Рашковски објави документи: Владата на Груевски планирала да гради станови за бегалците!

by Фокус

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува актуелната влада на СДСМ дека сакала да гради станови за бегалците, претворувајќи ја Македонија од транзитна зона со држава-дестинација за овие луѓе, но, според документите што ги обави владиниот генерален секретар Драги Рашковски, тоа прифатила и одлучила да го стори токму владата на Никола Груевски.

Имено, Рашковски објави мислење изготвено од Министерството за транспорт и врски и доставено до владата во 2011 година, по повод Информацијата за имплементација на Стратегијата на интеграција на бегалци и странци од Министерството за труд и социјала 2008-2015, кое јасно потврдува дека претходната влада планирала изградба на станови за бегалци.

Во ова мислење во однос на кое немало никакви забелешки ниту Министерството за финансии, се наведува:„Поради итноста на реализацијата на Програмата за интеграција на лица на кои им е признато правото на азил, која има цел поддршка на лицата кои се станбено необезбедени и кои се корисници на право на социјална помош и кои имаат поднесено барање за локална интеграција во Македонија, е предвидена иградба на станбени единици за бегалската популација“.

„Македонија отсекогаш била хумана земја и им помагала на луѓето кои се нашле во невоља не по своја вина. Така и ќе биде. Но, Владата на Република Македонија, предводена од СДСМ, не планира изградба на станбени единици за бегалците. За тоа кој планирал најдобро зборува пишаниот документ. Сеењето на страв е неоправдано. Политиката е борба на идеи. Дајте да се натпреваруваме со идеи. Оние од наша страна допрва претстојат“, напиша владиниот генсек на неговиот фејсбук профил.

Поврзани новости