ОМД ги осудува 69-те пратеници за усвојувањето на законот за јазиците и бараат од Иванов да не го потпише

by Fokus

Обединетата Mакедонска Дијаспора (ОМД) остро ги осудува 69-те пратеници во Собранието на Република Македонија за усвојувањето на законот за јазици кој ќе го кодифицира албанскиот јазик како официјален јазик на целата територија на Република Македонија.

ОМД во рeакцијата порачува дека македонската заедница надвор од Македонија нема да го толерира редефинирањето на македонскиот национален идентитет, како и дека историјата ќе им суди на оние кои го изгласаа овој закон.

„Законот не е потврден од Венецијанската комисија на Советот на Европа и ја придвижува земјата на чекор понатаму да стане федерална држава, загрозувајќи го унитарниот територијален интегритет на Македонија. Нема историска основа или демографски причини за Македонија да има биетнички идентитет како Белгија“, се вели во соопштението од ОМД.

ОМД го повикува претседателот Ѓорге Иванов да не го потпишува законот, а САД и ЕУ веднаш да го осудат овој акт на Собранието. Исто така бара Македонија итно да спроведе попис на населението, а опозицијата да престане да го бојкотира Собранието, како и нивните претходници, да се врати на работа, претставувајќи ги интересите на нивните изборни единици.

Законот, според ОМД, е неуставен и служи за за понатамошна поделба на Македонија по две етнички и религиозни линии, што е сосема спротивно на Македонија и нејзините цели за мир и соработка со соседите и стабилноста во целиот регион.

„ОМД смета дека ниту едно малцинство во Македонија не треба да има преференцијален третман врз другите, а Македонија мора да престане да создава паралелни општества“, се додава во соопштението.

Поврзани новости