Премиерот Заев и владината делегација утре на Самитот за Западен Балкан во Трст

by fokus

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, ќе ја предводи високата владина делегација на четвртиот Самит „ЕУ – Западен Балкан“ во рамки на Берлинскиот процес, што ќе се одржи на 12 јули во Трст, соопшти владината прес-служба.

Самитот, под покровителство на Италија како претседавач на Европската Унија е организиран на највисоко ниво. На него ќе учествуваат премиерите на шесте земји од Западен Балкан, заменици премиери, министри за надворешни работи, за економија и за транспорт, високи државници на земјата домаќин, претседатели и премиери на одделни европски земји, како и претставници на ЕУ и на Европската Комисија, високaта претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јоханес Хан, како и еврокомесарката за транспорт Виолета Болц.

Самитот има за цел да го поттикне придвижувањето на евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан и да донесе конкретени чекори во однос на неговото инфраструктурно и економско поврзување. За таа цел е обезбеден фонд од 1,3 милијарди евра за Западен Балкан, средства кои треба да се искористат до крајот на 2020 година за проекти во областа на транспортот, инфраструктурата, енергетиката, животната средина и на иновациите, кои треба да бидат реализирани во рамките на Транспортната заедница на западниот Балкан која со свечена церемонија ќе биде основана со потписите на премиерите на замјите од регионот.

Премиерот Зоран Заев во рамките на самитот, покрај средбите со највисоките европски државници и претставници на ЕУ и на ЕК, ќе оствари и билатерални средби со премиерите на Албанија, Еди Рама, на Србија, Ана Брнабиќ, и на Словенија, Миро Церар.

Поврзани новости