Промовирана монографијата „Светлана Антоновска – Македонската челична дама“

by Fokus

Вчеравечер, Салонот 19:19 и неговиот хол беа претесни за да ги соберат сите почитувачи на ликот и делото на истакнатиот општественик, политичар, статистичар и научник Светлана Антоновска, коишто присуствуваа на одбележувањето на 65-годишнината од нејзиното раѓање и на една година од нејзиното физичко заминување – промоцијата на монографијата „Светлана Антоновска – македонската челична дама“.

А меѓу нив беа академици, универзитетски професори, дипломати, статистичари, уметници, некогашни младинци…

„Денес се случува важен настан за колективната меморија на нашето општество, бидејќи објавувањето и промовирањето на монографија за личност од форматот на Светлана Антоновска е чин на исполнување на една морална обврска, којашто не ја имаат само главните двигатели на овој проект – нејзините најблиски, туку ја има и нашата држава… ја имаме и сите ние коишто сме ја имале честа да ги посведочиме илјадниците круцијални мигови кога Антоновска на само нејзе својствен начин знаеше да одговори на предизвиците. Обврска којашто и државата и ние ја имаме не само пред македонската челична дама, туку и пред историјата и пред новите генерации коишто треба да имаат сознание за личноста-модел на општествено одговорен граѓанин и професионалец. Светлана Антоновска е име, коешто за многумина е синоним на авангардноста во нивната младост, но и име коешто е синоним на македонската статистика… Име на првиот предводник на процесот на трансформација на македонската статистика и на втемелувач на европските стандарди во неа“ – беше истакнато во поздравното слово упатено од в.д. директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Промотори на монографијата беа поетот Ристо Лазаров, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова и гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов.

Поврзани новости