Народни и забавни пејачи и музичари, чии имиња добар дел од јавноста ги слуша за прв пат, подзаборавени пејачи кои биле биле актуелни на сцената пред една или две децении се дел од избраните на конкурсите за финансирање на македонска музика.

Сите тие ќе добијат високи суми за избраните композиции. Носител на конкурсите е МРТ, а списоците со одбиени и примени композиции е објавен на нивната официјална интернет страница. Објавените списоци деновиве предизвикаа револт кај граѓаните, кои апелираат да се пренаменат овие средства за болни лица и социјално загрозени семејства.

Од почетокот на носењето на законот за субвенции на домашната музика, кон крајот на 2013 година, до сега, потрошени се околу два милиони евра за оваа цел. Според објавената одлука за избор на изведувачи и нови композиции, комисијата која одлучувала за конкурсот за поддршка на домашната музичка индустрија во третиот квартал од 2017 година била во состав – Константин Карев – претседател, Бекир Алиу, Панче Илиев, Благоја Здравковски и Деан Ќурчиев како членови.

Комисијата одлучила да бидат избрани следните изведувачи, односно автори и комозиции: Во категорија таленти, народна музика, Филип Пешевски, додека во забавна музика Валентино Стојановски. Во категорија афирмиран изведувач, народна музика, Мухамедали Амети и Анета Цветковска Малинкова, додека во забавна музика Анета Василева и Христијан Димитриевски. Во категорија истакнат изведувач, во народна музика, со две песни Милена Јовановска, Ирена Спасовска и Јовица Мицевски, додека во забавна музика Иле Спасев со две песни, и Горан Наумовски, исто така со две песни. Во категорија врвен изведувач, народна музика , Ѓорѓи Крстевски, а во забавна, Александар Ристовски – Принц со три песни, Ристо Самарџиев, Кристијан Габроски и Бајрамаљи Идризи. Тие добиваат по три илјади евра. Во категорија детски композиции, Ангелина Мицковска со три песни, Блаже Алексовски со три песни, Александар Мицковски и Ана Пандевска. 32 илјади евра се наменети за овие композиции.

Во категорија композиции со кои се афирмира историјата на Македонија, Анета Василева, а во категоријата композиции со кои се афирмираат семејните вредности во општеството и многудетните семејства, Кристијан Тасевски и Денис Димовски. Во категорија ѕвезди, народна музика, со две песни Али Бајрам, во забавна музика со две песни Авни Аљији и Дарио Панковски, исто така со две песни. Законот за поддршка на македонската музика беше донесен во 2013 година, кога министерка за култура беше Елизабета Канческа Милевска и досега од буџетот се потрошени два милиони евра за оваа намена.

Неодамна министерството за култура најави дека истиот ќе се укине, бидејќи не дал позитивни ефекти. Јавноста веќе реагира на социјалните мрежи во врска со субвенциите. Освен што се упатени критики на сметка на високите суми кои што ги добиваат избраните музичари (на пример, во категорија ѕвезди, изведувачите добиваат по 4.500 евра, од кои 3.000 евра за аудио снимање и 1.500 евра за спот) има голем број на реакции и по повод изборот. Најчестите критики се во врска со тоа што голем дел од наградените се на некој начин подзаборавени или пејачи за кои голем дел од јавноста не слушнал, а веќе се започнати и иницијативи на социјалните мрежи во кои се апелира средствата да се пренаменат за болни лица и социјални случаеви.

Во образложението објавено на страницата на МРТ се вели дека законот за поддршка на домашната музичка продукција, со цел поттикнување на развојот на домашната забавна и народна музика, ЈРП Македонска радиотелевизија Скопје, со средства од буџетот на Република Македонија, а по пат на конкурс, секоја година ќе финансира по 200 нови композиции. Од министерството за култура не одговорија на нашите повици со цел да дознаеме кога и дали конечно ќе биде укинат законот кој неколку години по ред предизвикува револт кај јавноста.

Вики Клинчарова