Проблем со контејнерите за ѓубре во Неготино: Аман градоначалнику, се гушиме во смрдеа!

by fokus

Покрај проблемите со секојдневните неколкучасовни и целовечерните рестрикции на водата за пиење, неготинчани се принудени да се справуваат и со отворените контејнери, од кои што се шири неподнослива реа на температури над 35 степени целзиусови.

Загрижени за своето здравје, и крајно револтирани од односот на ЈП Комуналец и општината, во нашата редакција се обратија граѓани кои живеат во центарот на градот, а на кои, како што велат им се смачило секој ден да бараат решение од надлежните во општината и од комуналното претпријатие.

,,Нашата куќа е сместена во строгиот центар на градот, веднаш до општинската зграда и до просториите на Црвен Крст. Веднаш до дворот имаме прав отпад! Тука се сместени неколку контејнери, од кои се шири неподнослива смрдеа, посебно сега, во летниот период. Бидејќи во близина нема други контејнери, сите, од каде ќе стигнат го фрлаат ѓубрето овде, дури поминуваат и со автомобили, и во вечерните часови ги полнат контејнерите.

За да биде работата полоша, сите контејнери во градот се без капаци, бидејќи возилото кое што ги чисти имало некаков проблем и не можело да ги подига со капаците, па им беа отстранети уште пред неколку години. Значи, целото ѓубре на ачик!” – реагира Снежана Лазова, која што тврди дека не може да отвори прозорец од реата.

Таа додава дека и самата не знае колку пати се обратила до комуналната инспекција во градот, до градоначалникот Ванчо Апостолов, но и до директорката на ЈП Комуналец, Наташа Лазова, но решение сеуште немало.

,,Ова е отворен извор на зарази! Бараме да се преместат контејнерите, се плашиме за нашето здравје. Не се излегува надвор. Инсистирав до надлежните да ги мијат контејнерите секогаш кога ги чистат, а не само да го фрлаат ѓубрето, бидејќи во нив останува течност која што мириса одвратно, но ниту се мијат, ниту пак има некоја иницијатива за нивно дислоцирање. Апелирам до градоначалникот Апостолов да преземе нешто, се гушиме во смрдеа! ” – вели таа.

Додава дека за проблемот го алармирала и градоначалникот лично, но контејнерите и течноста која што постојано истекува од нив сеуште си стоеле на истото место.

И нејзината снаа Маја Лазова вели дека околу нивната куќа смрдеата е како да минуваш покрај депонија, а реагирале и вработени во Црвен Крст, кои започнале петиција за преместување на контејнерите.

,,Мора да се најде трајно решение за проблемот. И од други населби во градот се соочуваат со слични проблеми, посебно на жештините. Нека се направат подземни контејнери, или барем нека им се стават капаци, нека им се најде соодветна локација, а не вака, пред нашиот двор да се собира ѓубрето од стотици семејства. Ваква слика во центар на град воопшто не личи” – потенцира таа.

Во Неготино проблемот со отворените контејнери датира од поодамна и ова е можеби и единствениот град во кој што контејнерите за ѓубре немаат капаци.

Па така, целиот комшилук може да има увид во тоа кој што фрла во нив, кој како се храни, кои брендови на приозводи ги користи, колку млеко или алкохол испил, какви влошки користи, бидејќи отпадоците стојат на среде улица во отворените контејнери. Покрај тоа, ѓубрето е на мета на улични мачки и кучиња, кои што неретко го расфрлаат на сите страни.

Решение за проблемот најверојатно нема, бидејќи ЈП Комуналец неможе да се справи со капаците, поради технички проблем. Имено, на новите камиони во кои што се товара ѓубрето од контејнерите им пречеле капаците, па уште пред неколку години од Комуналец решиле да ги извадат истите. Како ги извадиле, повеќето капаци така и останале. Некои уште стојат покрај контејнерите, додека некои граѓаните сами ги однеле во отпад, да не им пречат.

Уште во времето кога вработени од претпријатието ги вадеа капаците, ги прашавме како мислат да ги остават контејнерите отворени, ни одговорија дека едноставно – така мора да биде и не се тие виновни поради техничкиот проблем.

Загрижени граѓани на социјалните мрежи реагираат, бидејќи постојано има расфрлано ѓубре околу контејнерите, кои што не се чистат редовно, се шири неподнослива реа, па дури и се плашат од зарази. Некои на шега велат дека отворените контејнери се одличен начин за шпиунирање на комшиите, бидејќи од око може да се процени кој како живее и кој колку троши, според отпадоците кои што ги фрлаат.

Лани, за време на летниот период, поради дефект камионите за ѓубре не работеа, па содржината од контејнерите се исфрлаше во тракторска приколка. Ниту тогаш не беа вратени капаците на контејнерите и ѓубрето постојано е оставено на ,,мегдан”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости