Реакција на ,,Поетска ноќ во Велестово’’ по повод Годишната програма за поддршка: Сакаме да веруваме дека се работи за грешка на Министерството за култура!

by Fokus

Откако беше објавена Годишната програма на Министерството за култура, за поддршка на проекти од областа на културата, не стивнуваат реакциите на социјалните мрежи. Големо незадоволство од изборот на проектите кои добиле финансиска поддршка, незадоволство, критики и прашања колку се транспарентни луѓето од комисиите кои одлучуваат за распределба на субвенциите, се топ тема изминативе неколку дена.

И додека некои од уметниците се решиле своето незадоволство да го искажат само на социјалните мрежи, од управниот одбор на манифестацијата ,,Поетска ноќ во Велестово’’ решија јавно да го споделат своето незадоволство и разочарување, и бараат јавно образложување од министерството зошто една културна манифестација која е три децении стара е изоставена од програмата за поддршка. Во целост ви ја пренесуваме нивната реакција:

Почитувачи и пријатели на Поетската ноќ во Велестово, Ве известуваме дека јубилејното 30–то издание на Поетската ноќ во Велестово не беше поддржано од Министерството за култура како дел од Годишната програма за 2018 година. Навистина е големо разочарувањето што токму во пресрет на јубилејното издание, оваа манифестација потполно е изоставена од каква било поддршка од Министерството за култура. Со нетрпение го очекуваме образложението за една ваква одлука, која во многу нешта, не само што е изненадувачка, туку е и во потполна спротивност на она што од министертвото и од самиот министер досега беше најавувано како културна политика, при што децентрализацијата и деметрополизацијата беа истакнувани како едни од клучните стратешки цели и во Нацрт–стратегијата, која до скоро беше нашироко претставувана.

Поетската ноќ во Велестово дури и може да биде парадигматичен пример за таква културна пракса. Нашето разочарување дотолку е поголемо што и во конкурсните услови, но и заради најавите на самиот министер Алаѓозовски дадено како образложение по повод презентацијата на Годишната програма, дека предност ќе имаат манифестациите со традиција и со уникатен концепт, а Поетската ноќ во Велестово е втората најстара книжевна манифестација во Македонија, веднаш по Струшките вечери на поезијата, која континуирано се одржува веќе 30 години. Би сакале да веруваме дека се работи за грешка, пропуст или какво било образложение од ваков вид, што можеби ќе биде исправена по оваа јавна реакција и жалбата (приговорот), која ќе ја доставиме откако ќе го добиеме образложението, доколку решението е негативно.

Изненадени сме што Министерството за култура, токму кога на чело е министер кој доаѓа од областа на книжевноста, одлучило да не ја поддржи оваа манифестација. Ова е несоодветен третман кон една манифестација која во својата долгогодишна традиција ги претставила сите значајни поетски имиња од Македонија, како: Анте Поповски, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Матеја Матевски, Радован Павловски, Катица Ќулавкова, Веле Смилевски, па до помладите Никола Маџиров, Владимир Мартиновски и други, организирани се исто толку изложби на современите македонски сликари, скулптори, фотографи, како: Вангел Наумовски, Родољуб Анастасов, Глигор Чемерски, Газанфер Бајрам, Владимир Георгиевски, Боро Митриќески, Сергеј Андреевски, Емил Шулајковски, Славко Упевче…

Поетската ноќ во Велестово е интернационална поетска манифестација преку која биле претставени и бројни светски познати имиња, објавени се избори од творештвото на бројни поети, редица антологии на одделни национални книжевности…

Јавноста, особено онаа книжевната, отсекогаш ја препознавала нашата посветеност како организатори, при што секогаш сме ја имале оваа поддршка. Особено сме благодарни на сите досегашни спонзори и помагачи, на сите кои помагале да биде реализирана оваа манифестација. Уверени сме дека и овојпат, дури и да изостане поддршката од Министерството за култура, со помошта и поддршката од Општина Охрид (за која сме бескрајно благодарни) ќе успееме да реализираме барем дел од претходно предвидената програма, која се надеваше на поддршката од Министерството и амбициозно планираше во рамките на трите програмски дена да бидат претставени:

– 5 до 10 поети од Македонија – 3 до 5 поети од Хрватска – Хаику час со тројца хаику мајстори – Џез и етно концерт – Ликовна изложба – Офф програма со неколку книжевни промоции Предвидено беше и издавање на четири капитални изданија: – Избор од современата македонска поезија – Избор од современата хрватска поезија – Монографија: 30 години Поетска ноќ во Велестово – Весник: Поетска ноќ во Велестово 2018 г. Драги наши редовни посетители, учесници и пријатели, веќе знаете дека низ годиниве сме нуделе квалитетна програма со атрактивни поетски имиња, при што во последниве 10 години сме имале учесници од сите меридијани: САД, Франција, Ирска, Бугарија, Сирија, Турција, Монголија, Албанија, Црна Гора, Србија, Словенија, Русија, Словачка, Норвешка… Бидете уверени дека и годинава претстои успешно издание достојно на јубилејот. Веруваме дека оваа јавна реакција ќе покрене некои прашања во врска со критериумите, вредностите и начинот на поддршка на културните манифестации во Република Македонија – реагираат од управиниот одбор на манифестацијата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости