По завршувањето на мини-турнејата на раководството на ВМРО-ДПМНЕ во САД и во регионот, партијата кон крајот на месецов треба да оддржи седница на партискиот Извршен комитет, на која треба да се дискутира и одлучува за нацрт-измените на партискиот статут и за зголемување и доекипирање на партиските органи.

Според неофицијални информации на Фокус, нов член на ИК треба да стане шефот на републичкиот штаб на иницијативата за модернизација и демократизација на ДПМНЕ, Александар Михајловски, кој воедно треба да биде промовиран и во нов партиски потпретседател покрај Александар Николовски, Владо Мисајловски и Митко Јанчев.

Ова, велат нашите извори, е дел од планот за вклучување на оваа групација во сите нивоа на партиските структури, во чии рамки Костадин Богданов веќе беше избран за член на највисокиот партиски орган, додека Петар Богојевски наскоро официјално треба да му стане заменик на генералниот секретар Игор Јанушев.

Инаку, прва најава за интегрирање на „реформаторите“ во партиските органи беше повикот од новото партиско раководство за средба во однос на измените на партискиот статут, кој, велат партиски извори, треба да биде изработен согласно партиските статути на десничарските конзерватини партии во Германија, Франција, Австрија и Хрватска.

Еден од клучните новитети, како што веќе објавивме, предвидува претседателите на општинските комитети да се избираат по пат на гласање од страна на членството, наместо од страна на партиското раководство по објавен конкурс како досега, со тоа што раководството ќе има механизмни за нивно разрешување под одредени услови.

Исто така, во новиот партиски статут ќе бидат утврдени новите партиски тела што ги најави новиот партиски лидер Христијан Мицковски – Совет на претседателот и Совет на Извршниот комитет, каде ќе се најдат универзитетски професори од странство и од земјава, меѓу кои се очекуваат и неколку критичари на начинот на кој претходниот партиски лидер Никола Груевски ја водеше партијата.

В.С.

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.