Опозицијата му порача на СОНК да не се обесхрабрува

by Фокус

Mу порачуваме на СОНК да не се обесхрабрува поради притисоците и заканите на власта. Власта е таа што се исплаши од големото незадоволство во образованието и затоа крши Устав, закони и меѓународни конвенции и употребува лаги, изјави денеска претседателот на Комисија за образование и наука на СДСМ, Петар Атанасов.

Тој вели дека независно што по некои медиуми, во овие моменти излегува информација за наводен договор помеѓу СОНК и Владата, СДСМ ги поддржува барањата на СОНК и инсистира Владата да ги сфати сериозно.

– Власта деновиве грчевито, со сите сили и од сите страни се обидува да не успее штрајкот на наставниците и професорите не избирајки средства за тоа! Да разјасниме:  Според Уставот на Р.Македонија, член 38, правото на штрајк е гарантирано – потсети Атанасов.

Според него казни не се предвидени доколку родителите не ги пуштат децата на настава, во време на штрајк, туку санкции се предвидени за родителите кои не ги запишале или не ги пуштаат воопшто своите деца на настава.

– На што личи заканата на министерот за родителите кои нема да ги пуштат децата на училиште поради најавениот штрајк, дека ќе биле казнети со по 2.000 евра?- праша Атансов.

Тој додаде дека лага е оти наставниците кои ќе штрајкуваат, ќе останат без плата.

– Самиот министер Адеми на општините и директорите им појаснува дека согласно колективните договори од областа на основното и средното образование потпишани од Министерството за образование и СОНК: Работодавачот е должен да исплати надоместок на плата за работниците за време на штрајкот, во висина од основната плата на работникот, како и придонеси, доколку Синдикатот организирал штрајк поради кршење на правата, или зголемување на правата на работниците – објасни Атанасов.

Поврзани новости