Поткуп за избори: Панов ми даде 1.000 денари во својот кабинет, за да гласам за ВМРО-ДПМНЕ

by Fokus
Откако два пати беше одложено судењето на кавадаречкиот градоначалник Александар Панов, обвинет за изборен поткуп на гласачи Роми, денес тој се појави во Основниот суд во Кавадарци.
 
На рочиштето се појави и сведокот Сали Мемедов, кој сведочеше дека Панов му дал 1.000 денари во својот кабинет, за да гласа за ВМРО ДПМНЕ.
Тој потврди дека на деветти декември 2016 година, два дена пред парламентарните избори, добил информација дека во општинската зграда се делат пари. И самиот одтишол таму, забележал дека има народ, па влегол кај градоначалникот.
 
,,Ми ги даде парите и ми рече дека треба меѓусебно да си помагаме’’ – изјави Мемедов, додавајќи дека бил сведок како градоначалникот им дал пари и на две други лица кои тој не ги познавал.
 
Панов вели дека не се чувствува виновен, и дека се работи за политички монтиран процес. Тој додаде дека неретко им помагал парично на свои сограѓани од сопствениот џеб, од благородни причини.
 
Скандалот со поткупот на гласачи изби кога два дена пред изборите, поголем број на Роми биле забележани како влегуваат и излегуваат од Општинската зграда, велејќи дека внатре се делат пари. Случајот бил пријавен во полиција, по што откако дошле полициските службеници, Ромите се префрлиле во седиштето на Сојузот на Ромите.
 
Пресудата за случајот ќе биде соопштена во петок, во 11 часот.
Вики Клинчарова

Поврзани новости