме пред своите лојални потрошувачи и пред своите вработени“ – изјавија за ,,Фокус“, преставници од „Витаминка“.

Вики Клинчарова

Поврзани новости