Протест во Неготино: Каде да фрламе боја, кога ништо не се изгради?

by Фокус
Над 600 неготинчани вчера излегоа на протест и дадоа своја поддржка на Шарената револуција. Незадоволните граѓани го започнаа својот мирен марш од пред Полициската станица и завршија пред Општинската зграда носејќи знамиња, шарени чадори, балони и транспаренти ,,Нема правда – нема мир,,. Сепак, градот на лозарите не беше искпрскан со боја, бидејќи активистите од Протестирам ни изјавија дека во градот ништо не се изградило, па нема каде да фрлаат со боја.
-Неколку пароли беа испишани на асфалтот, но само неколку часа по протестот тие беа избришани од контрапротестантите кои што одржаа свој контра протест во центарот на градот. Она што на сите нам, од Шарената револуција ни беше доста интересно е тоа што во првите редови кај контрапротестантите можеа да се забележат вработени во јавната администрација и директорки на јавни институции, додека пак кај нас, најголемиот број на протестанти беа млади луѓе, политички неопределени, но и пензионери и земјоделци. Не запираме овде, вечерва повторно ќе имаме протест во 18.30 и се надеваме дека ќе биде дури помасовен од вчерашниот, ни изјавија активисти на Протестирам.
-Ако Неготино се полие со боја, дури тогаш ќе имаме голем проблем, бидејќи градот постојано се соочува со рестрикции на водата за пиење, и покрај сите најави дека се работи на решавање на проблемот и водоводната мрежа се реконструира, па кој знае како ќе помине чистењето. Но и без тоа, во градот според нас, ништо не се изградило, па дури нема ни каде да ја истуриме бојата, која што е заштитен знак на Шарената револуција, велат од Протестирам.
negotino protest2 negotino protest1