Ректорот бара прекин на гладувањето, професорите го обвинија за манипулација

by Фокус

Ректорот на Штипскиот универзитет, Саша Митрев денеска апелираше тројцата професори да го прекинат штрајкот со глад, оти не биле искористени сите можности за решавање на нивниот проблем, а тие пак остро му возратија – тој да престане дрско да манипулира со нив, со синдикатот и со јавноста.

Митрев потенцираше дека со притисок преку штрајкот ќе се прави преседан во работата на универзитетите, при што секој кандидат кој е во постапка на избор во некое звање ќе мора да биде избран, ако не во спротивно ќе следува штрајк.

– Автономијата на универзитетот и факултетите е токму во самото гласање и тоа не може да се спроведе на сила. Резулатот од гласањето мора да се прифати – рече Митрев.

Тој побарал проблемите да се решаваат внатре во универзитетот.

– Тоа и јас пробав да го направам со двете групи, кои на некој начин се поларизирани на самиот Економски факултет, но како ректор не можам да бидам цело време меѓу нив, додека тие меѓу себе се препираат – вели Митрев.

Тој не ги посетил професорите кои гладуваат веќе две недели бидејќи не го поканила, а со нив ќе се сретнел дури по штрајкот.

Професорите, пак, во својата реакција го замолија Митрев да им бидат доставени Записникот и Одлуката од седницата на Наставно – научниот совет (ННС) за да можат да го искористат правото на приговор.

Тие уште еднаш хронолошки раскажаа како настанал проблемот меѓу нив и ННС и побараа образложение од ректорот.

„Не заборавајте дека точките за избор на тројцата нас беа ставени на Дневен ред на 78-мата седница на ННС одржана уште на 29 мај 2014. Но, беа симнати од страна на Деканот со образложение дека во Ректорат стигнал допис да се почека со изборот додека да се конституира Владата. Во оваа прилика Ве замолуваме да ни го објасните ова!!!!“, се вели во дописот.

Професорите му порачаа на Митрев дека било прекршено нивното уставно загарантирано право на  штрајкување во работните простории и потенцираа дека уредно го пријавиле протестот.

„Ректоре, во текот на наставата, претпоставувам дека знаете, со дисперзиите на пет места,  не можеме да си ги видиме нашите семејства и малолетни деца. Сега, Ректоре, кога сме на  колективен одмор (а половината од него веќе измина) ние во регионалната канцеларија на СОНК во Штип играме претстава во нечија режија, а режисерот го нема.
Ректоре, додека сме во Регионалната канцеларија во Штип, со штрајк со глад, ниту еден колега (професор или асистент) од ниту еден факултет од нашиот Универзитет, нема дојдено да ни пружи рака или да донесе шише вода. Ректоре, сите ние меѓу себе во нашиот еснаф се ословуваме со  терминот „колега“. Дали Ваквата состојба, како прв човек на Универзитетот, Вас ве загрижува? Ректоре, се извинуваме што Ви го прекинуваме одморот!“, се вели во демантот на професорите коишто штрајкуваат со глад.

Поврзани новости