Последното прибежиште на Никаквецот

by fokus

Пишува: Драган Алчинов

alcinov

Патриотизмот е последното прибежиште на никаквеците- пред повеќе од 200 години напишал англичанецот Семјуел Џонсон, но неговата изјава важи и денес и за Македонија. Семјуел Џонсон вели дека кога ќе се потрошат сите лаги, тогаш на ред доаѓа сеењето страв меѓу народот, пронаоѓањето (или создавањето!) на непријателот и остра реторика против него, со цел да се претстават никаквеците како спасители и да се спасат онолку колку што е тоа можно. Чиниш како пред очи да ја имал траекторијата на падот на ДПМНЕ- онаа банда никаквеци кои единственото засолниште можат да го најдат во ширењето ,,баба Рога’’ приказни за федерализација и двојазичност во Република Македонија.

Тажна е деволуцијата на ликот на Никола Груевски. Тој дојде на власт во 2006 година како технократ со ветувања за економски реформи, прогрес и брзи евроинтеграции. Наскоро потоа, за само неколку години, економскиот реформатор Груевски наместо да ја претвори земјата во економска сила, се претвори самиот себеси во главен бранител на името и идентитетот. Малку подоцна, Груевски стана и главниот архитект на проектот за антиквизација ,,Скопје 2014’’ но и главен архитект на оној несреќен обид за создавање нов национален идентитет. Денес, пак, 10 години по освојувањето на власта го гледаме во улога на борец против двојазичноста и федерализацијата на Република Македонија. Заменувајќи ги фактите со чувствата, проповеда страв откако увиде дека не е способен да донесе прогрес.

Истиот овој Никола Груевски кој го гледаме деновиве како шета низ Македонија ширејќи порака на страв и омраза е истиот оној Никола Груевски за кого јасно слушнавме како заткулисно договарал промена на името, помилување на Хашките случаи и кој го стави својот потпис на фамозниот Мајски договор. Истиот овој Никола Груевски кој сега е голем противник на федерализацијата е истиот оној Никола Груевски кој мудро молчи кога на Денот на албанското знаме делови од Македонија се преплавени со албански знамиња. И истиот овој Никола Груевски кој денес ветува дека ќе ја одбрани Македонија од двојазичноста е истиот оној Никола Груевски кој го прошири Рамковниот договор во делот на употреба на јазиците. Но, ниту самиот има трошка доблест, ниту пак неговите следбеници имаат доволно храброст и морална сила да му соопштат дека неговиот квази-патриотизам е всушност хипокризија и напредна фаза на патолошка состојба.

Мудриот Хераклит уште во 6 век пред Христа запишал: ,,Народот треба да се бори за Законот исто како што се бори и за крепоста на градот’’, односно народот треба да се бори за одбрана на границите, но треба да се бори и за одбрана на принципот на владеењето на правото. Вистинскиот патриотизам не значи само одбрана на државните граници. Денес во 21 век опасноста за воен напад од друга држава е минимална. Вистинскиот патриотизам денес е одбраната на Уставот и на институциите на државата. ,,Баба Рога’’ приказните кои ги раскажува Груевски треба да му послужат да го оттргне вниманието на јавноста од неговите злодела со кои го разруши уставниот поредок и институционалниот систем на државата и одговорноста да се префрли на некој непознат непријател (странски служби, клетите соседи, Масоните итн.).

Во времето на владеењето на Груевски, Република Македонија доживеа досега невидено подјармување. Во овие 10 тажни години, стотици илјади млади луѓе ја напуштија земјата. Некои од нив- засекогаш. Најголемите патриоти и бранителите на името и идентитетот придонесоа за тоа неброен број Македонци да се изјаснат како Бугари за да можат да добијат бугарско државјанство, во потрага по подобра иднина. Македонија стана рекордер по стапката на починати новороденчиња и родилки во Европа. Останавме рекордери по стапката на невработеност. Нема дом без кредит. Нема дом без некој иселен или некој кој планира да се исели. Нема дом кој не стравува за иднината. Успеавме да станеме најзадолжена земја на континентот; земја која не може да исплати плати и пензии ако не се задолжи. Сите извештаи на домашните и меѓународните институции кои се занимаваат со мерење на политичкиот прогрес сведочат дека Македонија е уназадена по сите критериуми. Македонија стана лидер во стапката на мизерија во светски рамки! Станавме неслободна земја. Земја во која корупцијата доживеа ренесанса, а криминалот цвета. Земја во која никој повеќе не верува во институциите. Земја во која најголем успех е да ја напуштиш истата.

И така, додека Груевци се чукаат во гради со нивната квази-историја ние ја губиме сегашноста. Додека ни раскажуваат фантазии, реалноста немилосрдно си го зема својот данок. Додека не’ плашат со приказни за баба Роги, тие самите ни се најголемата закана. Та може ли да биде патриот човекот кој е виновен за уништувањето на државата? Може ли да биде патриот човекот кој од својот народ украл милијарди евра? Може ли да биде патриот човекот кој е виновен за огромното иселување, за несреденото здравство, за хаосот во образованието, за меѓународниот срам на Македонија, за целото уназадување и за целосното осиромашување на духот и џебот на граѓанинот…? Може ли да биде патриот човекот кој го понижи и го клекна сопствениот народ на колена, во својата желба да изигрува некаков Луј 16 – ти?

Цврсто стојам на ставот дека патриот денес е оној кој ветува повторно воспоставување на државата. Оној кој ќе ги воскресне Уставот и институциите- ете тој е најголемиот патриот. Оној кој ќе успее да ги врати или барем да ги задржи младите овде во татковината- ете тој е најголемиот домољуб. Оној кој ќе успее да воспостави стабилна и сигурна правна држава во која граѓаните ќе имаат доверба. Оној кој ќе обезбеди функционално здравство, модерно образование, развиена инфраструктура…- ете тој е човекот кој си ја сака својата земја. Се’ друго се параноични приказни за мали деца со цел – спас на еден никаквец.

 

Поврзани новости