Петковски: ВМРО-ДПМНЕ врши класична опструкција, толку долги дебати имаше само кога ги поставувавме темелите на државата

by fokus

ВМРО – ДПМНЕ, спротивно на државните интереси има цел да држи статус кво во Собранието на Република Македонија, да ги компромитира инситуциите пред меѓународната јавност, да ги опструира реформите, а не преку борба на мислења во законодавниот дом да придонесе за напредокот на државата, оценува Тито Петковски во изјава за Плусинфо.

Петковски вели дека не памети во својата долгогодишна политичка кариера, дека за која било точка поставена на дневниот ред во законодавниот дом имало толку многу пријавени пратеници за збор на собраниската говорница, како што има за разрешувањето на јавниот обвинител Зврлевски.

„Такви расправи и дебати водевме кога ги удиравме темелите на државата, тогаш се носеа историски одлуки и нормално беше да се дискутира со денови по определени точки во Собранието. Во случајов не станува збор за одбрана на државните интереси, туку за оддолжување на чинот на разрешување на обвинителот Марко Зврлевски и за блокирање на реформските процеси во државата“, вели Петковски.

Според него пратениците на ВМРО – ДПМНЕ вршат класична опструкција на работата на Собранието.

„Јасно е која е целта на ВМРО – ДПМНЕ и со формирањето на  десетте пратенички групи – да се направи застој, да се компромитираат институциите“, коментира лидерот на НСДП за Плусинфо.

Петковски додава дека расцепкување на пратеничка група од една партија нема ни во европскиот парламент – левите партии, како што вели, се во една група, народните во друга, либералдемократите во трета. Сите тие бранат исти ставови и нема потреба од поделби.

 

Поврзани новости