Почнаа заканите и притисоците врз студентите, да не излегуваат на студентски марш

by Fokus

На неколку дена пред најавениот студентски марш на 10 декември почнаа притсоците и заканите врз дел од студентите, информираа од Студентски пленум. Тие на својата фан страна на фејсбук споделија преписка, во која на студентка од внатрешноста и се врши притисок да не излегува на новиот студентски марш.

Дел од нив не сакаат јавно да зборуваат на оваа тема, плашејќи се дека на тој начин можат повеќе да си наштетат. Според неофицијални информации на „Фокус“ веќе неколку денови во студентските домови се врши притисок и закани врз повеќето од студентите да не излегуваат на закажниот марш, бидејќи во спротивно ќе има последици. Дел од нив добиваат закани дека наводно можат да останат без студентски места, додека дел биле убедувани дека СДСМ го организирала маршот….

– Веќе неколку денови доаѓаат и нѐ убедуваат да не излегуваме на студентски марш, бидејќи на тој начин само си правиме лошо на нас. Луѓето што доаѓаат  тврдат дека протестите се организирани од СДСМ и Сорос и дека на тој начин сакаат само да не искористат. Јас сум свесен дека студентскиот марш е против државниот испит и тука нема никаква политика. Тоа го правиме за доброто и на нас и на идните генерации. Доста ни е веќе од партиски етикетирања – тврди студент од внатрешноста, кој сакаше да остане анонимен.

Пред неколку денови премиерот Никола Груевски излезе и јавно ги обвини студентите дека се партиски мотивирани, алудирајќи дека на новиот студентски марш ќе излезат помалку студенти.

–  На наредниот протест ќе излезат помалку луѓе. Најголем дел од нив ќе бидат од подмладокот на СДСМ. Ако првиот пат кога излегоа на протест не беа информирани за концептот, сега точно се знае дека не е екстерно тестирање, туку државен испит и дека нема да ги опфати генерациите кои веќе се запишани на факултет – истакна премиерот Груевски.

Првиот студентски марш се одржа на 17 ноември, каде излегоа околу 3.000 сдтуденти и гласно кажаа „не“ на екстерното тестирање. Новиот марш е закажан за 10 декември, а на него се повикани сите студенти, средношколци, професори и роднини.

 

Поврзани новости