Расте поддршката за „Фокус“

by Фокус

Читатели, подржувачи, колеги и јавни личности се одзваа на повикот за солидарност и се вклучија во акцијата „Донирај за Фокус“. Поголемиот дел од нив донираа јавно, а своите донации ги споделуваат на социјалните мрежи фејсбук и твитер.

Подршка на новинарите на „Фокус“, јавно даде и легендата на спортското новинарство Атанас Костовски, кој се фотографираше и ја сподели фотографијата на твитер.

Акцијата е во организација на Здружението на новинари на Македонија кое ги повикува сите новинари и граѓани на Република Македонија  да се солидаризираат со новинарите од неделникот „Фокус“ – Јадранка Костова и Владо Апостолов, кои врз основа на пресудата на Апелациониот суд од спорот против директорот на УБК Сашо Мијалков, треба да исплатат 9.000 евра во име на нематеријална штета за клевета и судски трошоци.

ЗНМ смета дека пресудата е неправедна и е директно насочена против критичното новинарство, која е суштинска потреба за функционирањето на македонската демократија.

„Сметаме дека нашата поддршка ќе придонесе да опстои слободната мисла и критика кон начинот на практицирање на власта во РМ. Освен тоа, сметаме дека поддршката на новинарите и јавноста ќе биде директен придонес во зачувувањето на слободата и на изразувањето во Македонија“, велат од ЗНМ.

Уплатите може да се извршат на следната жиро-сметка:

ЗНМ Солидарен Фонд: 300000003296484
Комерцијална банка
Цел на дознака: Донација за новинарите на Фокус

Оние кои сакаат да донираат преку електронско банкарство во делот кој се однесува на повикување на број потребно е да стават било кој број, пример „1“.
 

Поврзани новости