ПроКредит Банка со работно време од 24 часа, 7 дена во неделата

ПроКредит Банка денес го претстави новиот концепт на банкарска услуга- Зона 24/7, односно засега ова е единствената банка која нуди услуга со работно време 24 часа, 7 дена во неделата и располага со ваква современа технологија.  Во бизнис експозитурата на Банката во Автокоманда беа претставени новите автомати и функционалности според најсовремена технологија во банкарството во Европа, кои во Македонија се имплементирани за прв пат од страна на оваа германска банка.  Оваа технологија нуди различни можности за уплата и исплата на готовина во денари.

На различните автомати и депозитни сефови клиентите можат самостојно да ги вршат банкарските операции во било кое време. Секоја услуга се извршува за максимум 2 минути. Во Зоните претпријатијата и нивните сметководители може да го уплаќаат својот дневен пазар по работното време на банката-навечер, за викенди и празници. Уплатените средства се достапни веднаш за понатамошни плаќања. Дополнително достапни се сите видови електронски плаќања, менувачко работење преку системот на електронско банкарство, а достапна е и можност за печатење на тековните изводи. Физичките лица можат да уплатата и подигнат денари од својата транскациска сметка, да вложат или извадат готовина од својата штедна сметка. Придружено со електронското банкарство граѓаните може да работат комплетно независно-да платат комуналии, да заменат девизи, да управуваат со салдата на штедните и трансакциските сметки.

pro4

-Како германска банка специјализирана за претпријатија, за прв пат во Македонија воведовме технологија која нуди значајни придобивки за клиентите: достапност на банкарската услуга 24/7, заштеда на времето кое клиентите го трошеа за извршување на услугите и пониски трошоци за провизии. Сега клиентите секоја услуга ја завршуваат за 2 минути, провизииите на автомат се о денари и во секое време и самите одбираат кога ќе ја посетат банката. Услугата им е достапна насекаде низ Македонија, изјави Емилија Спировска, член на Управниот одбор на ПроКредит Банка.

Германската амбасадорка Др.Кристине Алтхаузер изрази задоволство што германската банка е лидер во иновации во македонскиот банкарски систем. Таа направи паралела помеѓу Македонија и Германија.

-Ова што го претставува ПроКредит денес е истото она што можам да го видам во банките во Германија. ПроКредит навистина понуди значаен напредок во банкарската технологија и услугите за клиентите. Бизнисите во Германија за работа со готовина најчесто користат автомати. Дури 47 проценти од плаќањата во Германија се направени безготовински, а секој втор Германец работи преку електронско банкарство, истакна амбасадорката Алтхаузер.

Банката за сега располага со 3 типа на автомати со различни функционалности, а во иднина најавуваат дополнителни. Најкористен е банкоматот за уплата и исплата. Зоната 24/7 најмногу ја користат бизниси кои се занимаваат со трговија, супермаркети, продавници, дрогерии, книѓари, транспортни компании, ресторани и други услужни дејности и професионалци со динамично работно време и обврски, кои сакаат да си ја завршат работата во банка по своето работно време или за викенд.

Од Банката информираат дека до сега над 27 проценти од направените трансакции на банкоматите за уплата се по 16 часот. Додаваат и дека овој процент постојано расте, што потврдува дека клиентите ја препознаваат придобивката од неограниченото работно време на банката.

Зоните се достапни во речиси сите експозитури на ПроКредит Банка, на 20 локации во Скопје и Македонија.