Архива: ПОРТРЕТ НА ГОРДАНА ГЕШКОВСКА: Обвинителка по ќеф на Фамилијата

by fokus

Текстот е објавен на 13 август во неделникот „Фокус“

Услов за напредок во обвинителската кариера е обвинителот да има голем успех во постапувањето по предметите. Поточно, обвиненијата да му се цврсти како карпа, за да може и пресудата да се заснова на нив и да биде издржана. Анализирајќи ги, пак, поголемите предмети зад кои стои името на актуелната скопска јавна обвинителка Гордана Гешковска, не се добива таков впечаток. Таа напредувала во кариерата иако дел од предметите ѝ паѓале како круши, односно не добиваат зелено светло од Апелација. Сега, пак, е исправена пред нов предизвик, дали да ги гони тие што ја „искачија“ на врвот!

 Пишува: Валентина Стојанчевска

Правосудните грешки многу скапо ги чинат граѓаните. Покрај нанесената неправда и изгубените години поминати низ судските лавиринти, а неретко и зад решетки, тие завршуваат и со нарушено здравје и углед, а понекогаш ги губат и семејството и работата.

За разлика од нив, пак, тие што ги сториле грешките, судиите и обвинителите, не се соочуваат со никаква санкција и не остануваат без работа, туку напротив, без пречка напредуваат во кариерата. Судиите се правдаат дека судат во името на народот, а обвинителите ја застапуваат државата, па и едните и другите се дистанцираат од индивидуална одговорност.

Славица Ристевска, по 17 години успешна полициска кариера, веќе осум години е без работа, и тоа не по сопствена вина, туку поради грешка на правосудниот систем. Таа и уште 46 колеги, царинари и келнери, во 2007 година, во случајот „Поткуп“, кој требаше да го означи стартот на „борбата“ на ВМРО-ДПМНЕ против корупцијата, беа уапсени поради сомнеж, а подоцна и обвинение, дека примиле мито.

Предметот најпрвин беше во рацете на актуелниот републички јавен обвинител Марко Зврлевски, но поради тогашното унапредување во скопски јавен обвинител, го наследи сегашната шефица на скопското обвинителство, Гордана Гешковска.

Судењето траеше четири години, по што обвинетите, по неколку месеци поминати во притвор и доживеани страшни трауми, добија ослободителни пресуди. Но, овој професионален неуспех ниту за момент не ја уназади или забави кариерата на Зврлевски или на Гешковска, туку напротив, како да ја забрза. За разлика од нив, Славица и ден денес е без работа.

Речиси сите овие случаи што требаше да посведочат за борбата на власта против организираниот криминал, на крајот, за жал, сведочеа само како примери за партиски егзекуции, што беше нотирано и во многу меѓународни извештаи. И во извештајот на Прибе е нотирано дека судството се наоѓа во партиски стеги, односно дека власта се меша во работата на третата власт, која секогаш не работи според Уставот и законите, туку според партиски нарачки.

Она што најчесто ги открива нарачките е фактот што обвинителните акти се пресликани зборови од полициските кривични пријави, а пресудите, пак, се препишани обвиненија. Доказите ги нема, но затоа секогаш имаат при рака некој заштитен сведок.

Јавна тајна е дека обвинителите и судиите кои, пак, постапувале во политички монтираните случаи, и кои иако не добиваа зелено светло од повисоките судски инстанци, завршуваат со скок во кариерата, иако основниот услов за напредок е успехот во постапувањето по предметите.

ГЕШКОВСКА ПО ВТОРПАТ ПАДНА НА СЛУЧАЈОТ „ИЗГРЕВ“

Фотелјата на Гешковска не ја разниша ниту неуспехот што го доживеа како обвинител во долгогодишниот судски случај „Изгрев“.

Од случај кој на стартот беше претставен како мегаскандал, поради наводна милионска финансиска малверзација, извршена од двајца браќа бизнисмени, сѐ поочигледно е дека ќе заврши како случај кој е срам за македонското правосудство и обвинителство, бидејќи навидум зацементираното обвинение се сруши како кула од карти.

Предметот во судските лавиринти е заглавен седум години, а неодамна првостепената пресуда по вторпат падна на Апелација, поради што на обвинетите ќе им се суди по третпат. Со првата пресуда, првообвинетите браќа Димитар и Георги Миладинови беа осудени на по 6,5 години затвор, а со втората на две и 2,5 години, што повеќе наликуваше на казна што е срочена колку да го покрие времето што го поминаа во притвор. И на двете судења, пак, обвинителката Гешковска го форсираше истиот обвинителен акт, иако уште првиот пат Апелациониот суд ја укина пресудата по барање на Вишото јавно обвинителство, кое потврди дека во него имало грешки, а постапката била водена погрешно и немало докази.

Токму затоа браќата побараа нејзино изземање од предметот и ја обвинија за наводна релација со судии и полициски инспектори што профитирале од судски процеси. Како што тогаш наведоа во барањето за изземање, имале сознанија за корумпираност и криминал директно од Гешковска, бидејќи и на повтореното судење, таа настапила со идентично обвинение.

Имаме сознанија за корумпираност и ги знаеме релациите. Со овој случај се докажа дека некои структури се посилни и од главниот и од вишиот обвинител, изјави тогаш Георги Миладинов.

Обвинителката можеше и да се повлече од случајот, бидејќи тогаш доби унапредување, а предметот остана под капата на обвинителството за организиран криминал, но таа реши да го води сѐ до неговата завршница.

Сега останува непознато дали Гешковска повторно ќе го води предметот, бидејќи од службата за односи со јавноста на обвинителството не одговорија на нашите прашања. Таа дури не се појави на објавувањето на последната пресуда. Засега едно е сигурно, дека процесот ќе се води пред нов изменет судски совет, по барање на Апелациониот суд.

Браќата Миладинови истакнуваа дека сега очекуваат ослободителна пресуда, со што ќе се стави крај на седумгодишниот терор.

Додека во Македонија има личности како Гешковска што работат по „налог“ и извршуваат партиски и бизнис-егзекуции, нема иднина во ниеден сегмент од општеството. Поради ова, јас лично барав нејзино изземање и бев одбиен од нејзиниот ментор. Барав случајот да го води обвинител со дигнитет и независен, впрочем како што налага законот кој треба да ги штити интересите на граѓаните, а не на поединците. Оној момент кога личности како Гешковска ќе заминат во историјата од сите пори на општеството, тогаш ќе имаме поле за рамноправен натпревар и развој со семејството на демократските европски народи, вели Георги Миладинов за „Фокус“.

НА ПОЧЕТОКОТ НА КАРИЕРАТА НАБАВУВАЛА ХАРТИЈА ЗА ОБВИНИТЕЛСТВОТО

Откако „Изгрев“ првпат падна на Апелација, Гешковска јавно беше укорена од тогашниот републички јавен обвинител Љупчо Шврговски. Тој дури во јавноста даде изјава дека Гешковска и уште една нејзина колешка, кои работеа предмети во одделот за организиран криминал, „немаат интелектуален капацитет за да постапуваат по предмети од областа на организиран криминал“.

Шврговски, уште претходно не ѝ ја даде поддршката на Гешковска кога се избираше за обвинител во организиран криминал во 2008 година. Тој гласаше против нејзиниот избор, но таа беше избрана и без неговиот глас. Пред изборот, Шврговски ја разреши од специјализираното одделение за борба против организираниот криминал и беше прераспределена во Скопското обвинителство, поради неефикасност во работењето.

Но, и покрај острите забелешки на Шврговски, обвинителката продолжи да ги работи предметите што предизвикуваа голем интерес во јавноста. Дел никако да добијат зелено светло од Апелација, а тие што поминаа, пак, добија епитети на политички монтирани случаи.

Текот на кариерата на Гешковска е познат во изминативе десет години, а од претходно не може со точност да се утврди, бидејќи никаде не може да се најде нејзината биографија. На сајтот на Јавното обвинителство е поставена само биографијата на Зврлевски, но не и нејзината. На интернет може да се најде податокот дека на 14 април 1998 година била избрана за заменик јавен обвинител во Скопје. Тогашниот избор се вршел во Собранието, а за неа гласале 69 пратеници.

Она што успеавме неофицијално да го дознаеме за нејзините почетоци е од разговор со нејзини поранешни колеги. Ни раскажаа дека кариерата ја почнала во тогашното Општо јавно обвинителство во Скопје, каде што работела како економ, односно административен работник, кој бил задолжен за набавка на хартија, пенкала, односно канцелариски материјали за потребите на обвинителството.

ОБВИНИТЕЛКАТА ШТО ДОДАВА НУЛИ

Повеќе од седум години низ судските лавиринти се влече и случајот „Змиско око“. И во овој предмет на обвинителката Гешковска ѝ беше тешко да ја докаже вината на 63-та обвинети за наводни финансиски малверзации на патарините. Со првата првостепена пресуда затворска казна добија 13 од обвинетите, но таа беше укината од Апелација, бидејќи истражните мерки не докажале ништо, а, исто така, забележаа и дека не е утврден износот на нанесената штета.

Воедно и падна тезата на обвинителството дека дел од обвинетите сториле злосторничко здружување. На повтореното судење, затворска казна добија само десетмина од обвинетите, а останатите добија условни казни или ослободителни пресуди.

Сега повторно се чека воспитната шлаканица од второстепениот суд. Дел од обвинетите ја тужеа и државата во Судот за човекови права во Стразбур, поради времето од 21 месец што го поминаа во притвор, а за кој предлозите ги даваше скопската јавна обвинителка. Судот пресуди во нивна корист, а истото го стори и за случајот „Изгрев“, кога одлучи дека браќата незаконски поминале 23 месеци во притвор.

Гешковска се „прослави“ и со случајот „Пајажина“, во кој првообвинет беше сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски. Покрај политичката заднина на случајот, додека го пишуваше обвинителниот акт, обвинителката направи и сериозна грешка. Односно, утна во пресметките за висината на наводно затаениот данок, кој го зголеми за неверојатни 1,5 милион евра. За изненадување, тогаш Шврговски застана во нејзина одбрана, односно истакна дека нејзината техничка грешка не влијаела врз самиот тек на постапката.

Гешковска не сакаше ниту да се повлече од случајот „Монструм“, за петкратното убиство кај Смиљковско езеро, иако во тој период беше унапредена. Овој случај сега е пред второстепениот суд, а набргу се очекува одлука на Апелација.

Обвинителката, во овој случај, се задржа на насоките што ѝ беа дадени од МВР, односно дека станува збор за припадници на исламскиот радикализам, кои војувале во исламските земји, а убиството го извршиле поради заплашување на македонското христијанско население. Сепак, македонската јавност докрај не беше убедена во мотивот, а не се докажа ниту тезата дека обвинетите војувале во странство и дека се исламски радикали. Таа вниманието дополнително го сврте кон себе за време на завршните зборови за случајот, кога говореше во име на обвинетите и изговараше реченици кои тие никогаш ги немаа кажано, со што наводно го признале делото.
Не е случаен денот Велики четврток, кога се случи убиството кај Смилковци. Намерата била да се убијат само машки млади лица од македонска националност и христијани. Пораката е – пукаме на Велики четврток. Заклучок – за да ви биде крвав Велигден. За да ви ја уништиме верата. Пукаме во машки млади луѓе за да ви ја уништиме нацијата. Заклучок – пукаме во иднината на државата. Зар ова не говори доволно за мотивот за извршување на кривичното дело и за намерата да се предизвика чувство на страв и несигурност кај граѓаните, праша Гешковска во завршниот збор.

На нејзиниот начин на изразување жестоко реагираше народниот правобранител Иџет Мемети. Тој тврдеше дека обвинителката не постапила професионално и дека само се обидувала да задоволи нечиј ќеф.

Гешковска ја предводеше и невообичаената прес-конференција, летото 2013 година, на која информираше за сообраќајката во која загина новинарот Никола Младенов, а на која присуствуваа и обвинителот Зврлевски, претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, истражниот судија Душан Јосифов и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Сите собрани заедно истакнаа дека сообраќајката во која загина Младенов е несреќен случај, и покрај многубројните отворени сомнежи и дилеми на кои не дадоа одговор.

Најголема енигма се чини беше исчезнувањето на мобилниот телефон на новинарот, за кој Гешковска истакна дека не го нашле, но не го ни барале бидејќи не бил потребен?! Исто така, сомнеж отвори и верзијата за тоа како е откриена несреќата. Според првата верзија, Младенов бил лоциран според мобилниот телефон, а потоа Гешковска рече дека несреќата ја пријавиле двајца вработени во „Македонија пат“. Таа негираше и дека новинарска екипа на „Нова Македонија“ пронашла фискални сметки од патарини на местото на несреќата и дека тие биле предадени во полиција, иако новинарите го тврдеа спротивното, за што имаа и доказ.

ЈАНКУЛОСКА И МИЈАЛКОВ ЈА ИЗБИРАА ГЕШКОВСКА, А СЕГА ТРЕБА ДА ГИ ГОНИ

 Името на Гешковска се појави и во прислушуваните разговори што ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Објавувајќи ја 20-та бомба, Заев истакна дека граѓаните ќе слушнат како директорот на УБК Сашо Мијалков со министерката Гордана Јанкулоска, по претходна координација со јавниот обвинител Зврлевски одлучуваат кој ќе биде избран за јавен обвинител. Разговорот наводно е воден на 17 април 2013 година, а наредниот ден Гешковска беше избрана за заменик на републичкиот јавен обвинител.

Сашо Мијалков: Види, утре треба да се бираат, ќе ја бираме Гордана Гешковска, знаеш тоа?
Гордана Јанкулоска: Аха, да, да, нели тоа шо договоривме.
Сашо Мијалков: И треба да се бира еден јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје.
Гордана Јанкулоска: Аха. Така.
Сашо Мијалков: Дали имаш ти некоја ургенција?
Гордана Јанкулоска: Абе види, нели тогаш ги гледавме ние заедно ако ти текнува, кога бевме кај Марко. Ние ургенции имаме, ама работава е што таму по закон само со академија може да се бираат. И тоа беше проблемот. Знаеш, нема веќе од надвор.

Од разговорот се заклучува дека луѓе од владата решаваат кој да биде избран за обвинител, иако формално тоа го врши Советот на јавни обвинители, составен од „независни“ членови.

Пред да стапи на оваа функција, Гешковска работеше како обвинител во Обвинителството за организиран криминал, како дел од тимот составен во времето на ексобвинителот Александар Прчевски.

Сепак, набргу, по само еден месец од изборот, обвинителката ја замрзна новата функција, бидејќи беше избрана за шефица на Скопското јавно обвинителство, со мандат од четири години.

На обвинителката Гешковска, која е надлежна за постапување по предметите од незаконското прислушување, со именувањето на специјален обвинител, според договорот за излез од политичката криза, би требало да ѝ се симне товарот од нејзините плеќи. Но, таа и понатаму ќе продолжи да им ја решава судбината на „обичните“ смртници.

ГЕШКОВСКА СТОЕШЕ И ЗАД ОБВИНЕНИЕТО ЗА „ГОЛЕМОТО УВО“

Во рацете на обвинителката Гешковска, сега се и материјалите од „бомбите“ што ги објави опозицискиот СДСМ. По многубројните критики во јавноста и најавата дека специјален обвинител ќе постапува по овие предмети, обвинителството излезе со соопштение. Од таму уверуваа дека почнале да работат, а на распит повикале и дел од властодршците, но не и премиерот Никола Груевски, иако од СДСМ и против него поднесоа кривични пријави. Неговото име никаде не се споменува во долгото соопштение.

Интересно е тоа што обвинителката има искуство со вакви предмети, односно во 2001 година таа го потпиша обвинението против тогашната министерка за внатрешни работи Доста Димовска, по објавувањето на аферата за прислушување „Големото уво“, а истрагата ја водеше сегашниот јавен обвинител Зврлевски. Предметот заврши со аболиција што ја потпиша тогашниот претседател Борис Трајковски.

ОБВИНИТЕЛКАТА ЈА ЧУВА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ

Од крајот на 2012 година, обвинителката Гешковска е во постојана придружба со полициско обезбедување. Ѝ беше доделено откако се зафати да го пишува обвинителниот акт против осомничените во случајот „Монструм“. Обезбедувањето ѝ е сенка и додека е во судница, но и откако ќе ѝ заврши работното време.

Не се плашам. Јавна тајна е и дека имам обезбедување. Но, и без тоа се чувствувам безбедно. Работам според законот и немаше да се занимавам со оваа работа ако се плашев, изјави Гешковска за „Дојче веле“.

ГЕШКОВСКА БЕЗ ИМОТ!

На сајтот на Државната комисија за спречување на корупцијата може да се забележи дека обвинителката Гешковска пријавила имотна состојба во времето кога била на функцијата заменик јавен обвинител.

Во извештајот пишува дека поседува трансакциска сметка и две денарски платежни картички, но нема податок колку средства има на нив. Во извештајот не пријавила никаков имот, туку само се посочува имотот на нејзините родители, а тоа е стан од 70 квадратни метри, во вредност од 19.500 евра.

 

Поврзани новости