Реакција на ВМРО-ДПМНЕ: Самопрогласените реформатори немаат кредибилитет

by fokus

ВМРО-ДПМНЕ излезе со реакција за денешната прес-конференција, на која неколкумина членови од партијата побараа внатрепартиска демократизација и иницираа промени во партијата, формирајќи Републички штаб за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ.

„Алчноста за функции на поединци не може да премине преку оваа вистина. Вакви луѓе немаат ниту кредибилитет, ниту капацитет да бидат реформатори.

Ние сме демократска и модерна партија која им дава подеднаква можност на сите нејзини членови да дејствуваат во рамките на статутот на организацијата и да учествуваат активно во креирањето политики. Лага во функција на туѓ интерес е дека статутот на ВМРО-ДПМНЕ е недемократски. Статутот на ВМРО-ДПМНЕ е истиот според кој самопрогласените реформатори биле бирани во минатото на позиции во комисии и општински штабови во партијата, а некои од нив истите ги извршуваат до ден денес“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, причините за незадоволството „на оваа мала група се чисто лукративни, а не демократски“.

„Тоа што им пречи на неколкутемина незадоволни е фактот дека ВМРО-ДПМНЕ следејќи ги принципиелните политики и волјата на гласачите се одлучи да не влегува во непринципиелни коалиции за формирање Влада во кои би се правеле договори на штета на иднината на Република Македонија.

Неколку функционери незадоволни од својата кариера во партијата со слаби резултати може да предлагаат и повикуваат на реформи, но тоа се прави во процедура која им е добро позната, со обраќање до соодветните партиски тела кои секогаш сослушувале какви било иницијативи и предлози. 
Прескокнувањето на сите партиски процедури и јавното навредување и квалификување на ВМРО-ДПМНЕ како недемократска партија е повреда на угледот и честа на партијата“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Поврзани новости