Премрежија и искушенија на граѓанското општество

by Fokus

Пишува: Иво Рангеловиќ

Политичките прагми на (би)партиска Македонија приврзаа многубројни симпатии и антипатии, но исто така, создадоа основа да поверуваме дека “сите се исти”. Овој параномален феномен кој се повеќе се припојува како формална колокација на партиите, успешно го зароби цивилното општество во својот зачеток. Точно е дека, од неодамна слободата доби појавна форма, но надежта како сеуште да лебди во воздухот. Партиските агитации и заложби не само што се постојани и моќни, туку во континуитет го негуваат вакумот во ова општество (“патриоти” vs “предавници”). На ниво на политика пак, успешно го присвоија, а потоа и преобразија, популизмот од реторика во демагогија.

Супстратот на неизвесноста започнува од кадровската политика, па сѐ до можната компензација на правдата со некакво национално помирување. Од неодамна и законот за употреба на јазиците ја потврди заложничката позиција на државата vis-à-vis партиското општество. Суштината на ваквите закони не е ништо повеќе од популистички инструмент за гласови во Албанcкиот блок. Додека пак во Фиромјанскиот блок, законите од овој тип се фактури за коалицирање, разкнижени со сув жиг во Рамковниот договор.

Искрено, веќе е досадно да се колумничари за партиското општество и да се расправа само за аномалиите на овие и оние. Не џабе велат, дај му власт за да му го видиш умот. Верувам ќе се согласите, недостасува поинаков фокус на нештата – наспроти оној дека „политиката е курва“.

Ако за момент си дозволам да имам улога на промислувач, наместо аналитичар во оваа колумна, како проблесок во мислата ми се пројавува прашањето: Дали сервилноста, угодништвото и подлизурството на критичната маса во Македонија го попречува граѓанското општество? И аналогно на тоа, дали индивидуалната неодговорност не зацврсти на статус-квото?

Македонецот секогаш бил најкомотен на маргините на рационалното. Но, овој пат се испостави дека и критичната маса се подвргна на инфантилноста. Ваквиот малограѓански конформизам е недозволив, не само кај оние кои се паркираа во владините фотељи, туку и кај опозициската интелегенција, која со дегутантниот однос во пресрет на историските моменти, заработува на национализам. За проблемот да биде уште помизерен, општеството ни тоне во сопственото неоварварство, но и во она на партиската држава. Ајде малку за првото.

Мислам дека правиме крупен превид ако заклучиме дека промените се политички прерогатив. Ваквата ретроградна практика само го разводни капацитетот и моралот на социјалниот капитал низ годините. Граѓанското општество ја одбира својата судбина во зависност од тоа што ќе направи денес. Во тој контекст, индивидуалната одговорност е темел на секоја цивилизирана заедница. Во ваквите субстандардни услови на пасивна одговорност, тешко ќе го надраснеме балканскиот синдром.

До кога луѓето во Македонија ќе се удираат во пајаци? До кога пратениците ќе патуваат до Струмица преку Солун, за денар плус? До кога главна вест помеѓу медиумите ќе биде дали Фатиме одела во диско, Мерцедесот на оглас, или Ќосето во Сопиште? Oчајно ни фалат проблеми како оние од првиот свет.

Во општественава дисонанција таквите појави добиваат димензии на норма, а осудите во јавноста се исклучиво номинални. Поради тоа, супстанцијален елемент на граѓанското општество е да се соочи со проблемите кои ги живее. Засега, пасивната одговорност засеа консоцијална врска меѓу етникумите и социјална дискохезија узурпирана од предрасуди. Без ни малку простор за национален консензус. За ништо.

Можеби критичната маса во ова општество го девалвира сопствениот потенцијал по нотите на пазарната логика – „Глупаво е да останеш паметен меѓу оние кои се луди?“. Потребно е што побрзо да се пронајде излезот од кафеаната, бидејќи во меѓувреме масата од трезвеноумни (млади) индивидуалци се излеа од државата. За нив среќата е глагол. Тие се активни, одговорни граѓани, кои се соочуваат со сопствените проблеми наместо да ги шуткаат под чергиче. Сами си ја преодредуваат судбината верувајќи во девизата, дека ултимативно е само слободоумието.

Токму една таква индивидуа ја сумира мојата мисла во едно извонредно интервју, кое воедно е и соодветен портрет на сѐ она што го живееме.

Во своето интервју за порталот МКД.мк, Наум Пановски вели: “Затоа денес полесно од сѐ им е да плачат и да се жалат, да ја оплакуваат својата судбина, да плукаат по државата и од неа да бараат таа да стори нешто за нив, отколку да излезат од својата зачаурена народњачка свест, затруена од лош алкохол и евтини цигари, од цревца, шкембиња, чварки и од други „посластици” за сиромашни во умот и да ја земат својата судбина во своите раце и да се менуваат. Односно Македонците тврдоглаво и инаетчиски одбиваат да се цивилизираат и да се менуваат за утре, затоа што им е полесно да се самосожалуваат и плачат по државата што ја уништија со своето паразитско, гребаторско и измамничко однесување”.

Животот можеби дава втора шанса за прв впечаток, но штета што политичките суети не трпат луѓе како овој.

Авторот е Магистер по компаративна политика при Универзитетскиот Колеџ Лондон. Дипломиран политиколог и економист при Бостонскиот универзитет.

 

 

Поврзани новости