Почина поетесата и новинарка Лилјана Дирјан

by fokus

Денеска на 64-годишна возраст во Скопје почина поетесата и новинарка Лилјана Дирјан.

Дирјан е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Била на студиски престој во Париз како стипендист на француската влада и Фондацијата Губелкијан. За своето творештво е наградена со признанијата „Студенстки збор“ и „Браќа Миладиновци“.

Поезијата на Дирјан е преведувана на повеќе јазици и застапена е во антологиите на македонската современа поезија. Долги години Лилјана Дирјан беше главен уредник на списанието „Жена“, а беше и една од основачите на Друштвото на независни писатели на Македонија. Позначајни збирки поезија се „Природна појава“, „Жива мера“, „Пелин поле“, „Тешка свила“, „Приватни светови“, што беше и македонскиот претставник за наградата „Балканика“ во 2008 година, „Саѓе врз снегот“. Лилјана Дирјан ќе остане запаметена како голем соработник за литературното поврзување на регионот и како една од основачите и уредниците на познатото списание „Саревски тетратки“.

По повод смртта на истакнатата македонска поетеса и новинарка, Министерството за култура испрати телеграма со сочувство до семејството.

Поврзани новости