Рекапитулација на денешниот масовен и мирен протест

by Фокус

Граѓаните кои протестираа против одлуката на Иванов за општа аболиција се разотидоа од пред Владата, која беше последна дестинација на денешниот протест. Протестот започна пред канецелариите на Специјалното јавно обвинителство во знак на поддршка на ова тело, а потоа продолжи пред Собранието на Република Македонија, каде уметникот Југослав Петровски рече дека стиропорот од Скопје 2014 ќе им го однесат на криминалците од власта во Идризово.

За првпат откако започнаа протестите против одлуката на Иванов, денеска се протестираше и пред Министерството за култура. Демонстрантите од пред Собранието, под Триумфалната порта и плоштадот Македонија се упатија кон министерството кое потроши повеќе од половина милијарда евра на проектот Скопје 2014. На пат кон Министерството повторно беше бојадисана Триумфалната порта, а боја добија и лавовите од фонтаната „Воин на коњ“. На Тримфалната порта беше испишано „Ова кошта 208 Тамари“. Во фонтаната пак, беше истурен детергент за перење алишта, „за да се испере криминалот направен при проектот Скопје 2014“.

Како и Триумфалната порта, така и зградата на Министерството за култура доби балони со боја. Бидејќи немаше доволно полиција, неколку минути по пристигнувањето на демонстрантите, пред министерството стигнаа и дополнителни полициски кордони. Незадоволните граѓани побараа одговорност за потрешените над половина милијарда евра за барокни фасади и споменици.

Од Министерството демонстрантите се упатија кон Владата и извикуваа „Оставка“. За разлика од претходните денови, денеска полицијата не им го ограничуваше правото на движење на граѓаните, па тие стигнаа до новата ограда на владината зграда, каде имаше распоредено полицајци. Незадоволните граѓани тука останаа околу еден час, а потоа се разотидоа со што заврши протестот без инциденти, кој беше најмасовен досега.

 

Поврзани новости